-Нови времиња, нови состојби и нови односи кои мораме да ги прифаќаме и на кои мораме, но ни е сè потешко да се прилагодуваме. Ова се однесува особено на оние меѓу нас што се во години.
-Така било отсекогаш. Тоа иде со напредокот на човештвото…
-Велиш напредок, а мислиш на назадок?
-И едното и другото.
-Мислам дека од сè денес на човек најтешко му паѓа наводното заедништво на далечина.
-Зошто наводно?!
-Затоа што тоа не е, ниту може да биде заедништво…Живот на дистанца…
-За тебе тоа е парадоксално? Од една страна, со сеопштикот напредок човекот ги совладува далечините, многу од нив ги совладал и не му значат ништо, а од друга близоста е инаква… Сè поретка…
-Мислиш на физичката далечина и на близоста како далечина?
-Сега ги именува точно: физичка далечина и далечина како близост.
-Сакаш да кажеш дека далечините ги прават луѓето меѓусебно сè подалечни?
-Сакам. Не сум во право?
-Па нели ти самиот на почетокот констатира дека ги прифаќаме и се прилагодуваме. Живееме во нови и сè понови времиња, нови и сè понови состојби и нови и сè понови состојби затоа што мораме.
-Да, констатирав…Всушност, сакам само да ја потенцирам нужноста од редефинирање на отуѓеноста на луѓето од луѓе. Која од ден во ден, ма од час во час се продлабочува и драматично го ништи човечкото во човекот. Веќе не го чувствуваме…Стануваме бесчувствителни…
-Претеруваш! Проблемот е во динамиката на живеачката, преоптовареноста со секидневни проблеми…Да, и новите односи и прилагодувањето.
МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази/ескизи, 47






