Кога влијанието станува проблем
Во Македонија корупцијата најчесто ја замислуваме како плик со пари. Затоа потешко ја препознаваме кога доаѓа како состанок, совет, посредување, деловен интерес, „пријателска“ препорака или тивко туркање на некоја одлука. Токму таму се наоѓа тенката линија меѓу законското лобирање и недозволеното влијание – линија што, според ДКСК, јавноста и институциите сè уште не ја препознаваат доволно јасно.
Државната комисија за спречување на корупцијата, во соработка со ИПА-проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, ја спровела кампањата за лобирање од 7. до 28. април. Според објавените податоци, пораките на платформите на „Мета“ стигнале до 717.000 лица, со повеќе од 3,3 милиони импресии и над 71.000 интеракции, додека преку Гугл дисплеј мрежата биле обезбедени повеќе од еден милион дополнителни импресии и 1.282 клика. Тоа е голем досег, но вистинското прашање не е колку луѓе ја виделе кампањата, туку колку институции ќе почнат да ја водат моќта во записник, наместо во ходник.
Лобирање не значи корупција – тајноста е проблемот
Законот за лобирање уредува кој може да биде лобист, како се регистрираат лобистите и лоби-организациите, кои се нивните обврски и што мора да прават органите кај кои се лобира со цел процесите на подготовка и изменување јавни политики, програми, закони и други акти да бидат транспарентни. Тоа значи дека кога лобирањето е пријавено, евидентирано и јавно проверливо не е нужно корупција. Напротив, може да биде легитимен начин интересите да влезат во јавна расправа.
Проблемот почнува кога влијанието нема име, нема нарачател, нема трага и нема јавна цел. Тогаш „застапување интерес“ станува притисок, а политиката се претвора во затворена соба во која законите се договараат пред да бидат предложени. ДКСК на својата страница посочува дека кога лобирањето е нетранспарентно и нерегулирано, може да води кон несоодветно влијание и нелојална конкуренција, додека регулираното лобирање е легитимна можност за учество во процесите на носење одлуки.
Затоа оваа тема не е техничка. Таа е срцевина на јавниот интерес. Во земја во која секој урбанистички план, секој тендер, секоја концесија и секоја законска измена брзо се читаат низ сомнеж, потребата од видливи правила е поголема од потребата од уште една добра кампања. Во тој контекст природно се надоврзува и претходната анализа на Panoptikum за тендерите како огледало на партиската држава и за мафијашката култура во политиката.
Првиот регистриран лобист и старото прашање: кој навистина влијае?
По завршувањето на кампањата бил регистриран првиот индивидуален лобист, освен веќе регистрираните три лоби-организации и пет застапници на лоби-организации. Овој податок е важен не затоа што бројката е голема – напротив, таа е мала – туку затоа што покажува колку голем дел од реалното влијание сè уште веројатно се движи надвор од формалниот систем.
Претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, укажа дека сè уште постои ограничено разбирање за тоа што претставува лобирањето и каде е разликата меѓу законско, транспарентно застапување интереси и недозволено влијание врз носителите на одлуки. На четирите тркалезни маси, одржани во април и мај, учествувале претставници на институции, локална самоуправа, деловната заедница и граѓански организации, а биле истакнати потребата од поголема практична примена на Законот за лобирање, подобрување на дел од одредбите и континуирана едукација.
Во превод: законот постои, регистарот постои, правилата се напишани – недостига навика системот да ги користи. А без таа навика, транспарентноста останува убава реченица во документ, не реална заштита од заробени одлуки.
Имотот на функционерите како второ лице на истата приказна
Истата логика се гледа и во проверката на имотната состојба. ДКСК во оваа година треба да ја следи имотната состојба и судирот на интереси кај 6 групи носители на јавни функции: судии, јавни обвинители, пратеници, министри, градоначалници и лица на кои им престанала функцијата градоначалник по локалните избори во 2025. година. Планот предвидува по 10 лица од секоја група, односно вкупно 60 проверки во периодот јануари – декември 2026.
Ова е важна корекција на дел од медиумските наслови што зборуваат за „околу 50“ функционери. Самата структура на планот покажува поширок опфат: правосудство, законодавна власт, извршна власт и локална власт. Токму тие полиња се најчувствителни, бидејќи таму јавната одлука најлесно може да се претвори во приватна добивка.
Според сопствените укажувања и медиумските извештаи, ДКСК не е истражен орган. Нејзината улога завршува со иницијативи и акти до надлежните органи, како Обвинителството или Финансиската полиција. Тоа ја прави Комисијата важна, но не и доволна. Ако по проверката нема институционален епилог, јавноста повторно ќе добие познато сценарио: сомнеж без разврска, бројки без одговорност, процес без чувство дека правдата се движи.
Довербата не се враќа со досег, туку со трага
Најважната реченица во целата приказна не е дека кампањата допрела до над 700.000 граѓани. Најважната реченица е дека влијанието мора да стане видливо: кој лобира, во чие име, за која цел, кај кого и со каков исход. Истото важи и за имотот: кој пријавил, што пријавил, што се променило, што не може да се објасни и кој ќе постапува ако има несразмер.
Ова е точката во која лобирањето и имотот на функционерите се спојуваат во една поширока тема: државата не се брани од корупција само со закони, туку со проверлива меморија. Секој контакт, секоја одлука и секое зголемување на имот мора да остават трага. Без тоа јавниот интерес останува збор што сите го користат, а малкумина го штитат.
Македонија нема проблем само со тоа што дел од влијанието е незаконско. Има проблем што премногу влијание е невидливо. А невидливата моќ е најскапа форма на корупција затоа што прво ја троши довербата, а потоа и институциите.









