Потребно време за читање: 3 минути

Секогаш едно исто и секогаш прво и за првачињата и за нивните родители. Ако нешто навистина веќе има длабоки традиционални „корени“, тоа е секако почетокот на новата учебна година за првачињата со првото училишно ѕвоно. Се разбира, различна е содржината што ја „најавува“. Посебно од минатата година, значи годинава вторпат: ова е втора генерација на првачиња која започнува деветолетка.

Новата учебна година е по нешто нова и за „погорните“ генерации. За првпат стартува веронауката како изборен предмет за учениците од 5-то до 8- мо одделение. И во тоа си имаме „традиција“: за овој предмет се уште нема учебници, а ниту наставници. И едните и другите ќе „пристигнат“ во наредните денови и недели.

Иако одамна заврши, се уште не стивнува расправата, сега единствено помеѓу родителите, за тоа треба ли или не веронаука како изборен предмет во основните училишта. Мислењата се главно позитивни и „колебливи“: можеби не е нужно, ама не е лошо да ја има; децата се се уште мали за тоа, не можат и нема ништо да рабзерат; треба, ама изборот да е слободен.

Можеби и за Гинисовата книга на рекорди:

Во Мариово се отвори училиште за само еден ученик!

5 ипол годишниот Петар Чакрески е првиот ученик кој по 10 години, откако е затворено училиштето во село Витолиште, ќе учи основно образование во Мариово. Има надеж дека во наредните години ќе има повеќе ученици, па тоа училиште во наредните години да биде активно и полно со дечиња. Најнапред „се смета“ на 7-те дечиња од Витолиште. Следното дете кое треба да започне во ова училиште е братучедот на Петар, Александар. Тој треба да тргне на училиште во 2010-та година.

Прочитај и за ... >> 

Петар ќе учи во една приспособена просторија во старата општинска зграда. Доделени му се бесплатни учебници (на сите ученици- деветтоодделенци во Републикава ќе им се доделуваат од идната година), а родителите се пресреќни оти не мораат да го напуштат Мариово поради оваа причина. Дали повторно ќе заживеат Витолиште и целиот мариовски крај?

Што се однесува на средношколците, и за нив денеска започна учебната година, а очекувано или не, се е поголем интересот за приватните училишта. Како пример што се истакнува според многу нешта е Петтата приватна гминазија. Новите 190- мина ученици и ученички ќе учат во најсовремени услови, а наставата ќе се изведува на македонски, англиски и албански јазик. Инсталиран е најсовремен информациски комуникациски систем, ќе бидат воведени училишен портал и електронски дневник, а за првпат, освен од гимназиски, ќе се изведува и настава од здравствената и економската струка.

Никогаш не било, ниту може да биде без проблеми. Најнеобично, дури смешно- како пример на политички маркетинг односно дилетантизам, е повеќекратното свечено отворање на новата зграда на училиштето „Зеф Љуш Марку“, во кое пак не влегоа учениците. Ќе почекаат 10-тина дена да се довршат уште „некои ситни градежни работи“. Истото- чекањето се однесува и на користењето на компјутерите со кои се опремени средните училишта. Не учениците, туку професорите не знаат да ги користат, па им треба обука (немаа време досега да научат).

Прочитај и за ... >>  Нафтовод Бургас-Александрополис

Проблеми и со учебниците. Од Министерството за образование велат дека сите ќе бидат комплетирани до октомври, но без објаснение зошто не беа до стартот на учебната година.

Решен е проблемот со учениците- Албанци во Велес. Ги има 28-мина, за кои е отворена посебна паралелка со засега само двајца професори. И по еден месец откако се појави проблемот се уште нема кадар кој ќе предава на албански. Училиштето добило дозвола да прими наставници по договор, ама со соодветно образование. Избрзана работа, ама…Родителите по секоја цена инсистираат да има албанска паралелка во Велес, но исклучиво на мајчин јазик (со што албанските ученици се издвојуваат- изолираат од македонските), па не се задоволни од нужноста тие да учат на македонски додека не се „пронајдат“ соодветен број на професори за нив (да предаваат на албански). Нема никакво значење што се работи за трет неуспешен обид во Велес да се формира паралелка со албански наставен јазик, а секогаш поради истиот проблем. Лани на конкурсот за наставници се јавил само еден кандидат. Дали „држат“ аргументите дека празните места се неатрактивни оти фондот на часови е мал, а платата прениска?

Прочитај и за ... >>  Нови антикризни мерки на Владата на Македонија

Голем проблем се околу 2.500 деца кои годинава не се запишаа во средно училиште. Нивните родители според законот ќе треба да бидат казнети со 1.000 евра, но никој не знае како тие ќе платат кога лебот одвај го обезбедуваат (ден за ден) буквално на улица (питачење, собирање на старо железо, картони…). Министерот за образование Перо Стојановски изјави дека ќе се најде решение преку разговор на училиштата со родителите, а е нормално да има некој период во којшто ќе можат овие ученици да се запишат во средните училишта.

И така. „Приказната“ може да продолжи, има уште низа други проблеми, грижи, барања, но најважно е дека повторно заѕвони училишното ѕвонче. Никој од наставниците или директорите не се сети барем за првачињата да обебзеди ѕвонец за да им заѕвони „поромантично“. Можеби догодина.

Претходен написДва нови „ситни“, ама сепак преродбенички чекора
Следен написПекинг ОИ 2008 за Македонија: најдобро е да се заборави

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here