Потребно време за читање: 4 минути

Ново предупредување од Европската комисија: глобалното затоплување би можело да му нанесе на светот покатастрофални штети отколку што беше досега проценувано.

„Ова е речиси сигурно последна шанса климата да се одржи под контрола пред да ја мине точката од која нема враќање“, изјави европскиот комесар за екологија Ставрос Димас.

Веќе се дефинирани предлог- ставовите на ЕУ што ќе бидат изнесени во декември во Копенхаген, на преговорите за новиот климатски договор што би требало да го замени важечкиот Протокол од Кјото кој, како што е познато, престанува да важи во 2012- та година. Тие се претставени во време на засилен оптимизам со ветувањето на новиот американски претседател Барак Обама дека САД ќе ги намалат емисиите на гасови со ефект на стаклена градина.

Димас ги претстави конкрените предлози: индустријализираните земји до 2020- та година да ја намалат емисијата на гасови за 30% во однос на нивото од 1990- та, а сите освен најсиромашните земји во развој ќе мораат да ја намалат за 15% до 30% под сегашното ниво. За ова се предвидени годишни трошоци од 175 милијарди евра до 2020-та година, а повеќе од половината од таа сума би била потрошена во земјите во развој. Планот треба да го ратификуваат парламентите на сите членки на ЕУ.

Првата реакција или, попрецизно, критика на предлог- ставовите е дека не е спомната клаузулата според која развиените помеѓу 2013- та и 2020- та би морале да издвојат 200 милијарди долари за да им помогнат на сиромашните држави да ги направат конкретните чекори во намалување на емисиите.

Предупредувањето се поткрепува со уште едно поразително сознание: Европа се загрева повеќе од светскиот просек и владите би требало да вложат во промената на климатските трендови што го претвораат Медитеранот во сушен регион, а северот на континентот го прават уште повлажен.

Прочитај и за ... >>  Една од најголемите последици на глобалната криза: распаѓање на ЕУ!

Утврдено е дека европските планини, приморјето, Медитеранот и Арктикот се најмногу изложени на ризикот од глобално загревање, се наведува во извештајот на Европската еколошка агенција, одделот на Светската здравствена организација и Европската комисија.

Глобалната просечна температура пораснала за речиси 0.8 степени во однос на нивото од прединдустриското доба, а во Европа се забележани дури и повисоки температури.

ЕК предупреди дека како, последица на затоплувањето, повеќето земји на ЕУ ќе имаат проблем со недостиг на вода уште во 2070 -та година. Брисел е решителен во намерата да ги притисне земјите- членки порационално да ја користат водата, и во индустријата и во секојдневниот живот, дури да ги натера и со радикално кревање на цената на водата.

Бидејќи, да повторам, најголема последица од климатските промени ќе биде сушата и недостигот од вода, задача на сите нас е да се обединиме во решавањето на тој проблем. Питер де Пус од Европската канцеларија за околина истакнува дека во Европа е потребен сосема нов „менаџмент за вода“.

Нужна е итна едукација на граѓаните за штедење на водата, од секојдневно миење на садови и туширање до големи разладни уреди. Мора да се создаде јавно мислење во кое граѓаните во своите размислувања ќе бидат свесни за опасностите кои им се закануваат, како што е тоа случај со енергијата.

Според најновите истражувања, од недостиг од вода не е загрозен само југот на Европа, туку прболемот се шири на северниот дел, најмногу како последица на глобалното загревање, зголемувањето на популацијата и јакнењето на економијата. Се предвидува дека до 2070- та сушите ќе бидат повеќе правило отколку изклучок во повеќето земји на ЕУ, а со тоа единствено не би требало да имаат проблеми Ирска, Велика Британија, скандинавските земји и северна Германија. Во следните 30 години паричната штета предизвикана од суша ќе достигне 100 милијарди евра, а на годишно ниво просекот на штетата ќе се сголеми четирикратно.

Прочитај и за ... >>  Рурален развој на Македонија

Повеќе од 1,2 милијарди луѓе или една петтина од човештвото ќе нема можност за постојано користење на здравствено исправна вода. Поради тоа во светот годишно ќе умираат во просек 15 милиони луѓе, главно деца. Се проценува дека околу 2,5 милијарди луѓе ќе немаат основни услови за хигиенски потреби.

Иако е зима, а снегови и силни ветрови се дел од нејзиниот „обичен говор“, значи не мора да се врзува за климатските промени, сепак е можно да се поврзат кога се работи за Америка.

Најнова вест:

Најмалку 23- ца луѓе настрадале во снежна бура што од понеделникот ги зафати САД, а 1,3 милиони останале без електрична енергија. Властите предупредуваат дека, поради ниските температури, снабдувањето со струја во најтешко погодените места би можело да биде обновено дури кон средината на февруари. Бурата остави скршени дрвја, а електричните водови ги блокираат замрзнатите патишта. Најтешка е ситуацијата во Кентаки, Арканзас и Охајо.

Американскиот претседател Барак Обама прогласи вонредна состојба во Арканзас и Кентаки, со што се отвора можност тие две држави да добијат федерална помош.

Проблемот со глобалното затоплување на земјата не можеше да ги одмине бројните учесници на Светскиот економски форум, што се одржува во Давос- Швајцарија. Во рамките на барањето на решенија за светската економска криза, се смета дека борбата против климатските промени со инвестиции и политички мерки светското стопанство ќе го изведе на патот на опоравување и истовремено ќе помогне планетата да се „олади“.

Прочитај и за ... >>  Европската комисија и подготвува терен на Грција за уште едно вето!

Глобалната рецесија е главна тема на форумот, но климатските промени се исто така во центарот на вниманието на политичарите и деловните лидери кои сакаат да ја намалат зависноста од еколошки штетните и увозни фосилни горива и да ја поддржат растечката индустрија способна за отворање на нови работи места.

Вложувањето во проекти во секторот на соларната и еолската енергија, кои во последните две години беа обемни, почнаа да пресушуваат кон крајот на 2008- ма поради кредитната криза и поевтинувањето на нафтата, што го намали интересирањето на инвеститорите во еколошка енергија.

Меѓутоа, новиот американски претседател Барак Обама вети дека „зелената“ енергија и енергетската ефикасност ќе бидат вклучени во неговиот 825 милијарди долари вреден пакет на мерки за помош на американското стопанство.

Извршниот директор на Меѓународната агенција за енергетика Нобуо Танака изјави во Давос дека сите влади би требало, во рамките на пакетот на мерки за стопанско опоравување, да издвојат средства за обновување на енергијата:

„Бидејќи владите веќе трошат пари на стимулативни пакети, зошто не би вложиле и во обновливи извори на енергија? Тоа краткорочно би го стимулирало стопанството, а е одржливо на подолг рок. Така со еден удар се убиваат две муви“.

Она што е можеби најважно, кога се работи за глобалното загревање, е се пораширеното аргументирано сознание оти е тоа закана за човештвото. Јасно е, исто така, дека без заедничко дејствување на сите земји и светскиот научен потенцијал не може да се постигне многу. Како што велат стручњаците, долгорочен може да биде само спасот на климата, луѓето и целата планета.

Меѓутоа, се уште нема одговор на прашањето дали тоа може да се реши со постојната глобализирана економија и бруталниот систем на профит по секоја цена кој доведе до сегашната состојба.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here