Потребно време за читање: < 1 минута

88. Роднинско запознавање

Цел ден сновеа низ просториите на куќата-кујната, бањата, дневната соба, спалната, ателјето. Возбудени, нервозни, збунети, молчаливи, замислени. Во исчекување. По толку време живот и живуркање, болештина, вкочанетост; па болно лечење и опоравување како ново раѓање, одново учење на сѐ-одење, раздвижување на телото; прозборување, учење на говор, на прости и сѐ посложени зборови; одржување, поддржување, поттикнување на творечката енергија; сликање портрети во секакви положби, ситуации и расположби…

Веќе е квечер. Љуба, нејзината самобитна сенка и Самобитна сенка со нетрпение очекуваат секој миг да заѕвони на вратата Аврам или кој било од неговото семејство. Да ги пречекаат, да се запознаат, за првпат да бидат заедно некој час и…да, да се зближат. Па роднини се, ближни, семејство.

Аврам стои на прагот-во темносив струкиран костим, бела кошула, црвена вратоврска и црни чевли; зад него сопругата Светлана, средовечна но младолика дама-синоока, со долга црна коса, во бел раскопчан мантил, црвена кошула, црно кожено мини здолниште под него и сиви чевли со високи потпетици; до неа двете ќерки Анета и Билјана, тинејџерки-на дванаесет-тринаесет години, кои многу личат на татко им, со кратки шатирани коси, облечени во џинс, бели маички и црно-бели високи патики со крзно.

Прочитај и за ... >>  САМОБИТНАТА СЕНКА И ЉУБА, роман во продолженија

Меѓусебно запознавање, срдечни насмевки, соблекување, раскомотување, седнување на трпезата; на чело Аврам.

Љуба неколкупати повторува дека таа, нејзината сенка и Самобитна сенка се неописливо среќни оти се конечно заедно, по толку многу години незнајно и таено роднинство.

(Автор на сликата: Едуар Вилар, Франција)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here