75. По маргиналност и безличност
Го побарав негде Аристотел, од моите најблиски пријатели кои ми се наоѓаат кога нешто не ми оди како што сум намислил или кога се обидувам на нешто да се спротивставам; обино на процес или состојба. Ме зачуди што не го најдов на нашето старо место, на кое обично се среќававме за да размениме, поначесто да сопоставиме наши гледишта. Секогаш повеќе, обично обусловени, а многу ретко едно за што-годе: во пештера на Голиот рид, над градот.
Доколку внимателно се следат нужните и случајните собитија, пред сè повразните со моите расположби, но во последно време сè почесто со моето искачување по стрмнини и удолнини на секојдневјето, лесно може да согледа дека јас всушност незабележливо се простувам со пријателите. Токму како најблиски живи, а одамна или од скоро мртви. Мислам дека секој ќе се согласи дека тоа што досега со многумина од нив се сретнав, и ќе се сретнам за последен пат надвор од нивниот простор сосе нивното време, е најмногу зависно од доследноста на моите промислувања за изминатиот живот.
За мене дефинитивно Аристотел е уште жив. Веќе не сум во дилема јас самиот зашто не знам ни дали е уште жив како дамна жив или е дамна мртов како жив. Си го потврдив тоа најмногу со неговото учење за етиката. Како неспорно во секое, па и во нашето заедничко време. Се разбира, мислам на „Никомахова етика“.
Никогаш досега не сум го чул да зборува за него како за свое дело, како негов создавач. Но, кога зборува секогаш го изделува учењето на Аристотел за градењето на карактерот преку повторливите доблесни избори и пријателството.
Ме изненади, просто ме вчудовиди, како да сака да ме стави во недоумица:
-Тебе уште не ти е прифатливо ни пред исчезнување, а мене ми е разбирливо оти не прифаќаш дека јас не сум Аристотел. Само се викам Аристотел. А инсистираш да разговараме за суштината на мојата „Никомахова етика“. Поради врвното добро-среќата, поточно блаженството на човекот, неговата душа која целосно дејствува во согласност со доблестите? Можеби не се согласуваш со мојата поделба на доблестите на интелектуални и морални? Не ја прифаќаш теоријата за златната средина? Не ти е прифатлив вистински и доблесен живот во рамките на општеството и државата? Не се согласуваш со мене дека човекот е социјално и рационално суштество?!
Успеав да му влезам во зборот:
-Нема зошто да не се согласувам или да не прифаќам. Дури и тврдењето дека не си Аристотел, а се викаш Аристотел зашто зборуваш за „Никомахова етика“ како твое дело. Веќе сме подолго време пред исчезнување, па ако сметаш дека конечно треба нема зошто да оддолжувам. Ќе го раскажам главното приклучение во кое ти и Јас или Тој и Тој или Јас се главни, можеби единствени ликови.Тоа значи дека ова е наша последна средба…Сепак, мислам дека поради нас самите треба да се позанимаваме со практичната мудрост, како способност за правилно расудување и донесување одлуки во обичниот живот, и со пријателството од корист, задоволство и засновано на доблест-според тебе највисокото и вистинското.
Продолжи како воопшто да не ме слуша:
-Би требало досега да согледа од нашата дружба дека практичната мудрост е во врска со староста и болеста, исто како пред умирање. На пример зошто не слегувам долу, во градот; да се замешам во луѓе дури уште имам мое време. Зошто не ни помислувам да ја напуштам пештерава на Голиов рид. Ниту, пак, ме интересира дали на граѓаните им е знајно или не зошто во неа сум заживеал од којзнае кога.
Додаде:
-Јас сум Аристотел и за очекување е со мене да е „Никомахова етика“. Особено кога имам доволно време за следење и промислување на неговото учење. Не треба никој да се прашува дали сум ја прочитал и ја читам. Штом е со мене, и кога ми треба и кога не ми треба…Многу нешта во неа споделувам, но и со многу нешта не можам да се согласам.
Го прашав:
-На пример?
Се изнасмеа гласно, па одговори замислено:
-Знаеш, драг мој пријателе Јас или Тој и Тој или Јас, досега многупати сум ти повторил дека мене најмногу, да не речам единствено ме интересира суштината на личноста. Не дали нејзината природа е непроменлива, како што тврди Платон, или таа се менува постојано, како што аргументира Аристотел.
Му влегов во зборот малку нервозно:
-Најважно е што пак те гледам жив пред мене…Им дозволуваш ли на луѓето, кои одвреме-навреме се качуваат на Голиов рид за да подишат чист воздух, да влезат во пештерава? Или уште живееш во неа како да е само твоја?…Мене ми изгледаш како да веќе не си ти, како конечно Аристотел да исчезнал.
И овојпат, како многу пати Аристотел се загледа молчешкум во мене некое време, па одговори со спокоен глас:
-Зарем помислуваш дека на луѓе кои влегуваат одвреме-навреме би им било пријатно да ме видат ваков испостен, брадосан и со набрчкано лице? Притоа да им објаснувам дека постојам како никогаш да не сум постоел, како да сум едновремено жив и мртов?
Јас:
-Добро, во право си…Сега за мојата намера во врска со пријателството воопшто и нашето посебно. Тоа ми е многу важно. Верувам и за тебе…Се согласувам дека е недозволиво да се нема најблизок пријател. Дури мислам дека тоа воопшто не е можно.
Аристотел, откако се изнасмеа екотно, свртен кон пештерата:
-Нашето пријателство, драг пријателе, во најголема мера се темели на нашите и на моите и твоите доблести. Јас како Аристотел, а ти како Јас или Тој и Тој или Јас. Сме биле во секакви состојби, собитија, доживувања и преживувања. Сега сме на крајот или на почетокот за брзо да останеме без траги во сеќавањето на минати времиња во пештерава.
Констатирав:
-А пештерава исчезнува сè позабележливо…Да те потсетам, да се повторам: Аристотел ги препознал интелектуалните доблести, главно мудроста и разбирањето, и практичните или моралните, можеби пред сите други храброста и воздржаноста…Дали само ми се присторува или сега навистина не е со тебе „Никомахова етика“. Пред разделба?!
Аристотел:
-Ја оставив во најтемниот агол на пештерава. Нема да исчезне со неа. Нека го чека следниот Аристотел…Нашето доблесно пријателство, драг мој Јас или Тој и Тој или Јас е трајно, овековечено, во сублимно време без простор, во пештерава како даденост и неменливост, на Голиов рид…
Го прекинав подналутено:
-А што е со вонвременското создадено или во создавање?! Го заборави или го отфрли за да бидеш колку може послободен?! Ги негираш вредностите наспроти минливостите и маргиналностите?…Следниот пат…
Ме пресече како занесен:
-За нас веќе нема следен пат…Се ослободува оган со векови заробен во Голиов рид. Скоро ќе потече кон подножјено, ќе го покрие запустенион град, без жива душа…
Во еден миг се најдов сам. Ни трага ни глас од Аристотел. Што се случи?!
Конечно се случи приклучението! Она што го одлагав постојано, од мое дамнешно време до денес:
Аристотел исчезна без јас да го забележам тоа. Мигум. Без никаков знак ни на небо ни на земја. На Голиот рид над запустениот град, пред Аристотеловата пештерата бев само јас. Во молк.
Постоеше? Секако. Постои? Којзнае.
Којзнае дали ја слушна мојата порака мојот најблизок, мојот доблесен пријател:
Секој исчезнува неминовно. И физички и во паметењето. Различно. Оставајќи нешто загадочно како своја трага. Го разбирам твоето исчезнување како оган.
Не верувам дека се негови коските што ги откопаа неодамна крај патот кој води до Огнената река, меѓу камени ѕидини на два непознати древни града во дамнина.










