Писмено обраќање на стар господин до млад господин:
„Не, мој драг млад Господине, Вие веќе не сте во состојба да не морате. Знаете зошто морате? Затоа што веќе не Ви вреди да сакате, ниту да не можете. Ќе Ви речам од мое лично искуство: секогаш кога морав, мене секогаш ми беше сеедно дали сакам или можам-не можам.
Мој драг млад Господине, јас совреме Ве предупредував, па и Ве советував да сакате и да можете сѐ додека не морате. Сега прифаќате дека суштинската разлика помеѓу сакањето, можењето и морањето е во личниот однос спрема задачата, обврската, должноста или доверливоста. Меѓутоа, Вашиот најголем проблем е во прифаќањето односно согласноста дека всушност станува збор за неминовност.
Веќе немате ни простор ни време за каква било отстапка, а камо ли за повлекување. Од друга страна, пак, токму поради тоа чувствувате нелагода зашто сте ставени, јас би рекол сами се ставивте во ситуација на нерадо исполнување. Признавам, тоа воопшто не е перспективно за Вас.
Да не одам натаму во детализирање на морањето. Би сакал да го запомните барем ова од мене, мој драг млад Господине:
Токму затоа што сте млад, Вие морате да сакате за да можете“.
ДРЕБНАВОСТИ НА ДРЕБНАВ ЧОВЕК, наративна поезија, 29






