Потребно време за читање: 5 минути

Не може да се има никакво разбирање за писмото што на македонскиот премиер Никола Груевски му го испратил пратеникот на ДУИ во Парламентот на Македонија, Фазли Велиу. Најмалку од сопартијците, инаку коалициони партнери во Владата на Македонија. Најнапред затоа што е тоа недугаво, неумно, нервозно, па и дилетантско, не му „прилега“ на еден возрасен човек, на претседател на едно здружение кое кај македонските Албанци има голем респект-Здружението на воените ветерани на ОНА, на истакнат член на партијата на Али Ахмети, а најмалку на зрел (според годините) политичар.

Имајќи предвид и некои други поранешни „неконтролирани“ изјави-истапи на партиски членови, очигледно е дека во ДУИ час поскоро мора да се спроведе „чистка“, односно на повеќемина членови во врвот да им се „оддаде признание и благодарност за досегашниот придонес“.

Велиу се заканува, како „жесток борец“ за албанската „кауза“, против „асимилација“ односно „уништување“ на Албанците, а не за „правата“ на првачињата Албанци да не го „учат“ официјалниот јазик (и) на нивната држава. Тој толку многу „се извадил од такт“ што на Груевски детинесто му се заканува со „истата судбина како на Милошевиќ“. Како што се вели при секое соочување со вакви „нешта“, да не е смешно би било трагично.

Со што тоа Груевски, „како Милошевиќ“ (се мисли на поранешниот претседател на СР Југославија Слободан Милошевиќ, кому Меѓународниот суд во Хаг му судеше за злосторство, но пресудата не ја дочека бидејќи „ненадејно“ почина во затворот), опасно им се закани на македонските Албанци, та лидерот на воените ветерани на ОНА да настапи толку „воинствено“?

Со една одлука на Владата на Македонија (не на Груевски лично): првачињата од немнозинските заедници во Македонија да го „учат“ македонскиот јазик од прво одделение (во наводници зашто „нервозните“ не сакаат да слушнат дека не станува збор за учење, туку за основно запознавање поради меѓусебна, „соживотна“ комуникација (не само со дечињата Македонци). Не е јасно како тоа некој од сопартијците- од ДУИ да не му „сугерира“ на Алиу дека тоа не е одлука која се однесува само на дечињата Албанци, па да има „основа“ за оценување како „антиалбанска и антиграѓанска“, туку на сите, од сите немнозински заедници. (Веројатно писмото го напишал и го испратил „на своја рака“, без да почувствува најмала потреба барем да се информира „што е што“.) Треба ли да се потсетува дека според Уставот на РМ (а не според Рамковната спогодба која е „имплементирана“ во него) македонскиот јазик е единствен официјален јазик на целата територија на Македонија?

Прочитај и за ... >>  Реално: предвремени парламентарни избори во Македонија пред почетокот на годинашново лето

На некои медиуми „со право“ им се виде „најинтересна“ (всушност недугава и неумна) „директната закана“, па ја цитираа како наднаслов или поднаслов на своите прилози:

„Можете да постапите како што сакате, со силата на стапот и камшикот, но не можете да не присилите да влеземе во бездна, каде што вие сте на нејзиниот раб. Ниедна империја не успеала да не асимилира, уништи, па ниту оваа што вие ја предводите“.

Груевски мошне вешто го „одбрани“ Алиу правејќи се „на удрен“:

„Кое писмо, од кој? Не сум видел такво писмо“.

(Треба да се има предвид и можноста до прашувањето од новинар тој навистина писмото да не го добил.)

Од друга страна, зачудува нервозата во ДУИ- барањето одлуката целосно да се повлече, а особено оценката дека таа „може да удри по соживотот“! Како? „Објаснува“ Ермира Мехмети (во интервју за А1 ТВ):

„Она што е непобитен факт е дека оваа одлука не предизвика нервоза само во коалицијата, туку има малку поширок контекст. Оваа одлука предизвика голема нервоза кај сите етнички Албанци, и замислете, успеа да ги обедини сите политички субјекти на етничките Албанци, а со нив да ги обедини сите други невладини организации, односно албанската заедница во Македонија. Таа нервоза се разбира дека има големи шанси да удри по соживотот и тоа е алармот што ние во континуитет го креваме. Предупредуваме дека ваквиот начин на предизвикување (?!) на албанската етничка заедница во 6-те месеци, кои што како што кажа амбасадорот Рикер, се пресудни да се реши спорот за името, сигурно нема да продуцираат растење на меѓуетничката доверба“.

Прочитај и за ... >>  Македонија и натаму делумно слободна земја

Дали Мехмети не мисли дека „ваквиот начин на предизвикување“ би требало еднакво да се однесува и на другите немнозински етнички заедници? И зошто тој „начин“ очигледно не ги предизвикува? Што се однесува на „поширокиот контекст“, би било добро во албанската етничка заедница да се (под)размисли дали разговорното незапознавање (повторувам, не учење) на македонскиот јазик не предизвикува- нема да предизвика изолирање односно гетоизација на албанските првачиња во Македонија? Или: нели со досегашното решение-македонскиот да се учи од четврто одделение, од прво до трето ним им е оневозможено да комуницираат со дечињата Македонци и од другите немнозински заедници?

Груевски погрешно коментираше дека жали оти учениците Албанци не сакаат да го изучуваат македонскиот јазик од прво одделение. Велам погрешно, зашто е „неприродно“ дечиња од прво до трето одделение да знаат што сакаат! Да, се работи за несакање на родителите нивните дечиња „барем“ до четврто одделение да бидат изолирани, да не комуницираат со своите врсници.

Меѓутоа, многу поважно е укажувањето на Груевски: дека идејата за запознавање на македонскиот јазик да почне од прво одделение му ја дала токму меѓународната заедница:

„Забележаа дека не е добро младите да учат странски јазици, како што е англискиот од прво одделение, а македонскиот да го учат од четврто и порачаа дека би било добро да разгледа Владата една можност да го учат и македонскиот од прво одделение“.

Оваа „прозивка“ е мошне сериозна и претставниците на меѓународната заедница би требало час поскоро да излезат пред јавноста и да „дообјаснат“, пред се поради реакцијата со мошне непријатен „контекст“- дека тоа не е вистина, а сугестијата била за „заемно изучување“ (што, пак, значи „на мала врата“ воведување на албанскиот како втор официјален јазик во Македонија; ваквото „толкување“ не значи само „заемност“ помеѓу Македонците и Албанците, туку се однесува и на Албанците со другите етникуми).

Прочитај и за ... >>  Помеѓу „ќе“ и „можам“ (нема и „морам“)

И пак сосема погрешно новинарско информирање: во изминатава недела часовите по македонски јазик не ги бојкотираа првачињата Албанци, туку нивните родители. Тие бараат нивните дечиња да го учат македонскиот од четврто одделение, како досега.

И конечно она што зачудува: родителите да го потценуваат до таа мера капацитетот на своите дечиња, та да сметаат дека не можат да учат 3 јазици (а можат 2). За разлика од првачињата од другите етникуми на кои запознавањето (не учењето) на македонскиот не им претставува никакво оптоварување!

Миникстерот Тодоров изјави дека ќе се консултира со експерти дали учениците се преоптоварени со изучување на 3 јазици и дали има уставно – правни пречки во одлуката првачињата од немнозинските заедници (да, не само од албанската!) македонскиот јазик да го запознаваат од прво одделение.

Што би било конечно решение на ова, како што веќе оценија некои од „меѓународната“, мошне „сензитивно“ прашање (претпоставуваме дека мислат оти е такво само за Албанците)?

Лично не гледам друго, освен:

За да не се „нарушат“ меѓуетничките односи (всушност односот на Албанците спрема Македонците), спроведувањето на одлуката да не важи само за првачињата Албанци, но не и за првачињата од другите немнозински заедници.

Во спротивно, би требало и нивните родители да бидат прашани „што да се прави“, односно дали сметаат дека нивните дечиња немаат толкав „мемориски капацитет“ да изучуваат 3 јазици. Се разбира, поради стабнлизирање и натамошен развој на меѓуетничките односи во Република Македонија.

Во меѓувреме, токму поради „сензитивноста“ на „проблемот“, под „влијание“ на меѓународната заедница „топката“ ќе се смири и ќе се чека решението на Уставниот суд за барањето што го поднесоа родители на деца-првачиња Албанци (албанска невладина организација).

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here