Потребно време за читање: 4 минути

И на економскиот лаик му е јасно дека ќе биде тешко и долготрајно излегувањето од светската економска криза. Особено затоа што сценариото за неа долго се подготвуваше, а уште подолго траеше нејзиниот почеток (белким не мисли некој дека таа „падна од небо“). Во тој контекст е наивно, па дури и смешно убедувањето на некои странски експерти и политичари дека процесот на стабилизација односно совладување на кризата е веќе започнат, па дури се забележуваат и првите знаци на економски подем од „нулта точката“.

Две нешта во овој момент се најважни и мошне опасни, а имајќи ги предвид можните (реалните) последици: д0делените милијарди евра и долари за „спас“ на националните економии кои, наводно, „автоматски“ ќе ја извлечат од веќе длабоката рецесија и светската економија, и првите знаци на протекционизам кај некои од најмоќните земји. Поларизацијата на светот, а најнапред дезинтеграцијата на ЕУ (регионализација или „растурање“), е веќе започната и тешко дека ќе биде запрена. Освен ако…

Пред толку очекуваниот самит на Г 20 во Лондон, со оптимизам дека ќе понуди заедничка идеја за излез од сеопштата финансиска криза, плановите и решенијата ја поделија Европската унија, но и ги спротивставија Брисел на Вашингтон. Имено, Вашингтон веќе го реализира ставот дека патот од кризата започнува со зголемување на фискалните пакети, односно со натамошни интервенции од државната каса. Од друга страна, најголемите економски сили на Унијата- Франција и Германија (им се придружи и земјата претседавач Чешка) сметаат дека, по речиси 400 милијарди евра дадени преку заедничкиот план за спас на европската економија, владите не треба натаму да се задолжуваат, директно да го кредитираат стопанството, туку да започнат сеопфатна ревизија на сегашната организација на капитализмот заснован на ризици и симсарење. „Проблематичен“ е и Лондон, бидејќи британскиот премиер Гордон Браун се чини оти се обидува да го „разбие“ европскиот став и отворено да се стави на страната на САД.

Прочитај и за ... >>  Политичкиот дилетантизам

Меѓутоа, разлики постојат и помеѓу Берлин и Париз: Берлин се залага за штедење, а Париз за трошење односно за зголемување на куповната моќ на граѓаните.

А само што му падна владата, и натаму претседавачот со ЕУ, чешкиот премиер Мирек Тополанек во Стеразбур, пред европските пратеници, го урна надевањето дека поделбите би можеле да се надминат. Тој беше необично критичен спрема политиката на Барак Обама, истакнувајќи дека планот на САД, тежок астрономски 1.700 милијарди евра, е „пат во пеколот“.

„Тимоти Гејтнер, американскиот министер за финансии, зборува за постојана акција, а ние во пролетниот совет бевме прилично вознемирени поради тоа. Тој зборува за проширена американска поттикнувачка кампања. Сите тие чекори, нивната комбинација и нивната постојаност се пат кон пеколот. Треба да читаме книги од историјата и да се потсетиме на она што сме го учеле од историјата, а најголемиот успех на пролетниот Совет на Европа беше одбивањето да се оди по овој пат“, изјави Тополанек.

Прочитај и за ... >>  Втор круг на претседателски избори: интеграцијата во ЕУ и НАТО не е „добитна комбинација“, туку авторитетот и моралниот кредибилитет на личноста

Притоа тој порача дека Европјаните не треба во Обама да гледаат „месија“ за излез од кризата оти тоа, според него, очигледно не е. Со протекционистички мерки и субвенции во сите домени, САД се на пат да ја повторат грешката од 30- тите години на минатиот век.

Инаку, во редовната месечна анкета што ја спроведува агенцијата „Блумберг“ (за февруари годинава) аналитичарите и економистите оценуваат дека пакетот за стимулација на американското стопанство на претседателот Барак Обама нема да биде доволен да го спречи најголемиот пад на економијата во САД од 1946- та година.

Според нивната проценка, најголемата светска економија оваа година ќе има негативен раст од 2%, односно половина процент помалку од проценките од претходната анкета. Иако Обама планира да создаде 3,5 милиони нови работни места, економиститие предвидуваат дека до крајот на годината стапката на невработеност во САД ќе надмине 8%.

Учесниците во анкетата ја потенцираат итноста со која треба да се пристапи кон спасување на финансискиот сектор, за да се ослободи кредитниот пазар и да се поттикне бизнисот, па дури потоа да се поттикнува потрошувачката. Американската Управа за федерални резерви, поради продолжувањето на економската криза, ќе биде принудена во следните 2 години да ја држи основната каматна стапка под 1%.

Стапката на раст на бруто домашниот производ во САД на годишно ниво во првиот квартал од оваа година ќе изнесува -5%, а во вториот -1,7% проценти. За следната година се предвидува раст од 1,9% проценти, а за 2011- та 2,9%. Доколку се оствари оваа прогноза, тоа ќе значи дека американското стопанство во четирите следни тримесечја континуиарано ќе има негативна стапка на раст, што според предупредувањата на „Блумберг“, е најлош резултат од крајот на Втората светска војна, кога започна систематското бележење на овие резултати.

Прочитај и за ... >>  Убиен или не?

Учесниците на анкетата проценуваат дека шансите за излез на американското стопанство од рецесијата во текот на следните 12 месеци не се поголеми од 53%.

Освен разликите во надминувањето на светската економска криза, ЕУ е загрозена (се движи во правец на регионализација што би значело нејзино „самоукинување“) и од политичката криза во Чешка. Поради неа е загрозено нејзиното претседавање со унијата, оцени шефот на француската дипломатија Бернар Кушнер. Според него, „уште еднаш ќе бидат загрозени“ заложбите да се ратификува Лисабонскиот договор за реформа на европските институции, а потсети дека Чешка и Ирска се единствените земји од 27-те што не го ратификувале овој документ. Тоа, со други зборови, значи натамошен „раскол“ во ЕУ, односно интензивирање на процесот на нејзина дезинтеграција.

Треба да се има предвид дека односите помеѓу Чешка и САД во последно време се влошија со најавите на Вашингтон дека би можел да го „преиспита“ проектот на распоредување на антиракетниот штит на дел од чешката територија, за чие поставување Десниот центар на Тополанек се залагаше, а против што беше социјалдемократскиот блок кој и ја урна неговата влада.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here