Потребно време за читање: 2 минути

На 16-от фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ наградата за најдобро артистичко остварување му припадна на Мето Јовановски за улогата на Мартин во претставата „Коза или која е Силвија“, по текст на Едвард Олдбин, во режија на Дино Мустафич, а во изведба на Драмскиот театар од Скопје.

Јовановски (46 години) наградата ја доби во конкуренција на 62 артистички остварувања, во 12 прикажани претстави на сцената во Струмица- 6 домашни и 6 од странство.

Во образложението на жирито, во кое членуваа минатогодишниот лауреат Ѓорѓи Јолевски, како претседател, Петрос Панамос од Грција, Зора Георгиева, Јоана Поповска и Марин Јанев се вели:

„Мето Јовановски во улогата на Мартин брилјираше на сцената со својата неверојатна енергија која бликаше во секој миг од неговото сценско суштествување. Водејќи го ликот со смиреност, не покажувајќи ги своите актерски адути, врутокот на своите внатрешни немири го пренесуваше интелигентно и мистично. Мето Јовановски мудро и ненаметливо го водеше својот лик, величејќи го апсурдизмот и апсолутизмот на Олби до совршенство. Јовановски е стожер околу кој кружат актерските енергии на партнерите и со тоа го создава амалгамот наречен – театар“.

Прочитај и за ... >>  Македонска контраофанзива

Инаку, главната тематска преокупација во претставата се изместените вредности, чувства, бескрупулозност во етичко- човечна смисла. Човек, семејство и една коза, како симбол и персонификација на бегство од безизлезот. Тоа е идејната основа околу која орбитира познатото дело на мајсторот на апсурдноста и егзистенцијализмот, Едвард Олби. Освен Мето Јовановски, во претставата настапуваат и Кирил Ристоски, Филип Трајковиќ и Јелена Жугиќ.

Наградата за најдобра претстава ја доби „Љубовникот“ од Карл Пинтер во режија на Љупчо Георгиевски, а во која извонреди улоги прикажаа Александар Бољшаков и Ана Вртањак од театарот „Вера Тодоровна Комисаржевскаја“ од Санкт Петербург, Русија.

Мето Јовановски е еден од најголемите македонски активни театарски и филмски уметници. Неброени се неговите улоги, а дека продолжува со континуирана и интензивна работа потврдува и снимањето во Србија на филмот „Као рани мраз“ и на ТВ-серијата „Село гори“, поради што отсуствуваше на завршната вечер на фестивалот, а наградата „Ристо Шишков“ ќе ја прими дополнително. Деновиве заминува на фестивал во Каиро (Египет).

Прочитај и за ... >>  Конечен биланс: 294 жртви настрадани во земјотресот во Италија

За признанието вели дека му е особено драго, затоа што во него е вграден ликот на великанот на нашата театарска уметност Ристо Шишков, кој со своите филмски и театарски остварувања стана дел од колективната меморија на народот и особено на артистичката фела.

Една „патемна“ забелешка:

Пред повеќе години во еден мој текст ја поставив лажната, најмалку јазична дилема: „артист“ или „актер“ („глумец“ не е спорно). Притоа со едноставен пример ја потенцирав мојата заложба нашите глумци да ги викаме, а и самите тие да се викаат (и) артисти, како почит спрема нивната уметност. Од едноставна причина што „актер“ е нејзина деградација, а со тоа се уриваат достоинството и угледот на нивните личности: актер е учесник во секој, кој било настан, случување, дејство, процес и тн. (на пример, дали нашите политичари се актери или артисти?); во рамките на театарот како институција и редарот и билетарот се негови актери. Глумците се артисти односно уметници. Глумата е уметност!

Прочитај и за ... >>  Спектакуларно кинеско олимписко шоу

За жал, никој, дури ниту самите артисти не се ни замислија за деградацијата што им е направена од оние што ги крстија актери. Називот „актер“ очигледно ептен им „легнал“, па дури со гордост го прифаќаат и го користат.

Што се однесува на мене, и натаму секогаш кога ќе ми дојдат „на ред“ „актерите“ во театарот и филмот ќе ги нарекувам како што доликува: Со почит и восхит спрема нивната уметност: артисти или глумци.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here