Потребно време за читање: 2 минути

42. Два круга

Во самрачни часови кафулето на кејот е обично полупразно. Во овие се само тие двајца, седнати за маса еден спроти друг, во полузатемнет агол спроти влезот. Не сметајќи ги стопанот зад шанкот, мал, дебел, ќелав, облечен во син костум, бела кошула и црвена пеперушка, и келнерот пред него, висок, слабикав, во црни пантолони, бела кошула и елек извезен со раскошни црвени, жолти и црни шари. Пред двајцата седнати за маса полни кригли пиво. Разговараат гласно, но не премногу, дури повеќе шепотливо.

Стефан Јовановски и Тодор Калиновски досега воопшто не се познаваа, а седнаа за иста маса токму зашто во кафулето нема друг освен тие. На обајцата им било глупаво да сед сами, така си рекле еден на друг: „Пиво во самост и молк не се пие“.

-Не знам што сакаш да ти објаснувам, пријателе. Секој има свои кругови. Некој два, некој три, некој многу. Инаку не оти не може да живее, ами не може долго ни да преживува.

Прочитај и за ... >>  ПРОБЛЕСОК ВО МИСЛАТА

-Јас, пак, знам дека секој има само еден свој. Не познавам човек кој има два, три и многу кругови. И јас имам само еден.

-Ете, сега ме запозна мене. Јас имам два круга. Различни, на кои не им дозволувам ни да се допрат, а камо ли да се измешаат, да навлезат еден во друг.

-Имаш два? Какви?

-Исти како твојот еден. Едниот е круг на деловни луѓе, блиски, соработници, со кои работам, соработувам, дејствувам. Кои ми помагаат и на кои им помагам. Другиот, пак, е на ближни и сродни, со кои радо се дружам во слободно време. Во него се и моите љубови.

-Аха, те разбрав. Си ги поделил во два круга зашто имаш свои луѓе од една, а од друга страна нив строго си ги разграничил според твоите потреби и интереси.

-Баш не си разбрал! Не сум ги поделил јас, туку тие, што се со мене и за мене и со кои сум и за кои сум, се поделија сами. Едно немаат исти интереси, немаат многу што да споделат меѓусебно, а друго се во свои различни времиња. Затоа ти реков дека секој има не еден, ами два, три или многу свои кругови. Едноставно, тоа го бара животот. Единствено така може да се живее денес, па и да се преживува.

Прочитај и за ... >>  ПРОБЛЕСОК ВО МИСЛАТА

-Сакаш да кажеш дека и мојот еден е два, три или многу?

-Кажувам.

-Или оти под итно треба да го поделам макар на два?

-Токму така. Под итно да го поделиш.

-А зошто во кафулево и јас и ти сме заедно оти сме сами?

-Ние сами, а заедно?!

-Значи, штотуку почнуваме да формираме нов, наш, заеднички круг.

-Да, ако не дозволиме ова дружење да ни биде прво и последно. И ако најдеме некој заеднички интерес, ако имаме нешто за споделување.

Стефан Јовановски и Тодор Калиновски ги испразнија криглите, станаа, му платија на високиот, слабикав келнер, во црни пантолони, бела кошула и елек извезен со раскошни црвени, жолти и црни шари, и заедно излегоа од кафулето.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here