(27.11.2006, Паноптикум)
И најновата иницијатива на Финска, како претседавач со ЕУ до крајот на годинава, да се реши кризата помеѓу Турција и Кипар, не успеа. Пред почетокот на средбата на претставниците на ЕУ и државите од Средоземноморскиот регион, шефот на финската дипломатија Ерки Туомиоја имаше одвоени средби со шефовите на дипломатиите на Турција и Кипар, а потоа изјави дека не е постигнат договор.
Станува збор за план за обновување на трговските односи помеѓу двете земји кој Финска го претстави во септември, а пред се се однесува на отворањето на турските пористаништа и аеродроми за кипарските бродови и авиони. На Турција и е даден рок до 6-ти декември да ги отвори за Кипар, а во спротивно ќе и бидат блокирани преговорите со ЕУ.
Без да се навлегува во суптилноста на односите помеѓу Анкара и Никозија може да се рече дека Турција подолго време е една од ретките земји- кандидатки за членство во ЕУ која не прифаќа баш се од Европјаните и им создава главоболки. Затоа што станува збор за земја која според економската моќ, а пред се според големината на пазарот, е мошне значајна за интересите на ЕУ, пред се како нејзино ширење надвор од европскиот континент. Турција и досега, не само кога станува збор за Кипар, лесно и без никаков страв од заканите отфрлаше секакви ултиматуми или условувања. Дури и кога стануваше збор за самото зачленување во ЕУ, односно за почетокот на преговорите за членство.
Турција е добар пример дека „европеизирана“ земја не треба да размислува за „расположението“ на ЕУ за прием во нејзините редови.