Еврокомесарката за проширување Марта Кос денеска во Скопје порача дека Македонија има место во Европската Унија, но дека усвојувањето на договорените уставни измени останува неопходен чекор за формален почеток на пристапните преговори.
По средбата со премиерот Христијан Мицкоски, Кос оцени дека земјата бележи напредок во реформската агенда и ја поздрави зголемената посветеност на Владата во исполнувањето на реформските обврски. Таа нагласи дека реформите се важни за економијата, животниот стандард и приближувањето кон Унијата, но додаде дека без уставните измени процесот не може формално да продолжи.
Уставните измени остануваат услов за следниот чекор
Кос изјави дека членството во Европската Унија би донело значително поголеми придобивки за граѓаните и бизнисите, вклучително и поголема финансиска поддршка, пристап до европски програми, инфраструктурна помош и нови можности за компаниите. Како пример ја посочи Црна Гора, наведувајќи дека по членството во ЕУ земјата би добивала повеќекратно поголема финансиска поддршка.
Сепак, еврокомесарката повтори дека усвојувањето на договорените уставни измени, со внесување на Бугарите во Уставот, останува неопходен следен чекор за формално започнување на пристапните преговори. Таа ја охрабри Владата да го започне процесот што би довел до усвојување на измените.
Кос: Проширувањето не се темели на однапред дадени гаранции
Одговарајќи на новинарско прашање за можни гаранции од Европската Унија дека во текот на преговорите нема да се појават нови билатерални условувања, Кос рече дека проширувањето не се гради врз однапред дадени гаранции, туку врз доверба, обврски, посветеност, исполнување и работа.
На прашање како да се гради доверба со Бугарија, во контекст на спорот околу македонскиот јазик и идентитет, Кос посочи дека нема готов рецепт, но дека довербата е важен дел од пристапниот процес. Таа рече дека довербата се гради не само со зборови, туку и со конкретни дела, со избегнување постапки и изјави што ги зголемуваат тензиите, со почитување на меѓународното право и со решавање на споровите по мирен пат.
Мицкоски: Нема план Б освен членство во ЕУ
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата останува посветена на реформите и на европскиот пат. Тој рече дека Македонија нема друга опција ниту план Б освен членство во Европската Унија.
Мицкоски нагласи дека очекува европската интеграција да остане процес заснован врз јасни критериуми, вредности и исполнување на реформските обврски, а не процес оптоварен со билатерални прашања што создаваат неизвесност кај граѓаните.
Тој додаде дека секое трајно решение треба да биде засновано врз заемно почитување, заштита на националното достоинство и јасна, предвидлива европска перспектива.
Изборниот законик и реформската агенда
Кос посочи дека е потребен и меѓупартиски консензус за Изборниот законик, со цел земјата целосно да го искористи моментумот во евроинтеграциите. Според неа, реформската агенда и Планот за раст во одреден дел ќе се поврзат со пристапниот процес, што би можело да овозможи побрзо придвижување кон напредните земји во регионот.
Еврокомесарката оцени дека постојат сериозни изгледи до 2028 година Европската Унија да добие нова членка од Западен Балкан и порача дека Македонија треба да биде меѓу земјите што ќе се движат напред во тој процес.









