Очи и на тилот – како мозокот создава 360-степенска слика за светот

Човек гледан одзади како симболично сугерира просторна свест и чувство дека некој набљудува

Честопати, во некој чуден миг, човек има чувство дека некој го набљудува. И тоа чувство не доаѓа секогаш од страв, ниту од фантазија. Понекогаш доаѓа од нешто многу потивко и многу поразумно – од начинот на кој мозокот ја составува околината и кога ние мислиме дека гледаме само право пред себе.

Мозокот не живее само во предниот кадар

Токму тука станува интересно. Во 2018 година, истражувачи од Истражувачкиот институт за електрична комуникација на Универзитетот „Тохоку“ во Јапонија, предводени од професорот Сатоши Шиори, се обиделе научно да проверат нешто што секојдневното искуство одамна ни го шепоти – дека нашата просторна свест е поширока од она што во даден момент ни е пред очи.

Во експериментот користеле систем од шест екрани поставени околу испитаниците, така што се покривал речиси цел круг од 360 степени. На екраните истовремено се појавувале букви, а задачата била да се најде одредена целна буква. На прв поглед, ништо мистично. Обична задача за внимание. Но токму во таа едноставност се открил еден посериозен увид.

=== Бесплатно рекламирање ===
Licevlice.mk
Прочитај и за ... >>  Плавуша и црн леб

Она што не го гледаме, мозокот сепак го памети

По повторено изложување на истите просторни распореди, учесниците почнувале побрзо да го наоѓаат таргетот, дури и тогаш кога тој се наоѓал зад нив и дури и кога немале јасна, свесна претстава дека распоредот веќе им е познат. Тоа значи дека мозокот не работи само со она што моментално е во визуелниот кадар. Тој тивко ги поврзува насоките, положбите и распоредите и создава мапа на околината што се протега и надвор од непосредното видно поле.

Во научниот труд „Spatial representations of the viewer’s surroundings“, авторите токму тоа и го сугерираат: човекот не мора физички да се сврти за мозокот да има некаква работна претстава за просторот зад него. Со други зборови, не станува збор за тоа дека навистина имаме очи на тилот, туку дека мозокот создава свет кој е поширок од фронталната слика што свесно ја регистрираме.

Зошто ова ни звучи толку познато

Можеби затоа што оваа идеја не ни е туѓа. Сите сме имале моменти кога без да гледаме директно, сепак сме знаеле каде е некој предмет, од каде доаѓа некое движење или дека зад нас има нечие присуство. Не секогаш сме во право, се разбира. Но не секогаш ни грешиме. Дел од таа „интуиција“ можеби и не е интуиција, туку брза и тивка обработка на просторни информации што мозокот веќе ги има собрано.

Прочитај и за ... >>  Минливоста и маргиналноста како забава

Затоа реченицата дека човек има очи и на тилот не мора да остане само народска досетка. Во неа, очигледно, има и малку наука. Нашиот мозок конструира 360-степенски свет, иако свесно најчесто живееме само во она што ни е пред лицето.

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.