Потребно време за читање: 3 минути

Одамна е осознаено од врвни учени дека независноста во својата суштина значи објективност. Па сепак, кај нас одвреме-навреме се поставува, всушност се повторува ова прашање и се покренуваат дискусии, се развиваат полемики: постои ли или не независност (особено медиумска), како таа се потврдува и афирмира во практиката-секојдневјето, ја препознаваме ли, дали се наметнува, дали доминира или е одамна „поразена“ итн.

Независноста е веќе подолго време „дежурна тема“ кога станува збор за судството и неговото реформирање. Како да го направиме нашето судство независно (бидејќи не е) или повеќе независно (бидејќи е недоволно). Некој ќе рече дека тоа го бара од нас меѓународната заедница, ни е поставено како една од првите задачи во процесот на „европското нормирање“ односно сеопштата „европеизација“ на Република Мкедонија.

Два-три збора за суштината на независноста:

Таа не значи ништо друго, освен објективност. Независност каква што вообичаено се разбира кај нас ниту постоела, ниту може да постои. А вообичаено се толкува во егзистенцијална смисла.

Уште од раѓање човекот е зависен-од мајчиното млеко, па таа-зависноста го следи во текот на целиот живот. Во зрелото доба егзистенцијално сме секогаш зависни. Или од други (кои ни даваат работа-работодавците) или од сопствениот бизнис (кој е исто така секогаш поврзан со друг(и)-има ли поинаков?). Па и „слободните“ активности-пасиит нѐ прават зависни со тоа што им го подаруваме своето слободно време. Треба ли да потсетуваме на зависноста од заедницата на која ѝ припаѓаме и на системот во кој егзистираме и дејствуваме?

Прочитај и за ... >>  Антивладин и социјален бунт во Данајската република (Грција)

Независноста значи објективност и само тоа. Кога зборуваме за независно судство, за независни медиуми, за независни интелектуалци (не во наводници оти има и други-зависни) итн., попрецизно е да зборуваме за објективно судство, објективни медиуми, објективни критичари, промислувачи, интелектуалци.

А за објективноста, пак, суштествен е критериумот или, во поширока смисла, системот на вредности. Не може да се биде објективен кон нешто или некој, ако се нема критериум за вредност-естетска, етичка, научна итн. Не е можно објективно да се анализира и оценува-проценува нечие дело или нечиј придонес во рамките на еден систем, ако нема изграден систем на вредности (норми, стандарди) кој, што е исто така мошне важно, кореспондира со системот што владее во (по)развиениот свет и претставува „филтер“ за оценка на квалитетот на животот како најопшта категорија на човековата егзистенција. (Нормално, во понеразвиениот тој е на пониско ниво).

Немаме независни медиуми, немаме независно новинарство, немаме и ќе немаме независно судство ако сме (како што сме) урнисале еден систем на вредности, а на негово место не сме поставиле и не градиме нов. Во тоа е проблемот на моментумот во кој се наоѓаме, во кој се наоѓа Република Македонија.

Прочитај и за ... >>  Црна „народно- правобранителска“ македонска 2006-та

Порака до политичките партии (и на позиција-на власт и во опозиција):

Вашиот рејтинг е низок и ќе биде сѐ понизок, што ќе рече граѓанството веќе или воопшто не ви верува или ќе ви верува сѐ помалку сѐ додека не „седнете“ и не договорите систем на вредности во сите области на нашето живеење. А кој потоа ќе го понудите како темел на сето ваше и наше сегашно и идно дејствување. Сѐ друго што сте правеле досега, што правите и ќе правите во иднина (ќе) претставува обична манипулација, шпекулација, политички дилетантизам. Со еден збор: сеопшта зависност. (Ваша од други-на пример ваши спонзори и од вас односно од вашиот „врв“-вашето членство и оние што ги „спонзорирате“.)

За непристрасноста:

Таа нема никаква врска со независноста, односно објективноста. Таа е еден од двата најопшти критериума при оценување, донесување на каков било суд при судење. Вториот е „спротивставениот“-пристрасноста. А да се биде пристрасен не значи да се биде необјективен, туку да се заземе страна (да се навива, да се поддржува, да се поттикнува итн.). Тоа, пак-заземањето на страна може (и обично е) пообјективно од независноста каква што се разбира кај нас од многумина.

Прочитај и за ... >>  За мудрите луѓе

Најчесто непристрасноста се врзува за донесување на одлука или суд помеѓу две еднакви, рамноправни, еднакво позиционирани или валидни страни. Тоа ќе рече дека кога зборуваме за судството (една од најактуелните теми кај нас) не треба да зборуваме и да се залагаме за независно, туку за непристрасно судство.

И уште ова во овој контекст:

Се вели: „Колку си повеќе платен, толку си понезависен (јас велам понепристрасен)“. Затоа во развиениот демократски свет („доволно непристрасен“) се настојува оние што одлучуваат или работат за заедничкото добро да бидат добро платени. Со тоа, меѓу другото, ќе бидат и помалку подложни на корупција.

Апсолутно погрешно! Намерно или случајно, сеедно. Имено, не негирајќи ја „доброплатеноста“ (иако не ни е баш јасно што значи тоа, во однос на што итн.), во името на независноста и непристрасноста јас велам:

Не колку, како или кога, туку е најважно кој најдобро плаќа (ќе плати).

Кај нас (за жал или за радување) најдобро плаќаат странците, па платените од нив се најобјективни и најнепристрасни кога сме ние во прашање („домашните-домаќините“). Бидејќи тие знаат кого колку треба да платат, затоа што имаат критериум, поставен систем на вредности кој постојано, континуирано го доградуваат, надградувааат, ние во нив (ќе) имаме најголема доверба.

Претходен написФилозофијата како наука
Следен написМинато: еден од грчките масакри врз егејски Македонци

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here