Потребно време за читање: 3 минути

17. Освојување на едни очи
(Генеза и Коба)

Во ова освојување се многу важни
Генезата и Кобата
(со почетни големи букви).
Дури до пред да се стаса на целта
бидејќи се наше препознавање
во безличен свет,
бидејќи се запознавање на светот
со она што е сега во нас
најнапред.

Најнапред се потсетивме јас и ти
голи оставени под сонце,
после пред месечина,
дека нашата шума растена
со векови во неосвоиви предели
сокрива пресечена рака
од некој момчак што сонувал љубов
фрлена пред зори,
а која ние треба скоро да ја откриеме.
(Помислуваме дека тоа се случило
при средба со Винсент ван Гог.)
Но сокрива и сува река помеѓу
две дрвени коли заглибени
во кал и заборав,
на кои се мои и твои ближни
во пребег за спокој
на најмалку две идни генерации.

Твоето враќање од изгорен дом
е запишано на црвен хоризонт,
не случајно се разбира.
Зашто секој друг, во инаква боја
нема ништо судбинско или искуствено
за кои било и за какви било луѓе.

Прочитај и за ... >>  САМОБИТНАТА СЕНКА И ЉУБА-роман во продолженија

Сѐ тоа и друго, без оглед
што нешто веќе ми кажува
дека конечно ќе ми успее
освојувањето на очи,
ќе биде прво и последно
за приказ и доказ на опстојот
на цивилизацијата.

Јас мислам дека јас и ти
немаме многу од она исчекување
и оние недоумици
во меѓувреме собрани на мостовите
пред да ги урнат за да нема
ничие враќање во живот без трага.

Не треба да ги помниш нашите
испишани доживелици
на црвениот хоризонт
(може да се рече заведени)
под големата буква Г
(прашај се на крајот од некој
твој сон по наша страст
што сѐ се случува во просторот
пред црна квечерина).

Ми иде да те прашам онака:
дали на крајот ќе ги разлееме
помеѓу зборови одмолчени
старите мириси од секакви
тревки, билки и цветови?
(Што нѐ врзуваа интимно наредени
пред напукнатото огледало
во изгорениот дом;
значи, сепак не случајно
и не бесцелно.
Ти добро знаеш дека тоа никогаш
никаде не било домислено од мене.)

Прочитај и за ... >>  МЕНЛИВИ И НЕМИНЛИВИ ДРЕБНУЛИИ

Поздравувам војнички
народи именувани и преименувани.
(Така ме учеше дедо ми како мал
на испраќање во војни
што се редеа без престан дење-ноќе.)

А огништето со камени ѕидови,
без прозорец макар еден,
ниту врати, ниту порти отворени,
небрането од ветришта, од луњи,
од студенини и жештини,
крв и коски ми премалува.
Ама тоа воопшто не ме загрижува,
зошто не знам зошто,
туку скокам и играм игри
без смисла, бесцелни,
обидувајќи се до едни очи
да стасам пред сите.

Црвениот хоризонт завршува
на големата буква К,
што личи  на невино, на неопитно,
на безнадежно зачекорување
во пуста земја,
што ќе рече без макар сенка,
макар лелек, макар восклик
од семејна лоза,
што ќе рече за нов почеток.
Па ми иде да те прашам
зошто натаму напредуваме?

Поздравувам војнички
народи именувани и преименувани.
(Под очиве имам којзнае колку езера
кои ти се обидуваш да ги изброиш.
Но тоа не е можно зашто
се прелеваат едно во друго).
Ти не заборавај пред полноќ
да ги собереш во еден бран
сите светски мориња
со сѐ живо во нивните длабини
и дна,
за народ гладен и страден
да нараниш
пред речиси да исчезне
во заумен свет.

Прочитај и за ... >>  ПРОБЛЕСОК ВО МИСЛАТА

Чувствуваме празнина помеѓу нас,
исправени пред бури
на два брега еден спроти друг;
јас со песна од грубости
што сокрива самост,
ти со раѓање на крик од бездна
во која се умира тихо,
пред  едни очи сѐ уште
неосвоени.

Чувствуваме како надоаѓаат
жестоки, смртни болештини
со последен здив,
кои ќе обесплодат семиња
и огнови вивнати до небо.
(Сувата река е веќе зад нас.)

Доста е доваму,
доста е дотаму
нели?

Црвениот хоризонт наеднаш,
без никој, без ништо да најави,
без никој, без ништо да предупреди,
станува недогледлив и недосеглив
за нас,

а ние продолжуваме со освојување
на едни очи во кои љубовта
почнува со Генеза
и завршува во Коба
(со почетни големи букви).

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here