Потребно време за читање: 3 минути

Дали би сакале да станете член на мојата партија? А партиски војник? А партиски послушник?

Се разбира, ниту сум ги слушнал, ниту ќе ги чуете второто и третото прашање. Дури, не се поставува ниту првото. Затоа што кај нас членувањето е доброволно, според сопствен избор и, пред сѐ и над сѐ од личен (може и „безличен“) интерес. Второто и третото прашање се претпоставуваат за одговор без да се поставуваат, а се однесуваат на активното членство (за пасивните партиски членови другпат).

Доколку некои од активните не се во едната или другата улога, тогаш или ќе бидат пасивизирани или ќе се најде начин да функционираат барем како „искрени и верни споделувачи“ на основните политички заложби, односно на партиската политичка платформа.

Да, прашањето за демократијата во партиите во Македонија, и од позицијата и од опозицијата, се поставува само одвреме- навреме, но во последно време сѐ почесто. Тоа се вика „партиско демократско зреење“. Па во последно време почесто слушаме констатации од типот:

Прочитај и за ... >>  Катастрофален пораз на СДСМ во првиот круг!

„Се разбира, во нашата партија има различни ставови и мислења, и тоа се почитува како демократска придобивка. Работиме на заедништвото, почитувајќи ги разликите во мислењата. Тоа нема никаква врска со фракционерство. Токму поради почитувањето на ралични мислења и ставови нашата партија е голема и силна“.

„Најдемократското“ прашање што би требало да ни се поставува (како на граѓани чија политичка определба или активност се почитува, а особено избирачкиот глас) е првото од трите што ги поставив на почетокот од текстов. Второто и третото се, меѓу другото, и навредливи, па затоа, веќе реков, не се поставуваат, туку се претпоставуваат. Второто и третото прашање им се особено важни на оние членови на партиите што се во нив поради кариера (политичка и/или бизнисменска).

За мене прашање од круцијално значење во однос на второто и третото е следново (како четврто):

Има ли разлика помеѓу партиски војник и партиски послушник?

Јас тврдам: да, има, и тоа голема!

Партискиот војник е всушност партиски извршител во војничка смисла. За да бидам појасен, особено за оние што не вршеле воена служба, ќе потсетам на основното правило на војникување во однос на субординацијата: „Прво изврши, па жали се“.

Прочитај и за ... >>  Решено ли е или се уште не

Партискиот војник прво извршува, а потоа има право да се жали, но тоа не го прави бидејќи не станува збор за војникување, туку за градење партиско- политичка кариера. Партискиот војник најчесто дејствува на теренот, а на некоја фотелја може да се надева откако ќе му мине „војникувањето“.

Партискиот послушник е исто така партиски војник, но на повисоко ниво. Тој го минал „теренското војникување“, па веќе седнал во некоја фотелја, а во најмала рака во парламентарна-на републичко или во советничка-на локално ниво. Тој ретко настапува на политичката сцена, ретко излегува на говорница, а гласа како што е договорено, без оглед на фактичката ситуација односно, на пример, тежината на контра-аргументите и фактите (особено од опозицијата). Него најлесно ќе го препознаете кога се преминува на гласање. Тогаш тој и таквиот, на пример во Парламентот, го притиска копчето ЗА или ПРОТИВ со наведена глава и поглед. „Повештите“ набљудувачи можат да го препознаат и во текот на дискусиите-расправите и расправиите, со мимиките и договорените знаци што одвреме-навреме си ги упатуваат едни на други, поточно им ги упатуваат „горните“, конкретно координаторите.

Прочитај и за ... >>  Сериозна поддршка на македонскиот филм

Партискиот послушник никогаш не може да се надева на неочекувана фотелја и речиси без исклучок точно измерил колку му е долга партиската черга. Тој извршува, а не ни помислува потоа да се жали. Затоа што нема зошто.

Ако во меѓувреме, без оглед дали сте или не сте член на некоја партија (активен, пасивен, партиски војник или партиски послушник), некој ви упати покана за членство во, да речеме, нова-новоформирана партија, на пример со вакво прашање:

„Дали би партиципирале со дел (и кој) од вашиот индивидуален ангажман и стручност-компетентност во сегашнината и иднината на заедничкото живеење на овие наши-македонски простори?“,

немојте многу да размислувате. Одговорете со „Да“ и зачленете се. Бидете сигурни, сметаат на вас како на личност со достоинство и вредност.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here