Секој ден, речиси по цел ден и во не мал дел од ноќта. Еднакво кога пишувам, допишувам, запишувам или препишувам. Еднакво кога физички се трошам во што било и за што било.
Се разбира, никогаш едновремено. Не оти е невозможно, ако не сѐ можно е барем со две или три, туку поради времето што ми преостанува откако ќе ги поминам или ќе ме одминат сите банални секојдневности. А тоа никогаш доволно.
Премислувам-значи сум поставен или самиот сум се поставил во однос на некои нешта (множина): предмети, појави, пројави, состојби, процеси. За да ги осознаам, за да ги откријам, согледам, процесуирам. Притоа, поважна е мојата поставеност отколку нештата (множината).
Во прашање е лична позиција (моја) од која тргнувам за да продолжам, а да не запрам. Поважна е мојата поставеност, а најважен е потгтикот за творечка авантура-предизвикот, неспокојот. Премислувам помеѓу, не поради определба за едно или друго, за или против, туку поради потврда на сопствениот идентитет.
Промислувам-значи сум запрен или ме запреле пред некое или пред некои нешта (во еднина или множина, зависи од моќта на концентрацијата), а за да си одговорам на вообичаени, дури банални прашања: зошто, кога, каде, колку, дали. Ова последново-дали е многу почесто од другите.
Дали го оправдува промислувањето на нешто? Суштината на каков било одговор е-сомневањето. Со дали се потврдува правото на сомневање. Тоа е тоа. Право на сомневање. Тоа право никој не може да им го одземе на промислувачите и творците, а над сѐ на мислечките луѓе. Тоа е основа на промислувањето.
Разграничувам-значи доаѓам до, значи стасувам на крајот. Кога мора да биде крај, за да биде почеток. Ништо полесно, но и ништо потешко. Ништо полесно да биде крај, ништо потешко да биде почеток.
Крајот како почеток, почетокот како разграничување на некои нешта од нешто сешто (множина). И не знам дали тоа што го домислувам некого ќе премисли.
Домислувам:
На пример, што се случува со мене кога не сакам ништо да напишам? Ниту ред-стих, ниту збор, ниту слог, ниту буква. Проблем е што не се случува ништо, а тоа воопшто не е поттикнувачко.
Кога не сакам ништо да напишам, излегувам надвор од моите четири ѕида, се искачувам на врвот од планината до градот, и молчам загледан кон соседната планина, мошне далечна од мене. Со свои врвови.
Навистина не се случува апсолутно ништо. Ниту со мене, ниту во мене, ниту на врвовите!