Потребно време за читање: 3 минути

(22.03.2007)
На прес- конференција (14.03.) Народниот правобранител Иџет Мемети го објави извештајот за 2006-та година кој, според сето наведено во него, „катран црно“ ја насликува состојбата во земјава на планот на заштитата и остварувањето на правата на македонските граѓани.

Таа, а не некои „објективни околности“, е главната причина зошто претходната Влада не успеа да добие датум за почеток на преговори за членство во Европската унија. Тешко дека ќе успее и актуелната во догледно време, а со оглед на мошне тешката „домашна задача“.

Таа, пак, во најопшти црти може да се постави како брзо, дури итно надминување или темелна промена на (забелешки на Народниот правобранитет): нереформираната и недоволно ефикасна јавна администрација, неефикасното судство, реформирање на полицијата која нема да ги пречекорува овластувањата со манифестирање на сила, радикално подобрување на нехуманите услови за престој на притворените и осудените лица во затворите, постигнување на брзи резултати во процесот на денационализација, заштита на децата од секаков вид на насилство и злоупотреби, и уште толку (и повеќе) други нешта. Дали на овој план претходната и сите Влади пред неа воопшто нешто работеле и сработиле? Што?

Во 2006-та година Народниот правобранител постапувал по вкупно 4.282 претставки. Од нив 3.243 се завршени, а во работа се 1.039. Во 1.005 случаи биле констатирани повреди на уставните и законските права на граѓаните, a oд нив во 758 случаи органите на државната управа, други органи и организации со јавни овластувања постапиле по интервенција на правобранителот. За 204 случаи постапката е во тек, а во 43 се преземени сите законски дејствија.

Прочитај и за ... >>  Македонија и регионот пред се поголеми удари на светската економска криза

Во текот на 2006-та година, како што посочи Мемети, најмногу претставки се добиени за правосудството, односно за долготрајното постапување, за отсуството на успешно менаџирање и неприменување на одлуките на Европскиот суд за човекови права. Тој предлага заокружување на правната рамка и нејзина целосна имплементација, како и подобрување на условите за работа и на материјалната состојба.

Како најкарактеристичен пример е оној чии наследници чекале 28 години за правосилност на судска одлука.

Во однос на почитувањето на правата на граѓаните од страна на полицијата, во Извештајот е посочено дека во минатата година имало пропусти во полициски акции за потрага на сторители и противзаконско упаѓање во домови на граѓани, како и пристрасно постапување при утврдување на одговорност за прекумерна употреба на сила. Според Мемети, потребна е поголема едуцираност за правата на граѓаните и професионално однесување на овластените службени лица, како и повисока професионалност во вршењето на внатрешна контрола.

„Основната функција на затворите е доведена во прашање поради недоследна примена на законот и на европските затворски правила, поради нестручното раководење, пренатрупаноста и исклучително лошите услови за престој“.

Прочитај и за ... >>  Џабе премолчување. Се гледа и се користи!

За состојбата во затворите се известени Владата и Министерството за правда, a веќе има најави за преземени активности во оваа насока.

Во однос на денационализацијата, во Извештајот е наведено дека овој процес остана проблематичен пред се поради отсуството на волја за доследно спроведување. За успешна реализација на овој процес e потребна поинаква поставеност на комисиите и нивна професионализација, како и забрзани реформи во катастарот.

Има нарушување на правата од работен однос, се уште нема решение за урбанистичкиот хаос, животната средина е под постојан атак од загадувачите, нема станови за социјално загрозените лица, a социјалната сигурност и правда е недостижна за многумина.

„Во Македонија е тешко да се оствари правото на пензија, бидејќи постапките и натаму се долги, бавни и неефикасни, особено пред Второстепената комисија“, рече Мемети.

Според него, се поставува прашањето дали остварувањето на здравствената заштита е право или привилегија затоа што недостигот на лекови и натаму е голем проблем во аптеките, а особено во болничките установи.

Прочитај и за ... >>  Урбаната мафија ја доби битката, но се уште не и војната

Во однос на правата на детето, Народниот правобранител нагласи дека институциите и родителите не ги почитуваат доволно овие права, детето е предмет на физичко и психичко насилство во домот и во училиштето, a основното образование не е бесплатно.

Тој има забелешки и за отсуството на волја за донесување на системски закон за заштита од дискриминацијата, како и за непримената на меѓународните стандарди во оваа област.

Во Извештајот се поставени и целите на работа на Народниот правобранител во оваа година (2007). Тоа се, меѓу другото, залагање за повисоко ниво на почитување и заштита на човековите слободи и права, одговорно, совесно и стручно работење во согласност со Кодексот за добро административно однесување, како и поголема одговорност на институциите кон граѓаните и поквалитетна соработка сo него.

Годишниот извештај на Народниот правобранител за 2006-та година е доставен до Собранието на Република Mакедонија и допрва треба да ги очекуваме коментарите и реакциите. Ќе бидат особено интересни оние на сегашната опозиција бидејќи, на посреден начин, тој значи и отчет за нејзиното позиционо работење и дејствување.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here