Потребно време за читање: 5 минути

Не е првпат пратениците (во друг- претходен состав) во некој „необичен“, па и клучен момент да го покажуваат сопственото бесрамно лице кога станува збор за личниот интерес, односно за нивните привилегии. И она што им е „пропишано“ се разоткрива како „ненормално“, а пред се недостојно- недостоинствено, па и нелогично и смешно.

Договореното- да се донесат трите закони што ги бара Брисел за Република Македонија наесен да добие позитивен извештај од Европската комисија и препорака за почеток на преговорите со ЕУ- ќе биде испочитувано? Којзнае. Не поради бараните привилегии од кои брзо се откажаа сите, сите „мијат раце“ иако им се одамна извалкани (со многу други нешта- се разбира, секоја чест на исклучоците), туку поради познатиот партиски „лов во матно“, а поради кој земјава е каде што е и којзнае уште колку ќе биде. Веќе не „ни ваму- ни таму“, туку „некако близу до никаде“.

Пратениците од 4- ти овој месец се на „заслужен“ одмор (им се гледа од лицата- суратите, па и од насобраната „килажа“ во меѓувреме дека се ептен уморни), а ќе продолжат со работа на 17- ти, со собраниска седница на која ќе се расправа за Законат за Собранието. Да потсетам, тие веќе го изгласаа Законот за финансирање на политичките партии, а Законот за државни службеници, кој Владата го повлече на доработка, треба да влезе во собраниска процедура во средината на август за да може Собранието да го усвои до почетокот на септември.

Токму за Законот на Собранието:

Пред заминувањето на одмор, работната група од партиите Нова демократија, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ не успеа да се договори за амандманите кои ги поднесе партијата на Имер Селмани, за прецизирање на употребата на албанскиот јазик во Законот за Собранието, бидејќи партиите останаа на своите цврсти позиции. Пратениците на НД тврдат дека несериозниот пристап на власта кон Рамковниот договор предизвикал проблеми со употребата на албанскиот јазик во законодавниот дом. Се закануваат дека, доколку не се прифатат, нема да гласаат за Законот за Собранието.

Лидерска недоследност (одамна докажана, а поради која народот не ги есапи, освен Никола Груевски кон кого искажува континуирана „стандардна“ доверба):

Прочитај и за ... >>  Реален и развоен буџет за 2010- та година

На лидерската средба, што се одржа на крајот од минатиот месец, беше договорено дека нема да го попречуваат донесувањето на законите кои се неопходни за Македонија да добие датум за преговори со Унијата, но договорот траеше само еден ден бидејќи партиите на Селмани и Ахмети (НД и ДУИ) побара во Законот за Собранието да се регулира и употребата на албанскиот јазик, а тој да се донесе со Бадентерово мнозинство- со поддршка и од пратениците на партиите на етничките заедници.

Во меѓувреме ДУИ се откажа од своите барања, но Нова демократија не. Таа бара говорите на пратениците Македонци задолжително да бидат преведувани на албански јазик, а истото да се однесува и за сите материјали кои се доставуваат во Собранието. Освен ова, се бара и огласите и информативните табли во законодавниот дом да бидат двојазични. Без оглед што тоа нема никаква врска со Рамковниот договор, ниту со неговиот „дух“. Јасно е како „бел ден“ дека и НД, како ДПА, заигра на картата на радикализмот (погрешна оти од неа и на граѓаните Албанци, а особено на меѓународнииот „фактор“ (се знае кои се се „во него“) тој им е одамна „преку глава“ односно „демоде“), па проценува дека е дојден „моментот“ кога треба да се „притисне“ и со „најбрза брзина“ да се тргне кон конфедерализација (всушност распарчување односно растуање на Македонија- се разбира играјќи според сценариото на соседи и нивни сојузници).

ДПА, пак, се обидува да ја игра улогата на „голем играч“, иако знае дека веќе не е ниту „резерва“ (според рејтингот и резултатите од последните парламентарни избори), и се прави „непослушна“- не ја есапи ниту јасната порака на претставниците на меѓународната заедница – бојкотот на Парламентот нема место во едно демократско општество. Лидерот Мендух Тачи продолжува да се заканува дека неговите пратеници ќе го напуштат Собранието доколку власта „не го напушти арогантниот однос“. Би било добро конечно да биде конкретен и да каже и покаже во што е нејзината ароганција.

А за сите пратеници- и од македонската и од албанската и од другите позиции и опозиции (овојпат без исклучок), има едно отворено прашање (или повеќе во едно) на кое ќе мораат час поскоро да одговорат:

Прочитај и за ... >>  Отворени многу „нови страници“ на и за Македонија

Можете ли без привилегии, особено без оние над пропишаните- дозволените? Како е можно сите да сте толку едногласни, односно слидарни кога се тие во прашање? Кога е „срамот и пердето“ во прашање пред оние што ве избрале и во чие име решавате, барате, условувате, позиционирате, опозиционирате, радикализирате? Зарем не ве фаќа макар мал, „мимилано мал“ срам од она што го откри Државниот завод за ревизија и од она што го побаравте, па се пишманивте- сега се однесувате како „да не сте оттука“?

Ревизорите забележале дека само лани Парламентот потрошил неверојатни 750.000 евра за исплата за бензин за автомобилите на пратениците, а кои ги користат за службени потреби. Според нив, бруто износот на годишно ниво, кој еден пратеник го добива за оваа намена, достигнува и до 17.800 евра!

Дали е прекршен законот? Од Собранието тврдат не, но…Согласно законот за извршување на Буџет на Р.М, надомест за превоз до и од работното место се исплатува на вработени и избрани и именувани функционери чие место на живеење е оддалечено над 2,5 километри од работното место, но не повеќе од 900 денари месечно. Пратениците, пак, добиваат 30% од продажната цена на еден литар гориво, според изминат километар. Ревизорите препорачуваат собраниската Комисијата за избор и именувања, која ја носи одлуката за овој надомест, да ја преиспита висината и да ја намали.

Кој не сака да биде пратеник во оваа наша државичка? Знаете зошто на парламентарни избори има толку голема „тепачка“ за тоа? Мислете, размислувајте, премислувајте и гледајте како знаете и умеете да се „упикате“ меѓу кандидатите следниот пат. Ако ве изберат…ќе си обезбедите плата нешто над 1.000 евра – 63.255 денари, па плус дневници, поради чести патувања во странство („варијабила“)- тие изнесуваат од 50 до 116 евра (зависи каде се патува).

За она што го побараа, па се пишманија нашите „сакани и пресакани“ пратеници: веднаш штом ќе им заврши мандатот да се „преселат“ во канцеларија со (слична) фотелја и биро во некое министерство! Тоа пишуваше во работната верзија на Предлог- законот за Собранието, кој ќе се носи за да ја подобри ефикасноста на законодавниот дом, а ќе се донесе со судни маки поради нотираните барања во текстов. За барањето биле согласни сите партии, ама во меѓувреме „се свестиле“, па покажуваат невидена солидарност односно „консензус“: кријат чија била иницијативата (инаку противзаконска и од нездрав разум). Кој кому сега да му забележува за она што континуирано Европската комисија го пишува во своите извештаи со дебели (масни) црни букви- партизација на администрацијата?

Прочитај и за ... >>  „Апокалипса денес“: свет на бегалци, гладни и болни

Во „македонската пратеничка историја“ ќе остане забележано „слаткото смеење“ на експертите кога го слушнале образложението на пратениците: гревота да не се искористи нивното политичко искуство за да и се помогне на државата!

А дека „необичното“ однесување на пратениците кога станува збор за нивните привилегии не е ништо ново, само ќе потсетам на барањата за повисоки плати со закон, исто така со закон и пензии со само 25 години работен стаж, па дипломатски пасоши, бесплатен превоз итн. Во јули 2005- тата тогашните пратениците со огромно мнозинство го усвоија Законот за пратеници, со кој беа обезбедени привилегии несразмерни во однос на функцијата пратеник, а според бројни експерти и противуставни. Тоа се случи во исто време кога беше објавен извештајот на Државниот завод за ревизија, во кој беше констатирано дека во 2004- та Собранието ненаменски и незаконски потрошило околу половина милион евра од вкупните трошоци за цела година.

Мислите дека сегашниве ги загрижи барем малку оценката од граѓаните- 60% од испитаниците негативно ја оценуваат нивната работа? Како да не! Уште помалку оние 70% од анкетираните, што им го дале гласот, кои велат дека ниту ги виделе пратениците, ниту пак виделе закон за решавање на некој локален проблем.

Еднаш еден мој коментар токму на тема привилегии на пратениците (за спомнатиот закон во 2005- та) го насловив со парафразирана позната социјалистичко- комунистичка максима, поточно флоскула. Со неа сега ќе го завршам овој коментар:

„Пратеник- колку тоа срамно звучи!“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here