Потребно време за читање: 2 минути

Momentum II

Сцената е осветлена.
Прво се јавува тивка,
па сѐ посилна музика.
Говорот е полн.

Глас 1

Добро, шумовите. Сигурно нема да ги слушнат од гласот оти грми и се одбива од ѕидовите со ехо.

Глас 3

Ќе успееме само ако направиме групен портрет. Маската прва. Тоа со редот е само обид народот да си ги гледа телата еднакви во сите страни. Особено затоа што човекот ќе падне во него со искривена уста. Од радост.

Глас 5

Штом запеам, мајка ми помислува дека сум гладен, а косата ми се крева само затоа што ми е мразна собата цел ден. Секогаш нѐ пречекува со насмевка, па не мора да ни каже колку е сама.

Глас 7

Сепак, треба да објасниме: слика со топли бои и дебели движења на раката. Со модро лице.

Човекот ги расфрла лисјата
во градот
како благодарност и радост
дека му подаривме
епизодна улога во срцето од земја.

Не само што фрлаат
здрави и живи
маси, столици, железни кревети,
стари креденци, огледала,
радио, часовници, минати календари
низ прозорци, врати и низ очи,
туку и цели глави
и гради и раце во движење.

Прочитај и за ... >>  MOMENTUM II, Последен чин или спокојно доаѓање на утрото, поетска инсталација

Сето тоа од крв, се разбира.

Некоја чинија во леб,
па фустани црвени и црни,
и палта од мртви војски
на жени во долна облека.

Дебели книги
направени од старо железо,
карти со свет,
слики во масло, во дрво,
оркестар со пијано и маестро,
птица, мачка, пес;
сето тоа во ред што се качува.

Но здравите и живи
маси, столици, железни кревети,
стари креденци, огледала,
радио, часовници, минати календари;
сите ги сечат, ги колат со нож,
а чиниите ги јадат без леб.

Сликите се голи
во редот што се качува.

Целите глави се тркалаат
низ улиците,
на тротоарите ги препнуваат,
ги паѓаат минувачите;
а тие, пак, чекајќи ноќ,
со страв земаат по една в пазува,
за да ѝ го исчистат времето
од косата,
може и модрото од образите,
ако не е доцна.

Градите и рацете во движење
ги редат на езерото,
до човекот што седнал
и направил круг,
па фрла риби на брегот.

Прочитај и за ... >>  MOMENTUM II, Преобразби што ќе ги постават настаните во логичен ред, поетска инсталација

Измислувам нови причини
за пожарите во собите,
сосе нови засолништа.

Луѓето насобрани пред нив
прво ќе ги голтаат огновите,
потоа ќе скокаат од прозорците
со достоинство и радост.

А редот
се качува ли качува.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here