Потребно време за читање: 2 минути

Руска политичка сцена:

Радиото „Ехото на Москва“ објави дека руските опозициски политичари и критичари на Кремљ Гари Каспаров и Борис Немцов основале нова политичка формација- „Солидарност“, во која ќе дејствуваат претставници на различни социјални групи.

Дали се работи за движење или партија е главното прашање што го поставуваат проследувачите на актуелните состојби во Русија (не само политички). Останува да се почека идната пролет, за кога е најавено објавувањето на политичката програма.Засега е „валидна“ постојната констатација: дека традиционално расцепканата руска опозиција подолго време се обидува да се обедини против, како што истакнува таа, се поавторитарниот Кремљ.

Во основачкото собрание учествувале 300 опозициски политичари од 45 региони, а помеѓу присутните имало членови на повеќе организации, граѓански движење и партии, вклучувајќи ја и либералната партија „Јаблоко“.

Според економистот Владимир Милов, во руската историја за првпат е создадено „вистинско демократско движење, кое опфаќа илјадници луѓе“.

Мошне индикативна е реакцијата на руската власт: најновите протести на опозицијата во Москва, во организација на Гари Каспаров, полицијата ги растури со апсење на 90- мина демонстранти. Тие имале намера да го изразат своето незадоволство од политиката на Кремљ во време на економската криза и намерите за промена на Уставот.

Прочитај и за ... >>  Амбасадор „ѕвездочитач“

Всушност, протестите и не се одржаа (не барем според планот- на еден од плоштадите во центарот на градот), не беа одобрени, а припадниците на силите на безбедноста ги блокираа сите приоди. Оние што успеале да стасаат на плоштадот се соочија со огромен број на полицајци.

Западни известувачи јавија дека во текот на протестот биле доведени дури и волчјаци, а припадници на „Млада гарда“- младинска организација блиска на Кремљ, се искачиле на покрив од кој фрлале летоци на кои Гари Каспаров е обвинуван дека е „американска марионета“.

Ова не се први протести и апсења годинава. Ќе потсетам на истите случувања на почетокот од мај, во пресрет на инаугурацијата на новиот претседател на државата. Нив ги организираше „Друга Русија“, мала група која собира широк спектар на опозициони ставови- од либерални реформисти до необољшевици, а на чие чело беше (веројатно веќе не е ) Гари Каспаров. Притоа беа уапсени 50- тина луѓе.

Дали руската опозиција од ден на ден станува се поорганизирана, посплотена, поединствена, помобилизирана, а со самото тоа посилна од кога било досега, или, пак, е во прашање „пенетрација“ на Западот во „путинизмот“? Прашањена кое засега тешко може да се одговори.

Прочитај и за ... >>  Предупредување и оправдување

Во секој случај, „Солидарност“ е уште еден проблем што на Медведев и Путин им го задава прославениот светски шаховски првак, а сега опозиционен лидер, Гари Каспаров. И сигурно е дека во иднина се потешко ќе се „справуваат“ со него. Нивната сегашна и идна политичка борба ја усложнува глобалната економска криза која веќе ја „тресе“ и Русија. А за која, да потсетам, претседателот Дмитриј Медведев ги обвини САД.

Судејќи според она што се случува и допрва ќе се случи (драматично засилување на економската рецесија, а чија „вообичаена“ последица е отворање на воено жариште со што „спасител“ пак, како многупати досега при финансиски и економски кризи на Западот, а особено на САД, ќе биде воената индустрија- производството, продажбата и трошењето на оружје со неизбежните „колатерални штети), можеби има право- од нив (заедно со сојузниците односно „пријателите“) е смислена и вешто „оркестрирана“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here