Потребно време за читање: 6 минути

Моите проценки и прогнози (не само мои) се остварија во целост:

Проф. Д-р Ѓорге Иванов е новиот претседател на Република Македонија (дури го „кандидирав“ пред самиот да помисли на тоа), со беспрекорно чиста и апсолутна победа (без нерегуларности, особено полнење на гласачки кутии, како што беше „случај“ со изборот на претходните двајца претседатели); ВМРО- ДПМНЕ и коалицијата што ја предводи- „За подобра Македонија“ освои досега најмногу градоначалнички позиции во „избирачката историја“ на земјава (прогнозирав горе- долу точна бројка); одличен резултат на локалните избори постигна ДУИ (коалиционен партнер во власта); а секако најголема победа извојуваа (не е никаква фраза) граѓаните на Република Македонија.

За важноста на „новите страници“ еднакво значење има она што го констатирав уште по првиот круг на избори, а го прогнозирав и се оствари како конечно: катастрофален пораз на опозицијата, пред се на СДСМ. За оваа партија веќе нема време за „чистка“. „Бришка“ е неминовна, а од нејзината „пепел“ треба да се „(из)роди“ нова, која ќе нема никаква врска со поблиското и подалечното „црно“ партиско минато, а ќе се темели на „изворната“ лева, социјал- демократска идеологија (основни принципи или идеали: слобода, еднаквост и социјална правда, солидарност).

Ќе остане забележан и „драматичниот“ момент кој не успеа само благодарение на притисокот, па и заканите на „меѓународниот фактор“: иако постоеја реални стравувања (ги искажав и јас), а како дел од однапред подготвеното сценарио, цензусот за претседателските избори беше постигнат, па, за жал на опозицијата, нема „продолжение“ на изборите. Според Државната изборна комисија, вкупно гласале 763. 637- мина граѓани или 42,61% од вкупниот број на регистрирани гласачи.

Во тој контекст индикативна е изјавата на в.д. лидерот на СДСМ, Зоран Заев: дека е јасно кому народот му ја даде довербата и апсолутната власт, но „ако од „Бихаќка“ се дадеше само мал сигнал за бојкот, изборите немаше да успеат“! Со други зборови, признава дека тие биле „во рацете“ на неговата партија, а зошто не е даден „малиот сигнал“ не треба многу досетување. Таман работа опозицијата во таков пресуден момент да работи во корист на својата штета. Иако планиран (мала „епизода“ од сценариото е и режираниот „меѓуизборен“ инцидент на плоштадот „Македонија“ во врска со изградбата на црква), тој не е даден затоа што не смееше да се даде!

Ѓорге Иванов победи на претседателските избори со освоени 453.426 гласа или 63,14% од бројот на важечки ливчиња. Неговиот конкурент од СДСМ, Љубомир Фрчкоски, освои 264.692 гласови или 36,86%.

Прочитај и за ... >>  Власта

Признание на досегашниот претседател на Македонија и иден ново- стар лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски: во честитката до Иванов потенцира оти „граѓаните во огромен број ја поддржуваат визијата за модерна, демократска и просперитетна Македонија“ (значи, таква не понуди опозицијата). Се разбира дека „токму затоа одговорноста на носителите на највисоките државни функции е дотолку поголема за нејзина реализација“.

Новоизбраниот претседател Ѓорге Иванов ќе биде инаугуриран на свечена седница на Собранието на Македонија, што ќе се одржи на 12- ти мај, денот кога завршуваат 5- те претседателски години на Црвенковски. Досега сите свечени седници, на кои новоизбраниот шеф полагаше заклетва, беа бојкотирани од политичките противници, со силни обвинувања за изборен фалсификат. СДСМ односно опозицијата се уште нема став, но такви или слични аргументи за бојкот овојпат нема.

Најнапред првата „нова страница“ на и за Македонија, но не мала и со помало значење и симболика во однос на другите: шефот на државата своите одлуки, државнички и протоколарни средби ќе ги носи и врши во работни простории во близина на претседателската резиденција на Водно. Во досегашниот кабинет во Собранието по инаугурацијата ќе влезе собранискиот спикер, а ќе бидат ослободени 20-тина канцеларии, кои одамна ги бараат пратениците и собраниските служби.

За победата на ВМРО- ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ на локално ниво:

Според резултатите на ДИК, во двата круга се освоени вкупно 55 градоначалнички места. Опозициската СДСМ има 6, ДУИ 14, во 4 општини победија независни кандидати, додека по едно градоначалничко место освоија ДПА, ЛДП, Демократската партија на Турците и Сојузот на Ромите. Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ е нов градоначалник на Скопје.

Втората голема, можеби најважна „нова страница“: мирни односно регуларни, фер и демократски избори (со мали и малубројни инциденти, што е вообичаено и кај „најдокажаните“ демократии).

Оценки на светски агенции и медиуми:

Британскиот сервис Би-Би-Си потенцира дека гласањето мина во мирна атмосфера, и покрај стравувањата за насилство кое можеше да и наштети на амбициите на Македонија да се приклучи кон ЕУ и НАТО. Германскиот сервис „Дојче веле“ ја пренесе првичната оценка на набљудувачите дека неделното гласање минало без какви и да е поголеми инциденти. Агенцијата „Ројтерс“ посочува дека гласањето во Македонија било проследено со надеж дека земјата „ќе ги импресионира ЕУ и НАТО, одржувајќи мирни и демократски избори, по минатогодишните изборни насилства“. Агенцијата „Франс прес“ наведува дека кандидатот на владеачките конзервативци Ѓорге Иванов извојувал голема победа на неделните избори, оценети како тест за евроатланските амбиции на Македонија. Телевизискиот канал „Јуроњуз“ извести дека владеачките конзервативци ја прославиле изборната победа, но останала загриженоста на граѓаните за слабите економски показатели и високата стапка на невработеност.

Прочитај и за ... >>  Црвенковски во Брисел: содржина иста, форма малку различна од „стандардната“

Честитка од Вашингтон: портпаролот на Стејт департментот, Енди Лејни, за Радиото Глас на Америка, програма на македонски јазик, изјави дека граѓаните на Македонија, заедно со македонските власти, заслужуваат пофалба за успешно спроведување на овие избори. Иако имало одредена загриженост во однос на кампањата, тој посочи на прелиминарната проценка на ОБСЕ/ОДИХР дека двата круга на гласањето исполниле поголем дел од заложбите и стандардите на ОБСЕ и Советот на Европа.

„Со нетрпение очекуваме да соработуваме со новоизбраниот претседател Ѓорге Иванов, за да и помогнеме на Македонија да постигне целосна евроатлантска интеграција, колку што е можно поскоро“, рече Лејни.

Изјава на европскиот комесар за проширување Оли Рен

„Македонија позитивно одговори на нашата порака и со тоа ја потврди определбата да ги исполни европските стандарди и да оди напред во процесот на приближување кон Европската унија. Време е да се зајакнат реформите со цел да се исполнат стандардите, кои беа поставени. Останува важна работа со цел да се испорачаат резултати во судските, реформи, борбата против корупцијата и реформата на јавната администрација. Препораката за отпочнување на преговори за членство ќе зависи од постигнатите резултати, а решението на прашањето за името останува суштинско“.

Рен ги повика сите политички лидери на конструктивен дијалог за исполнување на реформите.

Генералниот секретар на НАТО, Јап де Хоп Шефер, изрази задоволство што новоизбраниот претседател на Македонија, Ѓорге Иванов, објави дека негов прв приоритет ќе биде надминувањето на спорот со Грција. Во писмената изјава тој потсетува дека алијансата ќе ја обнови поканата за членство на Македонија веднаш откако ќе биде изнајдено заеднички прифатливо решение за името:

„Овие избори покажаа дека, како држава која вложува напори да добие членство во НАТО, Македонија постигна реален напредок во достигнувањето на високите демократски стандарди на алијансата“.

Дали Иванов започна нов однос спрема јавноста односно спрема главните креатори на јавното мислење- медиумите? Некои од нив само „забележаа“ пренесувајќи ја информацијата на ВМРО-ДПМНЕ (со „доза“ на чудење) за кусата протоколарна средба на Иванов со американскиот амбасадор во земјава, Филип Рикер.

Сигурно не, бидејќи тој е одамна воспоставен (помеѓу носителите на највисоки државни функции и медиумите), а моментната позиција на Иванов е токму таква- тој победи на претседателските избори како кандидат на ВМРО- ДПМНЕ, а официјално ќе стане претседател на Република Македонија на 12- ти мај.

Прочитај и за ... >>  Завршува скијачката сезона- познати најдобрите во Светскиот куп

„Издвоивме неколку моменти да се сретнеме, за лично да му честитам на изборот за претседател и да ги повторам честитките до граѓаните за доброто одвивање на изборите“, изјави Рикер.

Во партиското соопштение се наведува дека Иванов се заблагодарил на честитките и искажал целосна подготвеност за продолжување на соработката со САД и нејзино продлабочување на патот на евроатлантските интеграции на Македонија.

Потенцирањето на решавањето на „спорот“ за името, како услов за евро- атлантсско интегрирање на Република Македонија, секако ќе биде најголем приоритет на новиот претседател. Познавајќи ги одамна ставовите на Иванов, постојано истакнувани и во предизборната кампања, „нова страница“ на и за Македонија ќе биде „отворена“ и на тој план, а особено во билатералните односи со јужниот сосед. Преговорите сигурно нема да се „искомплицираат“, но ќе добијат нова димензија, онаа што ја нагласив во посебен прилог: не барање на гаранции (од кого било) за националниот идентитет (што е апсурд), туку негова одбрана (на надворешен план) и богатење (на внатрешен). Лично очекувам и остварување на мојата заложба за разграничување: преговори за „спорот“ за името и за нипто друго, а разговори помеѓу двете земји (на експертско ниво) за идентитетот во сета негова комплексност.

И конечно, уште една „нова страница“ (се разбира дека има и и допрва ќе има и други, особено „економски“) на внатрешен план: во односот помеѓу позицијата- власта и опозицијата.

Имено, не поради освоена „апсолутна власт“ (што воопшто не е точно; „освоена“ е и судската?), туку пред се затоа што е нужна нова демократска, плурална атмосфера, во која политичката култура ќе претставува нејзина иманенција (што подразбира конструктивност, толеранција, сопоставување на аргументи и факти, а најмалку политички дијалог), позицијата односно власта ќе мора да биде многу поодговорна во „експертското“ конкретизирање на своите „преродбенски чекори“ (мислам пред се на подготовката на законски и економски проекти) и, се разбира, во реализирање на ветеното. А опозицијата, пак, како алтернатива да работи многу повеќе на теренот, помеѓу граѓаните за сопствена „нова слика“ (не конфликтна, конфротирачка, непријателска, потценувачка, арогантна, „транзициска“…).

За опозицијата, а пред се СДСМ, да се „соземе“ што побрзо, не да се обнови, туку да се „обзнани“ како сосема нова, доволно е да го прифати и релизира во практиката ставот на Ѓорге Иванов:

На Република Македонија и е доста од транзициони политичари!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here