Секој ден обично му се случува нешто необично, спротивставено на неговото обично. Што е мошне сомнително, со оглед дека секогаш настојува да му се прикаже на светот кој го опкружува како обичен, сосема обичен човек. Од друга страна, тоа значи дека најпрвин се обидува да го спречи, да не му дозволи на необичното да го прикаже како необичен? Се разбира.
Се разбира дека необичното не го прифаќа како такво штом му се спротивставува, се бори против него. Или настојува да го отфрли, како да не е негово или не е случено од него. Тоа, пак, произлегува од настојувањето да се прикаже, поточно светот да го прифати како обичен, сосема обичен човек.
Случувањето на нешто необично секој ден обично го следат не баш пријатни последици. Најнепријатната: светот кој го опкружува се издвојува, се повеќе се оддалечува од него, како да го отфрла. Затоа што е, сака и се труди да ја дочува својата обичност.
Денов е при крај, близу е самракот, а нему се уште му се нема случено ништо необично. Се надева дека до крајот нема да му случи. По многу изминати денови со случено нешто необично.
Сепак нешто необично: чувствува во себе како се повеќе да го освојуваат сомнеж и стравување дека му се случило нешто необично кое не го забележал! Нешто скриено како обично?!
Како да се чувствува помалку обичен од обично!
ДРЕБНАВОСТИ НА ДРЕБНАВ ЧОВЕК, наративна поезија, 28






