Потребно време за читање: 3 минути

Од роднини и пријатели глава не можеш да кренеш. Ако веќе си му помогнал на еден, значи можеш да им помогнеш на сите. Ако ти како директор, како шеф, како раководител, или позиционерски политичар не помагаш во оваа безработица, кој може? А треба да се работи, да се живее, да се преживее.

Ќе ме вработиш кај тебе, ќе ми најдеш некое местенце кај твоите, па ќе ти бидам вечно благодарен. Да знаеш, се врти колце на тркалце, може да дојде и некое мое време, па ти да побараш помош од мене. Знаеш како е: стореното се памети, ама и нестореното не се заборава.

Никогаш толку многу роднини и пријатели! Како сиот народ да е една фамилија.

Веќе стана жива срамота: син ти го пикна кај тебе, ќерка ти исто така, па зетот, после снаата, па нејзиниот брат, синот на твојот прв братучед, па братучедот на твојот втор братучед…

Веќе никој не верува дека во твојот колектив, со кого ти раководиш, има некој да не ти е роднина или барем пријател на некој од твоите. Пријатели, и тоа најблиски, колку ти душа сака. Не си ни знаел колку си имал пријатели додека не стана директор. Исто како и роднините: овој пријател на оној, од пријател преку пријател на пријател, а овој е пријател на мојот пријател од твојот пријател, со кого едно време си бил добар пријател…

Прочитај и за ... >>  Примирје помеѓу Израел и Хезболах

Никој не ти верува ниту во ветувањата дека како позиционерски политичар ќе се бориш против непотизмот во државните-јавните претпријатија, во државните органи на сите нивоа, во власта. За сметките и пресметките да не правиме муабет: овој ќе ми помогне за ова, оној за она, овие ќе ми се најдат за тесно и широко кај вчерашните, оние ќе ме препорачаат кај утрешните кога треба да ја сменам бојата…

Наскоро ќе мораш да се откажеш. Се разбира, не од роднините и пријателите, туку од директорувањето. Да знаеш, наскоро и од политиката како таква ќе крене раце од тебе.

И ти си ми бил некој директор штом си попуштил пред роднини и пријатели. Како можеш успешно да директоруваш со нив? Се сметаш за успешен политичар? Како кога си дозволил да те вртат на малиот прст, да те местат и пресметуваат според нивни список на места и нивни пресметки, без престан да се вртиш од кај што дува ветрот?

Прочитај и за ... >>  За мудрите луѓе

Чаре? Нема друго чаре, освен под итно да го трансформираш претпријатието, ако може во акционерско друштво, да си го приватизираш. И онака е од неколкуте, последните што останаа нетрансформирани, неприватизирани. Да го фатиш последниот транзиционен период како политички или политизиран директор. Сеедно. Па од роднините и пријателите околу тебе со време да останат само успешните, само оние што ги бидува, што знаат и умеат. За да не пропаднеш. И ти и претпријатието со тебе. И твојата политичка кариера.

Навистина, непотизмот стана наше големо делнично гајле. Никако не може да се оправда со „преодна фаза“. Демек, тој кај нас порасна до невидено затоа што лошо ја исутркавме приватизацијата. Има нешто од тоа, ама што правиме со политизацијата, партизацијата на сѐ државно, и јавно и тајно?

Ама друго ќе е многу поважно: дека роднинството и пријателството на работа е знак на неспособност и злоупотреба.

Имено, ти како директор кој го „негува“ непотизмот, не можеш без роднините и пријателите оти само тие можат да ти ја бранат позицијата, да ти ја чуваат фотелјата, да водат сметка да не паднеш.

Прочитај и за ... >>  Во Албанија осуда на комунизмот

Имено, ти, како политичар кој се плаши од независните, не можеш без овие и оние оти преку тие можеш да направиш сѐ што си наумил. За доброто на твојот народ?! А кој ти дал за право народот да го сметаш за твој?! Особено ако не си негов?!

Во светот на бизнисот никому око не му трепнува за роднини и пријатели. Во него важи единствено онаа нашата, народната:

Брат за брат-сирење за пари.

Во светот на демократијата секому му е најважна слободата, независноста, достоинството, личниот идентитет и интегритет. Во него важи единствено онаа нашата, народната:

Не им го прави на други она што не сакаш тебе да ти го прават.

Претходен написБЕЗБЕЛИ, НА НЕБО ВЕТЕР ФРЛА ДЛАБОК ЗДИВ, стихозбирка
Следен написПациент и чудовиште

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here