Потребно време за читање: 5 минути

Не оти актуелната Влада на Груевски е безгрешна, извонредно ефикасна, праведна, правична, искрена итн., па и треба одбрана и „билдање“ на нејзиниот рејтинг и од мојата дребност (посебно на премиерот кој не со месеци, туку веќе со години е апсолутно најпопуларниот македонски политичар, со највисок рејтинг помеѓу граѓаните). Ама не смее да се молчи пред лагите, глупостите, па и идиотизмите што за неа упорно, често, дури секојдневно ги измислува и повторува опозицијата, пред се СДСМ.

Една од лагите е дека со надворешната политика што ја води, Груевски ја „турка“ Македонија во изолација. А од идиотизимите (кои како папагали ги повторуваат СДСМ- овските новинарски „свирчиња“, секако најголем досега е дека се врши „антиквизација“ на државата. За него во некој нареден прилог, а во овој, во продолжение за лагата- „изолирањето“ што наводно непречено, „апсолутистички“ ја спроведуваат Груевски и Владата (значи и неговите коалициони партнери, пред се ДУИ).

Ќе повторам мој веќе напишан- објавен став: и да сака некој, кој било (не само Груевски), во оваа ера на глобализација и регионализација (можеби е поточно да се нарече меѓузависност), не може своја или туѓа земја да изолира. Дури и најавторитарните, најапсолутистичките, најтоталитарните режими и владетели (и најомразените од сопствениот народ) не успеале, не успеваат, ниту, пак, се обидуваат да го сторат тоа. Напротив, се и опстојуваат на власт благодарение на поврзаноста, поддршката, зависноста од моќна земја (од најмоќните на светот, пред се од САД).

Проблемот на „главите“ во СДСМ е во неразбирањето на изолацијата, како и на се друго: обвинуваат за неа мислејќи на самоизолација, наместо да го кренат гласот против оние што ја држат Македонија во еден вид „модерна“ изолација. Затоа што власт или владетел(и) можат да имаат амбиција да ја водат земјата кон самоизолација, а кон изолација ја туркаат други!

Се разбира, мислам на „шенгенскиот ѕид“ кој токму актуелната Влада од петни жили се обидува да го урне. Патем, тој „ѕид“ околу Македонија е „подигнат“ пред повеќе од деценија, а неговите темели се поставени уште во 1985- та (Шенгенскиот договор на 14- ти јуни таа година го потпишаа 5 европски држави покрај Шенген, мало место во Луксембург, на границата помеѓу Франција и Германија). Според него, државјаните на државите потписнички можат слободно да се движат во која било друга држава потписничка, не покажувајќи каков било документ на границата (пасош, лична карта).

Прочитај и за ... >>  Наскоро ќе падне и последното „крпче“ од телото на Атина

Јасно, кога од СДСМ напаѓаат за политика на изолација на Груевски (заедно со нив и „непартискиот“ кандидат за претседател Љ.Д.Ф., кој се чини уште не знае за што го кандидираа- неговите „први критики“ укажуваат на тоа дека мисли оти го кандидирале за премиер) мислат на “тврдиот“ став во решавањето на спорот за името на нашата земја со Атина. Поточно, на нужноста од компромисно решение како услов за членство НАТО и добивање на датум за почеток на преговори за членство во ЕУ. А најточно на ветото на Данајската република (Грција) што го стави за членство во НАТО и со кое се заканува за ЕУ (па и за укинување на „шенген- визите“).

Да не должам (нема потреба), ќе завршам со едно отворено прашање до СДСМ на кое, се разбира, не очекувам одговор:

Како тоа народот да има најголема доверба во политичар „властољубец“, „апсолут“, „тиранин“, „кој се замислува дека е Александар Македонски“- Никола Груевски, а тој да го „турка“ него (неговата држава) во изолација? Зарем е толку прост, наивен, шашардисан, збудален, слеп?

Патем, како доказ за „изолацијата“ односно „самоизолацијата“ кој СДСМ го премолче):

На Молитвениот појадок, организиран од новиот американски претседател Барак Обама, присуствуваше и македонскиот премиер Никола Груевски. Според протоколот на Белата куќа, Груевски седел на истата маса број 3, каде што, заедно со уште неколкумина американски конгресмени, седела и Хилари Клинтон.

Како ли си дозволиле таков „пропуст“, да го „седнат“ на толку „блиска“ и, секако, „важна“ маса? Згора на тоа, на само што не се седело молчешкум, туку и, вообичаено, се разговарало. А темите на разговор со поранешната прва дама на САД, сега прв „играч“ на американската надворешна политика, која двапати ја има посетено Македонија, биле напредокот на Македонија во евроатлантските интеграции, регионалните прашања на Балканот и НАТО.

Прочитај и за ... >>  За неверување и смеење: услов на Македонија за во ЕУ и кариесот

(За време на посетата на Вашингтон, Груевски се сретанал и со потпретседателот на САД, Џозеф Бајден, кој долги години водел комисии на Конгресот кои го покривале Балканот и добро ја знае состојбата во овој дел од светот; потоа со неколкумина други членови на американскиот Конгрес, како и со претседателите на комисиите за надворешна политика на Сенатот и на Претставничкиот дом).

За првиот Национален молитвен појадок на Барак Обама, што традиционално се одржува во вашингтонскиот Хилтон:

Пред повеќе илјади претставници на влади и Конгреси, верски личности, парламентарци, деловни и културни луѓе од целиот свет, тој повика на толеранција помеѓу религиите, истакнувајќи дека ниедна религија не се темели на омраза, ниту простува убиства на невини. Потсеувајќи дека верата низ историјата пречесто била користена за поделби, како изговор за предрасуди, нетолеранција и прогонување на други верски групи, Обама нагласи дека и покрај разликите во верите и религиозните текстови „не постои религија на која централна поука и е омразата“ и „нема Бог кој простува одземање на живот на невино човечко суштество“. Без оглед на разликите, постои еден закон кој ги поврзува сите големи религии, рече Обама, цитирајќи изреки за „љубов за блискиот“ од Исус Христос, еврејската Тора, исламот, будизмот, хиндуизмот и следбениците на Конфучиј.

„Постои Златно правило-повик да се сакаме помеѓу себе, да се разбираме помеѓу себе, да се однесуваме достоинствено и со почитување спрема оние со кои го делиме кусиот момент на оваа Земја“, порача Обама.

Зборувајќи за разликите во религиите и за она што ги поврзува,тој во исто рамниште со верниците ги стави и оние кои „не веруваат“ и „хуманистите“, што е невообичаено за Национален молитвен појадок.

Прочитај и за ... >>  Атрактивен, но не и маргинален настан

Обама зборуваше и за своето лично искуство на верата, за растењето со дедото и бабата кои не биле практични верници, за мајка му која била скептична спрема организираната религија, како и за татко му муслиман кој подоцна станал атеист. Рече дека и се придружил на христијанската вера работејќи како социјален работник во сиромашните предградија на јужен Чикаго по факултет0т, како и тоа дека таа станала важен дел од неговиот живот.

Повикувајќи ги сите на „заедничка молитва и заедничка работа во деновите и месеците што следат“, Обама го цитираше Св. Августин: „Моли како се да зависи од Бога. Работи како се да зависи од тебе“.

Штета што немало кој да му дошепне на Барак Обама дека постои земја која може на целиот свет да му служи за пример на верска рамноправност и толеранција: Република Македонија.

Инаку, традицијата на собирање на молитвен појадок е востановена за време на мандатот на претседателот на САД Двајт Ајзенхауер, кој со група конгресмени дошол на идеја да организира заеднички собир со основна намера да се помогне во надминувањето на тогашните поделби во американското општество. Слично на оние кои денес постојат помеѓу сината- демократската и црвената- републиканската Америка, а за кои новиот американски претседател се надева дека ќе ги надмине.

Домаќин на овој собир е американскиот Конгрес, и тоа пред Конгресот двајца членови на американското законодавно тело- еден од републиканската и еден од демократската странка. Меѓутоа, се смета дека главен организатор е неформалната конзервативна христијанска организација „Семејство“или „Feloušip faundejšon“.

Можеби е време, наместо политички недугавости, глупости и идиотизми, како што се „туркање во изолација“ и „антиквизација“ на Македонја, глупавите напади и расправии за нив, а всушност омраза и „крваво“ политичко непријателство, да се размисли за воведување на нешто слично. На пример, посна вечера со молитва за опстанок, непречен и брз сестран развој на Република Македонија.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here