Потребно време за читање: 4 минути

Владата на Република Македонија донесе нови пакет- мерки, околу 70 на број, со кои ќе се ублажи моментниот и „утрешниот“ удар врз македонското стопанство. Се работи за очекувано, не поради критиките и небулозните, а неретко и ступидните барања и предлози на опозицијата и нивните односно блиските на неа експерти, туку логично, дури вообичаено следење на она што се случува во светот на бизнисот.

Ако подетално се анализира каде се интервенира во Буџетот, може да се забележи дека мерките кореспондираат со оние што ги преземаат развиените и најразвиените економии во светот. Се разбира и оние кај кои рецесијата веќе го зема својот „данок“, пред се во соседството и регионот. Притоа е нужно да се подвлече дека тие не се и не можат да бидат последни, туку се едновремено и најава на нови (веројатно веќе во септември годинава). Исто така треба да се нагласи дека мерките се усвоени во консултација со сите комори и експертската јавност.


М
ерките се поделени во 3 сегменти: ребаланс на Буџетот, поддршка на кредитирањето со 100 милиони евра обезбедени преку Европската инвестициона банка и тн. други мерки. 10 мерки се предложени од стопанските комори, како што се препораките јавните претпријатија и акционерски друштва со мнозински државен капитал своите обврски кон компаниите да ги намируваат најдолго за 45 дена. 54 се однесуваат на поедноставување на царинското работење и побрз проток на стоките на граница, во рамки на втората фаза на проектот Регулаторна гилотина. Најзначајните опфаќаат континуирано 24 часовно присуство на инспекциските органи од ветеринарната и фитосанитарната управа на граничните премини, зголемување на бројот на гранични премини каде што ќе се спроведува царинење, можност за одложено плаќање на ДДВ при увоз, како и укинување на административните такси за поднесување царинска декларација, намалување на надоместоците кои се плаќаат за ветеринарно– санитарен преглед на граничните премини, намалување или уинување на царинските стапки за некои репроматеријали, особено за чевларската и прехранбената индустрија.

Прочитај и за ... >>  Страв од Путин или од „путинизмот“

Останува целосното реализирање на инфраструктурните проекти предвидени во Буџетот за 2009– та година, целосната исплата на земјоделските субвенции, забрзување на активностите заедно со општините за основање на индустриски зони, но и зајакнување на контролата на квалитетот на увозните производи согласно ЕУ стандардите.

Во транспортниот сектор ќе се намалат цените за добивање на сертификати за стручна компетентност на управители и оспособеност на возачи за меѓународен транспорт на 200 и 100 денари. Ќе се намалат цените за хомологација и дополнителните технички прегледи и за добивање на разни видови сертификати и потврди.

Со ребалансот Буџетот се намалува за 9% или 173 милиони евра. Растот годинава ќе изнесува 1%, на исто толку е проектирана и инфлацијата. Буџетскиот дефицит и натаму останува 2,8%, а ќе се финансира преку задолжување кон комерцијални банки, издавање на евро обврзница или други начини кои ќе бидат утврдени деновиве. Важно е дека ќе се намали обемот на аукции со државни записи.

За директна кредитна поддршка на приватниот сектор Владата обезбеди кредити од ЕИБ во износ од 100 милиони евра за поддршка на малите и средни претпријатија, со најверојатно дополнителни 50 до 100 милиони евра од комерцијалните банки. Условот за користење на средствата ќе биде одржување на постојниот број вработени од страна на претпријатијата корисници. Одобрувањето на средствата, преку Македонска банка за поддршка и развој, ќе почне во јуни-јули годинава. Пакетот за поддршка на претпријатијата опфаќа програма за кофинансирање и гаранции за долгорочни инвестициски кредити и субвенционирање на камата за кредити за обртни средства.

Прочитај и за ... >>  Исто, ни најмалку различно

Владата одлучи да ги скрати парите за капитални инвестиции за некои нестопански проекти, но оние кои беа планирани во програмата за 2009– та ќе бидат реализирани: набавката на автобуси (помала реализација од предвидената во првата година), изградбата на спортски сали, фудбалски игралишта и тениски игралишта, олимписки базен, стадионот „Филип Втори“ источна и западна трибина, потоа дел од проекти во МВР, во МО, во Владата.

Се забележува дека ребалансот на Буџетот не носи посилен рез во двете клучни ставки – стоки и услуги и нестопански проекти, кои заедно изнесуваат 840 милиони евра. Од ставката стоки и услуги се исплаќаат платите на вработените во администрацијата со договор на дело, а од капиталните расходи 470 милиони евра, најголем дел се влечат за финансирање на нестопански проекти. Капиталните расходи се намалуваат за околу 5,5 милијарди. Се работи за инвестиции во патната инфраструктура, енергетиката, воопшто во ангажирањето на производствени капацитети, а пред се на градежништвото и другите придружни дејности.

Некои од македонските бизнисмени, пред се оние кои веќе ги „тресе“ економската криза- металопреработувачката и текстилната индустрија, коментираат дека новите антикризни мерки многу нема да им помогнат (како ни претходните). Тоа особено се однесува за големите извозно ориентаирани компании. Сметаат дека и во овие мерки нема директна помош за нив, иако се главни „полначи“ на Буџет. Нивното производство и извоз и натаму ќе паѓаат, па ќе влегуваат во уште поголема криза.

Прочитај и за ... >>  Косово допрва европски проблем

Ставот на стопанските комори:

Стојмирка Тасевска од Стопанска комора на Македонија смета дека и во овој пакет мерки се исклучени големите фирми и трудоинтензивните гранки:

„Ќе доставуваме дополнителни предлог мерки, така што тука може да се најдат и големите претпријатија, значајни за нашата национална економија, бидејќи овие мерки не се однесуваат на нив“.

Касим Зибери од Стопанската комора на северозападна Македонија:

„Ефектот од претходните мерки не беше позитивен и очекуваме овие нови да имаат поголем ефект. Факт е дека не знаеме што ќе се случи во иднина, условите се менуваат. Секој месец има нови елементи од кризата што влијаат на стопанството. Сметаме дека порано требаше да се реагира, но ситуацијата треба и понатаму да се следи“.

Златко Калеников, претседател на Сојузот на стопанските комори потенцира дека ситуацијата во реалната економија е толку алармантна, што ќе ги замрзнат сите активности на комората за да се насочат единствено кон директна поддршка на компаниите за спас од кризата:

„Голем дел од нашите барања се прифатени. Сметаме дека и овие мерки се малку во споредба со реалната состојба во која се наоѓа нашето стопанство. На мерките треба да се гледа како на жива материја што треба да се менува во зависност од потребите на компаниите кои се најпогодени од кризата.

Сите се согласуваат дека е приоритетно мерките што побрзо да се имплементираат во практика, зашто кризата секој ден ги усложнува состојбите.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here