Потребно време за читање: 2 минути

Каква е вашата доверба, Дами и Господа во бизнисот, во оние околу вас, со кои работите, соработувате, кои работат за вас или за кои вие работите? Голема или мала, силна или слаба, длабока или површна-плитка?

Дами и Господа во власта, дали ја оправдувате, дали ја заслуживте-ја заслужувате довербата што ви ја дал народот да владеете во негово име?

Овие и вакви прашања ни паѓаат на ум секогаш (досега) само во еден кус период: предизборниот. Во меѓувреме ги следиме Дамите и Господата од бизнисот и политиката, најчесто молчешкум, па согледувајќи, оценувајќи како на секој чекор, во секое дејствие ја изневеруваат нашата доверба, пет пари не даваат за неа, не сме ни свесни дека сѐ повеќе ја губиме, сѐ е поголем бројот на оние меѓу нас кои веќе ја изгубиле самодовербата. Во сопствените сили и вредности, можности и способности.

Ако има нешто најпоразително за оние што зависат од нечија доверба, тоа е несомнено изгубената самодоверба кај оние што им ја дале. Неретко тоа го именуваат со апатија, рамнодушност, разочараност, бесперспективност, но основна е нераскинливата врска помеѓу довербата и самодовербата.

Прочитај и за ... >>  Валканата дипломатска игра на Атина привршува

Можно ли е да се владее, да се работи, соработува со оние кои немаат самодоверба, кои ја изгубиле токму поради изневерената доверба? Не само што не е можно, туку е нужно час поскоро таа „коалиција“ да се раскине. Поради последиците.

Каква е моментната состојба на овој план кај нас? Како работат нашите Дами и Господа бизнисмени со оние кои ја изгубиле самодовербата?

Дали ви се познати резултатите (во светот) на оние фирми-компании во кои и довербата и самодовербата се на највисоко можно ниво, па ништо не може да ги разниша, особено не жестоката конкуренција на пазарот?

А како владеат нашите Дами и Господа во власта и политиката воопшто? Дали ви се познати резултатите на сите полиња на држави во кои нивната доверба зависи од самодовербата на оние што гласале за нив, ги избрале?

Досдега напишаново од мене може да се нарече круцијална вредност, односно суштина на опстојувањето воопшто. Јас ја дефинирав во насловот на овој прилог како порака, како последно предупредување:

Прочитај и за ... >>  Споменици и скулптури во центарот на Скопје: тежината на опозиционерското „против“

Да, Дами и Господа, од вашата доверба, која ние сме ви ја дале, зависи нашата самодоверба! Ако таа ни е разнишана, ако во меѓувреме сме ја изгубиле, па не сме сигурни во ништо, најмалку во утрешнината, во нашата иднина, не очекувајте повторно да ви ја дадеме, да ви ја подариме нашата доверба.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here