Потребно време за читање: 2 минути

По Олимпијадата, во кинеската престолнина Пекинг е во тек уште една елитна спортска манифестација. 13-тата Параолимпијада беше отворена во саботата (06.09.) со уште една церемонија на стадионот „Птичјо гнездо“.

Суштината на параолимпијадата е натпреварувањето, а не инвалидитетот.

Годинава настапуваат повеќе од 4.000 спортисти од 6 различни групи на инвалидитет, кои претставуваат речиси 150 земји и региони на светот. Тие се натпреваруваат во 20 спортови, меѓу кои мечување, атлетика, велосипедизам, коњички спорт, веслање, едриличарство, стрелаштво, пливање, пинг понг и тенис во инвалидски колички, одбојка (седејќи) и кошарка во инвалидски колички. Во текот на 13-те дена (манифестацијата ќе заврши на 17-ти септември) ќе се одржат вкупно 472 натпреварувања за медали.

Пред заминувањето во Пекинг, селекторот на македонската параолимписка репрезентација Бранимир Јовановски изјави дека од натпреварувачите кои зад себе имаат по 2 учества и бројни медали од големи настани очекува високи дострели. Тоа посебно се однесува на искусниот двоец во стрелаштво Оливера Наковска Бикова- Ванчо Каранфилов. Бикова, моментно второпласирана на светската ранг листа, освојувач на сребрениот медал од Параолимпијадата во Атина, и Ванчо Каранфилов, исто така освојувач на среброто во Атина, ќе настапат во 3 дисциплини во воздушен пиштол.

Прочитај и за ... >>  Аргументи, факти…чекори-проекти

Засега очекувањата не се исполнија. Ванчо Каранфилов стартуваше со лош резултат- го освои 27-то место помеѓу 34-ца натпреварувачи во дисциплината воздушен пиштол од 10 метри. Тој собра 549 кругови што не беше доволно да се вмеша во битката за медали. Златниот му припадна на Русинот Валериј Пономаренко, со нов светски рекорд од578 кругови.

Оливера Наковска- Бикова, пак, го освои одличното 5-то место во истата дисциплина во женска конкуренција. И недостигаше помалку од еден круг за да го освои бронзениот медал. Таа оствари резултат од 462, а трета беше Делекова од Русија со 462, 6 круга. Претходно, во квалификациите, Бикова стаса и до четвртата позиција, но не успеа да ја задржи.

Настапот на македонската експедиција продолжува в среда.

Не само резултатски, за македонските спортисти Параолмпијадата е секогаш поуспешна од Олимпијадата. Така сигурно ќе биде (веќе е) и на оваа, па е должност на сите нас (вљубеници на спортот воопшто, медиуми, спортски организации, власта) да обрнеме многу поголемо внимание на нашите параолимпијци. Добро е што во последниве неколку години им се обезбедени „нормални“ стандарди на подготовки (далеку од светските), особено оние од материјално- финансиска природа. Наш проблем е што со соодветно, дури и поголемо внимание (бидејќи го заслужуваат) не ги следиме редовните натпревари на инвалидизираните лица, лицата со пречки во развојот, помеѓу два нивни настапа на меѓународната сцена.

Претходен написДа или не: законско „Големо уво“ во Македонија
Следен написНовата Студена војна засега во почетна, „вербална фаза“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here