Потребно време за читање: 2 минути

46. Расправа

Во Клуб на писатели мало младо друштво за маса во расправа за политиката и творештвото.

Невена Изворска, поетеса:

-Политика и творештво? Нема врска! Има меѓу политика и творец, поточно меѓу политичар и творец.

Жеден Северов, прозаист:

-Многу грешиш. Политиката и творецот се секогаш поврзани тесно. Може да се рече и нераскинливо. Секој творец во процесот на создавањето води своја, лична политика, од избор до одлука, а неа ја споделува кога создаденото дело го започнува соживотот со својот консумент. Ова еднакво се однесува и на дневната политика.

Радован Вишен, поет:

-Поезијата е единствена кога е збор за политиката. Реагира на неа, се случува и да ѝ биде посветена, но најчесто е болен крик поради трагичен настан или последица од неа. Да, неретко е орудие и оружје на духот против неправди, нечовечности, за отпор, борба, јунаштво. Земете ја за пример само патриотската.

Виолета Костеска, книжевен критичар:

Прочитај и за ... >>  МЕНЛИВИ И НЕМИНЛИВИ ДРЕБНАВОСТИ, раскази/ескизи

-Избравте интересна тема за расправа, пријатели. Јас подолго време пишувам есеј за инкорпорирањето на политиката во современото книжевно творештво. За разлика од односот помеѓу политичарот и книжевникот, во кој е сѐ јасно и мошне утилитарно, но најчесто без подлабока врска со делото, помеѓу политиката и творештвото релациите се мошне комплексни. Тргнувајќи од буџетското финансирање односно финансиската поддршка на власта на издавачката дејност, па создавање благопријатна клима за творење, пишување, наградување, егзистирање од континуирано творење и така натаму. Мене, пак, ми е особено интересно како и во која мера политиката се изразува во едно книжевно дело. Од она што досега го проучив и согледав, можам да аргументирам дека и во прозата и во поезијата таа е не само мошне присутна, туку е неретко стожерна. И во позитивна и во негативна смисла. Но знаете што е најпроблематично? Кога книжевното творештво, па и конкретно книжевно дело ја велича дневната политика, би рекла се однесува панегирички спрема неа. Станува збор за речиси без исклучок безвредна литература, инфантилна, моментно делотворна и ефикасна.

Прочитај и за ... >>  МЕНЛИВИ И НЕМИНЛИВИ ДРЕБНАВОСТИ, раскази/ескизи

Станаа и се разотидоа откога заклучија дека творештвото не може без политика, а треба да стои што подалеку од дневната.                  

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here