Потребно време за читање: 2 минути

Точно пред една година на автопатот Загреб – Липковац, близу до гратчето Нова Градишка- Хрватска, во сообраќајна несреќа загина македонскиот поп пејач, еден од најдобрите на светот на сите времиња, Тоше Проевски. Веста беше шокантна за сите, а особено за младите во земјава на кои им беше не само музички идол. На плоштадот „Македонија“ во Скопје, во неговиот роден град Крушево, во цела Македонија, Хрватска, Балканот, во целиот свет телевизиите ги прекинуваа своите програми со вонредни вести, со веста за смртта на 26-годишниот пејач и хуманист.

Една година непребол за момчето кое со песна и хумано дело (акции, манифестации, помош, донации) поврза милиони срца, ги пронижи и сплоти со вечна тага. Да, замина во легендите, помеѓу ѕвездите на небото на човечноста, но во сегашните генерации остана, ќе остане и во идните вечен спомен.

Голем број на обожувачи на Тоше во Хрватска (неговата втора главна „музичка дестинација“), како и пред една година, се собраа на стадионот во Нова Градишка од каде што пред една година полета хеликоптерот со неговите посмртни останки. А денеска, во раните утрински часови, точно во 6 часот и 20 минути, времето кога според полициските извешти се случила трагичната сообраќајна незгода, полетаа 26 гулаби во знак на 26 –те години на Тоше. Се огласија и сирените во градот, а 26-мина македонски атлетичари- маратонци стартуваа на ултрамаратонот од овој хрватски град до Крушево. Тие за 80 часа непрекинато трчање ќе ја истрчаат маршрутата долга 900 километри.

Прочитај и за ... >>  Црвенковски во Брисел: содржина иста, форма малку различна од „стандардната“

Пејачите, уметниците, филозофите, хуманистите, политичарите, сите се согласуваат дека Тоше Проевски беше единствен, а со градењето на мостови помеѓу различните нации и етничките групи, со својот „градителски глас“ и песна, успеа како никој досега да ги надмине разликите, да ги обедини луѓето, да ги доближи сите генерации.

Цела година и денеска на Интернет фановите на Тоше оставаат пораки, му се обраќаат, му пишуваат, „разговараат“ со него. Сосема мал избор:

„Ангелу. Зарем веќе цела година те нема? Нема зборови со кои би ја опишала мојата тага. Една година страдање и солзи. Секој ден се прашувам зошто баш ти?! Одговор нема. Никогаш нема да те заборавиме, драг Тоше. Сите те сакаме“.

„365 дена тага, ни недостигаш на сите. Се што ќе напишеме не може да ја опише тагата, едноставно – ни недостасуваш. Те сакаме“.

„Заталка помеѓу ѕвездите. Цела година те чекаме да се вратиш. Некој вели: „На ангелите не им е место на земјата“ – сега тие се твои чувари. Ангелу, една година е премалку за среќа, но премногу за тага – така помина и оваа. Врати се и врати ни ја среќата“.

Прочитај и за ... >>  Предвидување: 9,3 милијарди луѓе во 2050-та година

„Тоше, беше човек со големо срце, знаеше да сакаш, да даваш и да простуваш. Беше и ќе останеш пример за сите нас од кој можеме многу да учиме. Останаа многу зборови што не успеавме да ти ги кажеме. Остана многу љубов во нашите срца што не ти ја покажавме и подаривме. Тоше – зборот благодарам е премал за се она што го стори ти за нас. Вистината е сурова, болна и тешка. Твојот премлад живот згасна само за еден миг, но има нешто што никогаш нема да згасне – тоа е љубовта, гордоста и сеќавањето на тебе“.

Првите молитви за Тоше денеска ги упатија семејството на литургијата што се одржа во црквата Успение на Пресвета Богородица во Крушево, со која чиноначалствуваше митрополитот Петар. Потоа помен се одржа и на гробот на Тоше. Според желбата на семејството, освен црковните обреди во Крушево не се одржаа други активности. Најавено е дека камен-темелникот за спомен куќата на Тоше ќе се стави на 25-ти јануари, на неговиот роденден.

Прочитај и за ... >>  Бавна реализација на развојните програми

Се предвидува овој ден да биде прогласен за национален Ден на хуманоста во Македонија.

Претходен написНови барања и предлози на Атина
Следен написРусија- ЕУ: Последиците од одлагањето на преговорите за стратешко партнерство

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here