Наслушна чуден разговор меѓу двајца младичи на чекор-два пред него. Ќе да немаа повеќе од дваесеттина години. Според него облечени обично младешки: едниот во црни фармерки, црн дуксер со патент и бели патики, а другиот во сиви тренерки и бели патики. Незабележливо се насмеа на помислата дека би се нашол во незгодно кога некој би побарал од него да прикаже „необично младешко облекување“. Едниот со рацете во џебовите на дуксерот, а другиот со рацете во џебовите на тренерките. Одеа пред него со бавни чекори. Беше очигледно дека не им се брзаше никаде.
Разговорот:
-Јас сум човек без мани!
-Стварно? Блазе си ти.
-Да! Јас немам, а други ми наоѓаат во конкретни дејствија, работи, однесувања и така натаму.
-Аха. Ама штом ти ги наоѓаат, тоа значи дека ги имаш. А ти или не си свесен за нив или не умееш да ги контролираш.
-Ако ја имаме предвид комлексноста на маните како такви, пред сè позитивните, негативните и оние што се дел од карактерот, тие не се никаква пречка во моите односи со други и во односите на други со мене.
-Имам нешто читнато за тоа од учени, специјалисти за карактерот, за неговите позитивни и негативни постапки и однесувања. Претпоставувам дека знаеш оти карактерот се покажува при однесување без присуство на друг.
-Ти секој наш разговор, за што било го креваш на високо рамниште. Го правиш сериозен, продлабочен, промислувачки. Сега уште да ме прашаш што е тоа карактер.
-Што е?
-Боже! Не знам како те поднесувам како мој прв другар со години. Што е карактер? Тоа ти се, другарче мое, однесувања како основа на моралното дејствување. Клучот е во искуството и генетиката кои влијаат на начинот на кој невроните во мозокот комуницираат едни со други.
-Кога тврдиш дека си човек без мани, значи твојот карактер е апсолутно позитивен; значи, во него нема ништо негативно. Значи, ти си упорен, полн си со самодоверба, зрачиш со оптимизам, прилагодлив си, сигурен, одговорен, Значи, во тебе нема ни трага од песимизам, нарцизам односно прекумерно его, не ти недостига емпатија, никогаш не си нефлексибилен, не изразуваш срдитост.
-Баш така.
-А што правиме со твојата тврдоглавост и соочувањето со лицемерието? Знаеш да бидеш тврдоглав како магаре…
-Не. Никогаш! Само принципиелен и доследен!
-Оф леле! Добро, немој да ми тврдиш дека си постојан и секогаш искрен.
-Зависи спрема кого. Спрема тебе да, апсолутно. Зашто си мој најдобар другар.
-Ти наведов карактерни мани.
-Да ти кажам нешто. До вчера мислев дека заборавноста ми станува сè поголема мана, ама многу ми олесна кога прочитав заклучок од едно научно истражувањ. Таа е главна карактеристика на интелигентните луѓе! Демек, добро е мозокот да заборави помалку важни работи за да може да се фокусира на извршување важни задачи и носење одлуки. Со други зборови, не треба да се идеализира добрата меморија, туку да се помнат ситуации кои се важни за животот.
-Блазе си ми што имам другар како тебе. Човек без мани! А другари сме оти јас имам неколку кои си ги поднесувам и ми ги поднесуваш со судни маки.
Двајцата младичи се изнасмеаја. Не ја носев со себе тетратката „Жива мисла“ за да им влезам во разговорот и да им ги пренесам моите мислења и ставови за човечките мани:
Бидејќи ние сме без мани, значи лесно и брзо откриваме мани кај други.
На маните им се спротивставуваат добродетелствата. Но, човек кој знае како да ги искористи за себеси тие се во содејство со нив.
Со нашите ситни мани ги покриваме крупните.
Маните можат да ја направат староста неподнослива за други.
Има мани кои не се откриваат на лицето. Ги крие неговата убавина.
Не само што не ги гледаме и не ни пречат, туку и не нè интересираат маниге на нам блиските.
Лесно е да се ослободиме од сопствените мани? Од карактерните многу тешко, ако не и невозможно. Зашто е многу тешко да се менува и најмало нешто во нашиот карактер.
Најтешко му е на човек кој мора да се ослободи од своите мани.
Блазе тебе што твоите мани не им пречат на твоите блиски. Па уште кога ги присвојуваат за себе..ма ти си на коњ!
Препознаваш свои мани во други и не ги поднесуваш.
Ги гледаме туѓите мани како да немаме свои.
Преминуваме преку ситните мани, но ни се неподносливи оние што ни се прикажуваат како добродетелства.
Откриваш сопствени мани кај други и се чудиш како ги поднесуваш.
Ситните мани брзо и лесно стануваат крупни. Поготово по последиците.
Може ли маните и слабосите да зближат познати и непознати? За жал да-како почеток на меѓусебно оддалечување.
Нè залажуваат и се самозалажуваме со мани кои ни ги наметнуваат како добродетелства.
Не постои добар човек без мани, но постојат добри луѓе со малку и подносливи.
За почит е секој што укажува на мани на други, споредувајќи ги со свои.
Не велам дека не може да се ослободиш од своите мани, туку ја истакнувам твојата способност да не им дозволуваш да те надвладеат.
Нема поголема мана од онаа што скришно влегла во тебе и те заробила во себе.
Паметиш туѓи мани, а забораваш на своите? Ти си злонамерен.
Вистинска љубов е онаа што умее да постави знак на равенство меѓу маните и добродетелствата.
Може ли маните да се сокријат зад добродетелствата? Може само некое време.
Лесно се владее со луѓе чии мани и добродетелства не се злоупотребуваат.
Свесноста за мана налага нејзино поправање или совладување.
Како што не можат трајно да се сокријат брчките на лицето, така не може ни маните долго да се поднесуваат.
Ниедно оригинално дело не е без мани.
ЖИВА МИСЛА ИЛИ СИТЕ УМИРААТ, ОСВЕН ЈАС, мислечко-поетичен роман, 51




