Македонија ќе подготвува национален план за квалитет на здравствената заштита со конкретни приоритети, одговорни институции, рокови и показатели преку кои ќе се следат резултатите. Следниот чекор беше најавен вчера на втората национална работилница за зајакнување на рамката за квалитет во здравството, на која се обрати министерот за здравство Сашо Клековски.
Работилницата се одржа со поддршка од Светската здравствена организација и во соработка со Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствените установи – АКАЗУМ. Во фокусот беа резултатите од националната проценка на квалитетот на здравствената заштита, изработена во изминатите месеци со стручна поддршка од канцелариите на СЗО во Скопје и во Атина.
Системот има основа, проблемот е во поврзувањето и спроведувањето
Проценката опфати анализа на документи, разговори со институции, здравствени работници и претставници на пациентите, како и посети на клиники, болници и установи од примарната здравствена заштита. Според презентираните наоди, Македонија веќе располага со повеќе важни елементи – законска рамка, Стратегија за здравство 2021-2030, Национален план за безбедност на пациентите, механизми за акредитација и дигитални системи како „Мој Термин“.
Слабата точка е во тоа што тие механизми сè уште не функционираат како единствен и поврзан систем. Клековски порача дека приоритетот не треба да биде создавање нови документи, туку практично спроведување на веќе поставените политики и воспоставување јасна институционална одговорност.
На сличен проблем укажуваат и поновите анализи на Европската опсерваторија за здравствени системи и политики при СЗО, според кои подобрувањето на квалитетот е формално утврдено како приоритет, но сè уште недостига целосно развиен систем со јасни показатели, улоги и механизми за следење.
Безбедност на пациентите, финансирање според квалитет и јасна одговорност
Министерот издвои три области што треба да бидат во средиштето на реформата: безбедноста на пациентите и системското учење од медицинските грешки, поврзувањето на финансирањето на здравствените услуги со нивниот квалитет и прецизното утврдување на одговорностите на институциите.
Посебен акцент беше ставен на пријавувањето грешки. Наместо модел во кој здравствените работници се воздржуваат да пријават проблем поради страв од последици, најавата е да се гради систем во кој пријавувањето ќе биде заштитено и ќе служи за откривање на слабостите пред тие повторно да се појават.
Прашањето како се трошат средствата и дали тие носат подобра здравствена услуга е веќе дел и од пошироката расправа за организацијата на системот. Panoptikum неодамна пишуваше за трошоците, кадровските дисбаланси и проблемите што ги отвораат тужбите во јавното здравство. Токму тука идејата финансирањето да се поврзе со мерлив квалитет добива практично значење, а не останува само административна формула.
И анализата на СЗО за финансирањето на примарната здравствена заштита, објавена во јули 2026 година, укажува на ограничени поттикнувања за квалитет и координација во постојните модели на плаќање и препорачува поголемо врзување на финансирањето со резултатите и перформансите.
Од проценка кон план што треба да покаже кој за што одговара
Националниот план за квалитет што треба да следува нема да биде замислен како широк документ со голем број декларативни цели. Според најавеното, тој треба да содржи ограничен број приоритети, институции одговорни за нивната реализација, потребни ресурси, конкретни рокови и показатели преку кои ќе може да се утврди дали има напредок.
Паралелно со подготовката на планот, Министерството најавува и унапредување на законската рамка за квалитет, со стандарди и механизми за управување и следење на резултатите. Станува збор за пристап што треба да го помести фокусот од постоењето правила кон нивното реално функционирање. Овој правец се вклопува и во пошироките промени што се најавуваат во здравствениот сектор. Во октомври, при посетата на Софија, Клековски зборуваше и за здравствена соработка до 2028. година и развој на неонаталниот скрининг – пример дека подобрувањето на системот ќе зависи од тоа дали поединечните политики ќе бидат поврзани со јасни стандарди и мерливи резултати.
Најавениот национален план затоа ќе се оценува помалку според тоа колку добро е напишан, а повеќе според тоа дали ќе покаже што точно треба да се промени во работата на установите, кој ја носи одговорноста и дали пациентот на крајот ќе добие побезбедна, поквалитетна и поефикасна здравствена услуга.










