Пред да постои правопис, пред да се утврдат граматичките норми и пред еден јазик да добие своја кодифицирана литературна форма, тој веќе живее. Живее во говорот, во паметењето, во песната и преданието, во записите и во секојдневната комуникација на генерациите што го употребуваат.
Токму на тој долг пат од говорот и писменоста кон литературната норма е посветена рубриката „Јазички факти, строеж, норма“ од првата аудио книга на серијалот „Јазикот е мојата татковина“. По воведната содржина за јазикот како простор на идентитетот, паметењето и опстојувањето, серијалот се навраќа кон историските слоеви врз кои се развивал современиот македонски литературен јазик.
Во средиштето на оваа содржина е односот меѓу писменоста и кодификацијата. Нормата не се појавува одеднаш, ниту го означува почетокот на јазикот. Таа доаѓа по долг процес на културен, општествен и јазичен развој. Оригиналниот текст од емисијата го пренесуваме во неговата изворна форма.
Кодификацијата-нормирањето на еден јазик настанува во период на потврдување- утврдување на националниот идентитет, неговото ослободување и самосвест, и е резултат на развитокот на писменоста, самобитноста, воопшто на културата. Притоа, писменоста се затврдува многу порано од кодификацијата на еден литературен јазик, а како нужност од бележење- запишување на откриеното и осознаеното, но и на повторливото (глас- звук- знак). Тоа ќе рече дека корените на јазикот се длабоки, дел од наследството, од вековите и опстојувањето, како самобитно јазично обележје.
Развитокот на современиот македонски лиературен јазик се темели на словенската писменост и традиција. Како што забележува Блаже Конески, таа-словенската писменост, се затврдува уште при крајот на 9-иот век и почетокот на 10-тиот, со создавањето на едно од најстарите и најпознати културни и словенски центри-Охрид, од страна на учениците на Кирил и Методиј- Климент и Наум. Основата на тој, наречен старословенски јазик, е солунскиот македонски дијалект. Како и кај другите словенски народи, тој јазик со текот на времето претрпувал промени кои најмногу се под влијание на народните говори во одделни подрачја- територии, заедници. Јазичните особености во Македонија, во македонската средина, потекнуваат од крајот на 10-тиот до почетокот на 12-тиот век. Како најзначајна јазична црта Конески ја наведува тн. замена на еровите во затворениот слог- со и со е (с н > сон, д н >ден). Се разбира, можат да се забележат и други промени односно особености, од кои се изделуваат употребата на глаголската азбука и придржувањето кон јазичните и редакционите особености на најстарите кирилометодиевски текстови-од писмената активност на Преславската школа, заснована на Источна Бугарија, а во која, покрај употребата на кирилицата, се забележуваат јазични и редакциони подновувања. Следејќи го натаму историскиот развитокот на словенската писменост, Конески ја истакнува употребата на глаголицата во тој период, азбуката составена од кирила. Кирилицата во Македонија почнува да се употребува при крајот на 10-тиот век (познатата надгробна плоча на Самуила од 993-та година), а веќе во 12-тиот век таа ја заменува глаголицата, иако сосема не се напушта се до почетокот на 13-тиот век.
Од 14-тиот век, и покрај влијанието на српската рецензија се до 18-тиот век, во писменоста остануваат видни траги од македонските особености во Средниот век. По завојувањето од страна на Турците во старословенската основа посилно навлегуваат елементи од народниот говор, но значително изменет, поинаков од оној во времето од 9-тиот до 11-тиот век.
Во следната емисија, почитувани слушатели, сублимно ќе ви ги пренесеме согледбите-анализите на Блаже Конески за народниот јазик во практичната писмена употреба од 16-тиот до 19-тиот век.
Јазикот пред нормата
Во оваа историска перспектива особено е важно сознанието дека кодификацијата не е почетна точка, туку резултат на претходно наталожен јазичен и културен развој. Зад секоја утврдена норма стојат говори, записи, книжевни традиции, промени во изговорот, азбуката и употребата на зборовите.
Токму затоа историјата на македонскиот јазик не може да се сведе само на датумот на неговото современо нормирање. Нејзината траекторија се чита во старите ракописи, во глаголичната и кирилската писменост, во народниот говор и во постепеното навлегување на живи јазични особености во пишаниот збор.
Од Климент и Наум до живиот народен говор
Охрид и традицијата создадена околу дејноста на Климент и Наум во оваа приказна имаат посебно место. Тие го претставуваат периодот во кој писменоста станува културна инфраструктура – средство со кое знаењето, верата, книжевноста и јазичното искуство можат да се зачуваат и да се пренесуваат од генерација на генерација.
Но јазикот никогаш не останува неподвижен. Народниот говор постепено продира во писменоста, старите облици се менуваат, се создаваат нови особености, а историските околности оставаат свои траги. Токму во тие промени може да се следи континуитетот на еден жив јазик.
Следно: народниот јазик од XVI до XIX век
Со ова завршува оваа содржина од рубриката „Јазички факти, строеж, норма“ во Аудио книга 1. Следното продолжение ќе нè однесе во периодот од XVI до XIX век и кон прашањето како народниот јазик сè поизразено навлегувал во практичната писмена употреба.
Потоа, во рамките на првата емисија, продолжуваме и со останатите рубрики: „Граматика-правопис-правоговор“, „Јазична практика“ и „Зборовник“.
„Јазикот е мојата татковина“ продолжува да го отвора јазикот како историја, систем и секојдневна практика – збор по збор, правило по правило, емисија по емисија.
Продукција: РТД Радио Гром
Автор: Љупчо Димитровски
Продуцент и тонски реализатор: Горан Димитровски
Стручен соработник: Стојка Бојковска, лингвист








