„Монолози и дијалози на беспримерна непорочна љубов“ е поетски роман на Љупчо Димитровски за љубовта како трајна животна вредност, за нејзината сила да создава, да обединува и да остава неизбришливи траги.
Во средиштето на романот се Сончев и Сончева – вајар и археолог, две самостојни личности чии животни патишта се испреплетуваат во заедничка љубов. Тој создава дела што треба да го надживеат, таа ги открива трагите на минатото. Нивната поврзаност се развива низ блискоста, страста, меѓусебната доверба, творештвото, создавањето семејство и раѓањето на нивната ќерка Кибела.
Низ 35 тематски целини, изградени од монолози и дијалози, авторот ги истражува односите меѓу љубовта и слободата, телото и духот, човекот и неговите корени, минливоста и траењето. Притоа, интимната приказна се преплетува со размислувања за човечноста, личниот и националниот идентитет, семејството, предците и потомците.
Домашното огниште и огнот што гори во него стануваат средишни симболи на љубовта и нејзиното продолжување. Нивното значење особено се открива во завршните страници, кога по многу заеднички години љубовта се соочува со староста, разделбата и неизбежноста на смртта.
Со преплетување на поетскиот израз, филозофското промислување и симболичниот дијалог, Љупчо Димитровски создава роман што го поставува прашањето: што останува од една љубов кога ќе заврши животот на оние што ја живееле?
Дело за љубовта што се остварува низ заедничкото живеење, создавањето и паметењето – и за човечката потреба нешто од неа да продолжи да живее и по нас.





