Поет: уметник на зборовите. Има начелно иста судбина како и другите уметници. Тој е со слични диспозиции и сличен карактер, потоа има слична општествена положба итн.
Пистаел: најшироко земено, писател е секој оној што пишува. Тоа е човек од перо (писател, автор, книжевник), кој се занимава со пишување како занимање, произведувајќи книги, написи и други материјали поради публикување. Тоа е лице кое се служи со пишаниот збор за да ја соопшти својата мисла, чувство, приказ, а сметајќи дека тоа би можело да биде од општ интерес.
Многумина сметаат дека творечката личност на поетот како уметник не е идентична со неговата граѓанска личност. Личноста на поетот, како лице кое произведува привид, како илузионист и лажливец, прв ја напаѓа во европската традиција Платон. Но и во подоцнежно време, секогаш кога треба да се зацврсти државната заедница, личноста на поетот се зема како несигурна и ја допушта само онаа поезија која ги јакне јавниот морал и општествените интереси. Од тоа може да се разбере силата на влијанието кое поетите можат да ја имаат врз текот на јавните работи во општеството и, оттука, одговорноста на поетот е поголема колку што медиумот на неговата уметност е близок на секојдневниот говор.
Писателот како творец на магистрални дела, што ѝ припаѓаат на тн. Голема книжевност, се нарекува и поет. Според тоа, писател е оној кој пред сѐ владее со зборови, со јазикот и духот на јазикот во специфична книжевна форма, кому му е својствено да го употребува јазикот на имагинативен и дискурзивен начин, креирајќи книжевен, поетски и аналитичко-рефлксивен израз со кој постигнува одредени ефекти и цели. Тоа значи дека писателот не е само творец на духовна стварност реализирана во структурата на книжевното дело, односно творец на имагинативна книжевност (поетска, драмска, наративна и критичка проза), туку и автор на филозофски, научни, политички, публицистичко-журналистички написи, филмски сценарија, пригодни музички дела и др.
Некогаш се верувало дека писателот е во власта на силите или духовите, гениите, кои го водат и го вдахновуваат во создавањето; потоа е сметан за истражувач на вистината, совеста на општеството, народен трибун и профет, чие звање и мисија се издигнати речиси во божествени сфери. Но денешниот писател е поосамен, поскептичен, кој доведува речиси сѐ под прашање, па и самата целисходност на својата работа и позив. Во минатото тој во својата работа главно се насочувал објективно, настојувајќи да го прикаже и толкува светот каков што е или би требало да биде, додека денес неговата насоченост е претежно субјективна, низ која се изразува себеси, својата исповед и својата слика на светот.
Според својата функција, писателот си припаѓа пред сѐ на себеси и на својата уметност, но му припаѓа и на човекот и општеството, изразувајќи ја во книжевен, поетски адекватен јазик, својата основна порака-мислата за човечката слобода и достоинството и за достоинството на книжевноста. Поседувајќи го она „творечкото“ во човекот, како што вели Николај Хартман, писателот му останува верен на своето најдлабоко битие, без обврски да му служи на што било што е спротивно на неговата визија и со хуманата и неутилитарна суштина на уметноста (иако тие обврски неретко му биле наметнувани), работи колку што може континуирано и предано, речиси нагонски препуштајќи му се на процесот на постојаното уметничко самоусовршување, секогаш неспокоен и незадоволен од состојбата на работите, секогаш во дослух со сите мени на човечкото искуство; откривајќи ја, толкувајќи ја чувственоста и судбината на човекот и светот, испитувајќи ги просторите на срцето и душата и механизмите на свеста, непрестајно проширувајќи го опсегот на сопствените-и читателовите сознанија и спознанија, унапредувајќи го притоа книжевниот вид и струката за која се определил.
Сразмерно на силата на својата творечка индивидуалност, како еден од битните предуслови за автентично создавање, писателот е целиот во она што го напишал, а пишува за да биде читан. Тој е отелотворена сензибилност и ум: со својот сопствен, индивидуализиран јазик ги кажува сопствените и општи желби и стремежи, патила и надежи. Располагајќи со фантазија и со познавање на човечката душа и природата на човекот, пиателот создава, интуитивно или со посредство на искуството или дедукцијата, искуства и факти; воочува, замислува, поврзува, гради, односно обликува во јазик, значи: пишува.
Тој може да биде (1) гениј кој создава книжевни ремек-дела, кој открива нови правци и патишта во развојот на книжевната уметност и книжевното мислење; може да биде (2) творец кој во согласност со својот талент и способности дава повеќе или помалку значајни дела; но писателот е (3) и оној чии дела го прават просекот на книжевната продукција, кој (4) занаетски вешто имитира големи уметнички зборови или (5) пишува исклучиво за разонода и забава на читателската публика.
Книжевните творци-писателите, не само „како исклучителни, туку како позитивни личности го одржуваат континуитетот на духовната егзистенција на човештвото“ (И. Секулиќ), а што, меѓу другото, е една од нивните највозвишени должности.
Општествениот и политичкиот ангажман на поетот и писателот е „посебен“, а со оглед на длабината, тежината, последичноста? Да, како творечки и мислечки личности. Тој е „посебен“ секогаш задржувајќи ја, сочувувајќи ја автохтоноста, независноста и непокорноста. Ангажман едновремен со делото/творештвото и со неспоредно учество во актуелните ошштествени и политички процеси.