За оригиналноста чинам дека не е потребно никакво објаснување односно толкување: нешто прво, единствено во видот, самостојно, кое се разликува од обичното-особено во творечка смисла.
За еклектицизмот: во филозофијата тоа е начин на мислење кога некој не создава свој сопствен систем, туку го избира од други системи она што му се чини точно и погодно-поволно, па тогаш од тоа гради целина и систем; еклектичар е оној што не создава свој, сопствен систем, оној што од други го присвојува она што му одговара; еклектички-нетворечки, неоригинален.
Оригиналноста и еклектицизмот се спротивставени категории односно процеси. Оригиналноста е процес на создавање ново, единствено, препознатливо, комплексен творечки процес. Еклектицизмот е преземање, присвојување, „позајмување“ односно крадење, сосема нетворечки. Тој треба да се разликува од имитацијата која, пак, претставува обид за творештво, создавање, а е всушност лажен приказ, показ, доказ со цел злоупотреба, користољубие.
Кризата на едно време или процес, пред сѐ кризата на идентитетот, е најдиректно поврзана со оригиналноста од една страна, која би можел во овој контекст да ја изедначам со творештвото (се разбира оригинално, инаку не би било тоа), и еклектицизмот од друга, чиј резултат е самонегација, бесперспективност, компромис исклучиво на своја сметка, а за туѓи интереси; прекројување, заграбување од други на сопственото минато до себенепрепознавање, самоуништување.
Одбраната на честа, достоинството, гордоста, како и негувањето на патриотизмот, мудроста и искуството, се обврска која ја чувствуваат и ја преземаат, ја реализираат творечките личности, оригиналните духови, богатите умови.
Нивни најголеми противници се еклектиците. За жал најчесто „посилни“ од нив (во наводници бидејќи всушност во суштина не се и не можат да бидат) со својот примитивизам, малограѓанштина, ограниченост, празнотија. „Посилни“ се затоа што агресивноста им е иманентна „содржина“ на дејствувањето.
Светот го движи напред оригиналноста, а го уназадува еклектицизмот. Благодарение на неа, односно на творечкиот дух тој постојано се надградува себеси, отвора нови перспективи.
Мошне актуелно прашање во рамките на амбициите на Република Македонија за што поскорешна евро-атлантска итеграција:
Што таа им нуди на Европа (ЕУ) и на светот (НАТО) како свое, оригинално,творечко? Што вградува во нив, колку е и ќе биде дел од „заедничкото во различностите“?
Најактуелно:
Можно ли е Република Македонија да биде кога-тогаш интегрирана во ЕУ и НАТО како еклектична?