Потребно време за читање: 5 минути

НЕПОДНОСЛИВА ЛЕСНОТИЈА НА ПОЛИТИЧКО- МЕДИУМСКА МАНИПУЛАЦИЈА И ШПЕКУЛАЦИЈА:

Со Република Македонија владее ненародна, недемократска, тоталитарна власт на чело со Никола Груевски и час поскоро- веднаш треба да се урне!

Ова постојано, секојдневно го гледаме и слушаме од газдата- стопанот на А1 ТВ и неколкумина маргинални лидери на политички партии.

А секој што ќе се „дрзне“ да каже или напише дека не е „баш така“, веднаш се прогласува за режимски, ВМРО-вски, (пот)платен, исто така тоталитарен итн. Џабе му е јавно, настојчиво, аргументирано и со конкретни дејанија да докажува дека независноста за него значи објективност, дека неутралноста е исто така позиција за разлика од неопределеноста, дека поради сомнеж во соучесништво во криминал на колеги не прифаќа да се срами од својата професија во која е цели четири децении…

И „Фридом хаус“ ќе биде прогласен за таков? „Немат шанца“!

А тоа дека и во најновиот извештај за слободата во светот Република Македонија не е неслободна, недемократска, тоталитарна, туку делумно слободна? Е, ако де, ама е сепак неслободна, нели?

А дека воопшто не ја влошила својата позиција во однос на 2009-та, и покрај „ударот“ врз „најдемократскиот медиум“ во Македонија? Тоа ќе биде „пренесено“ во следниот извештај, бидејќи процесот „кулминира“ на почетокот од годинава и допрва ќе следи расплет? Да сме живи и здрави, ќе видиме, ама сега- засега е…ова:

Според нивото на демократија во 2010 година, Република Македонија е на истото ниво како и во годината пред тоа (2009), во групата на делумно слободни земји, се наведува во извештајот „Слободата во светот 2011 – Авторитарни предизвици за демократијата“ на „Фридом хаус“, кој се однесува на периодот од 1. јануари до 31. декември 2010. година. Таа е во групата земји со статус – делумно слободни, со оценка 3, на скалата помеѓу 1 и 7.

Од балканските држави, на Македонија „и прават друштво“ Косово, Албанија и БиХ, а слободни се Грција, Бугарија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Романија, Словенија и Унгарија. Подобрувања во политичките и граѓанските слободи се забележани на Косово, кое сега се наоѓа во категоријата делумно слободни држави, а по неодамнешните избори Црна Гора е влезена во категоријата слободни држави.

Прочитај и за ... >>  Зошто техничка влада?

Позицијата на нашава земја главно се должи на претседателските и локални избори, кои се оквалификувани како фер и компетитивни, како и на имплементацијата на реформите препорачани по парламентарните избори во 2008. година. Во изминатата година е постигнат одреден напредок во однос на реформите поврзани со кандидатурата за членство во ЕУ, но како главна пречка се наведува долгогодишниот спор со Грција околу името и нерешените прашања за нивото на автономија доделена на етничкото албанско население во земјата.

А кој спомнува(ше) дека актуелната Влада е „ненародна, „можеби легална, ама не и легитимна“? Како е можно да е таква кога и претседателските и локалните избори се оценети како „фер и компетитивни“?

Генерално, според извештајот, слободата во светот во изминатата година опаднала поради зголемената моќ на авторитарните режими и недоволниот отпор на светските демократии. Веќе петта година на ред се регистрира опаѓање на политичките и човековите права во светот. Во слободни држави живеат 43% или околу три милијарди лица од светското население, 22% или 1,5 милијарди во делумно слободни држави, а 35% или 2,4 милијарди жители на планетава се во земји во кои што нема слобода. Од194 држави и 14 територии во светот, опфатени со извештајот, 87 земји или 45% се оценети слободни, 60 или 31% се рангирани како делумно слободни, а 47 држави односно 24% се сметаат за неслободни.

„Нашите непријатели не само што спроведуваат репресија во светот, туку работат и премногу агресивно, со голема самодоверба“, изјави Извршниот директор на Фридом хаус, Дејвид Крејмер, додавајќи дека демократската заедница не е подготвена за ваков предизвик.

Кина, Египет, Иран, Русија и Венецуела и натаму спроведуваат репресивни мерки, додека бројот на изборни демократии паднал на 115, што е најниско ниво од 1995. На пример, во 2005. имало рекорден број на изборни демократии- 123. Помеѓу земјите кои деградирале во демократска смисла се наведуваат и Франција, Унгарија, Летонија, Украина, Авганистан, Египет, Мексико, Брегот на Слоновата коска.

Прочитај и за ... >>  Недугаво и неумно писмо на еден квазиполитичар

А што е со медиумската слобода? Нема ништо за неа во извештајот на „Фридом хаус“? Се разбира дека има, ама за оние што се „репресирани“ очигледно не е „интересно“. За разлика од извештајот за првите 6 месеци од 2010., кога таа беше оценета како лоша (а немаше ниту најава за „упад“ во „најголемиот борец за демократија и слобода“ помеѓу медиумите). Тогаш беа потенцирани политичките притисоци, нееднаквиот пристап на сите партии во некои медиуми, политичкото влијание на сопствениците кои истовремено се и лидери на партии, како и лошиот закон со кој се регулира медиумскиот „пазар“. И во тој извештај, како во најновиов, Македонија беше во групата на делумно слободни држави.

Се разбира, никој во земјава не треба да биде задоволен од делумната слобода, вклучително и слободата на медиумите (па и мојата дребност бидејќи доживеав „конкретни влијанија“). Особено кога станува збор за политичката и економската. Напротив, истата позиција во однос на 2009. треба да се смета повеќе како негативна одошто задоволувачка, а што би требало да ја загрижи пред се актуелната власт.

Меѓутоа, борбата против каков било криминал во сите области, па и во медиумите (има мал и голем, ситен и крупен, помалку и повеќе валкан, лесен и тежок?) не смее да се опструира, забавува и оценува како загроза на демократијата, да се прогласува за тоталитаризам итн. На многумина од политиката, бизнисот и медиумите очигледно им фали елементарно познавање и знаење.

Сегашната медиумска состојба во светот:

Во повеќето земји на централна и источна Европа е забележан мал пад во слободата на медиумите, а Русија и натаму останува една од најрепресивните и најопасни средини за нив. Слободата на медиумите во светот опаѓа четврта година на ред., назадувајќи во однос на експанзијата на независното новинарство по уривањето на Берлинскиот ѕид.

Прочитај и за ... >>  Опасноста од глобално затоплување се поголема

Во извештајот се наведува дека 10-те земји со најлоша состојба кога се работи за слобода на медиумите се Белорусија, Бурма, Куба, Екваторијална Гвинеја, Еритреја, Иран, Либија, Северна Кореја, Туркменистан и Узбекистан. Се додава дека само еден човек од шестмина живее во земјите со слободни медиуми, а минатата година поместување во таа област е забележано само во азиско- пацифичкиот регион.

Како што се истакнува, најголемо влошување во слободата на медиумите е забележано во Латинска Америка и во земјите на поранешниот Советски Сојуз.

Карин Карликер, која била на чело на истражувачкиот тим, изјави дека додека во последните години на 20. век беше забележана експанзија во слободата на медиумите во многу области, тоа е променето во 21.

„За жал, позитивните промени забележани во последната деценија на 20. век не се зацврстија“.

Владите на Кина, Русија и Венецуела „веќе со години систематски навалуваат врз она што порано беше релативно слободна област на Интернет и информативните медиуми“, се наведува во извештајот.

Кога се работи за земјите на Блискиот исток, најголем пад во слободата на медиумите е забележан во Иран, каде што новинарите беа на мета на власта по спорните претседателски избори.

Од друга страна, состојбата на медиумите во Израел е подобрена во однос на ограничувањата воведени во текот на војната во Газа на крајот од 2008. и почетокот на 2009. година.

Кога се работи за Северна и Јужна Америка, најчувствителен пад во слободата на медиумите е забележан во Мексико и Хондурас, а независните медиуми се соочувале со тешкотии во Еквадор, Никарагва и Венецуела.

Инаку, во авторитетноста на „Фридом хаус“ и валидноста на нејзините оценки не треба да се има никаков сомнеж. Оваа меѓународна невладина организација, со седиште во Вашингтон, спроведува истражувања на состојбата во светот со демократијата, политичките слободи и човековите права, а тие се користата и во политичките науки. 80% од нејзиниот буџет го обезбедува американската влада, но прима и средства од разни други извори- влади и фондации.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here