Пишуваме според правила што најголемиот дел од нас ги совладува уште во првите години од образованието. Но дали истото може да се каже и за начинот на кој зборуваме?
Токму разликата меѓу напишаниот збор и неговиот правилен литературен изговор е во средиштето на следната рубрика од Аудио книга 1 на серијалот „Јазикот е мојата татковина“.
По историското навраќање кон писменоста, јазичниот строеж и нормата, серијалот сега влегува во практичната основа на литературниот јазик: граматиката, правописот и правоговорот.
Правописот воспоставува правила според кои пишуваме. Правоговорот, пак, бара тие правила да живеат и во нашиот говор — во изговорот, акцентот, изборот на зборовите и начинот на кој јазикот го употребуваме во секојдневната комуникација.
Во првата аудио книга од серијалот „Јазикот е мојата татковина“, ова прашање е поставено вака
Претпоставувајќи дека го знаете гласовниот систем на македонскиот јазик (31 глас, за секој посебен знак-буква), а имајќи ја предвид и концепцијата, структурата и целта на овој програмски проект, сметаме дека е потребно да посочиме на основните специфики и разлики помеѓу правописот и правоговорот, односно на потребата од правилен литературен изговор. Помали се проблемите во врска со правописот, дури би рекле не постојат, основните се надминуваат уште во првиот степен од образовниот процес, во првите фази од оформувањето на личноста. Меѓутоа, правоговорот-литературниот изговор и по повеќедецинско затврдување на јазичните норми и правила како се уште доволно да не се познава, дури не соодветствува на интелектуалното ниво на говорникот. Во секојдневната меѓусебна комуникација и во изговорот на напишаното, на пример во акцентуацијата, па дури и на фонетски план, постојат основни непознавања на нештата. А да не говориме за користењето на одделни дијалекти како јазична норма, за жаргонот- сленгот, за наметнувањето на туѓа лексика- зборови и изрази од странски јазици, најмногу од англискиот, кои не можат ниту да се “одомаќинат”. Засега без поголеми ефекти е и донесувањето на Законот за заштита на јазикот, повеќе поради неговата непримена во практиката-нефункционирање и поголемо и понастојчиво санкционирање на таквите настојби (особено во медиумите).
Наједноставно речено, правописот е збир од правила според кои треба да се пишува. Познато е, нашиот правопис е фонетски, односно станува за збор за писмено фиксирање на живиот изговор. Без оглед на разликите помеѓу она како се пишува и како треба да се изговара, и други несоодветства што се сметаат за нормална појава, без оглед што нашиот правопис е единствен, говорната практика укажува на основни непознавања, па дури и говорна некултура. Затоа и ја потенцираме пред се едукативната функција на оваа емисија во целина.
Се надеваме дека поделбата на гласовите во македонскиот јазик е доволно позната, освен можеби за помладите односно најмладите слушатели. Затоа, како потсетување и вообичаен ред во излагањето или учењето на нашата граматика и нашиот правопис:
Македонската граматика, односно правописот и правоговорот, познава две основни групи на гласови: самогласки или вокали, и согласки или консонанти. Разликата помеѓу нив е во самиот изговор: самогласките (а, о, у, е, и, понекогаш и р во самогласна функција) се формираат-изговараат без пречки на воздушната струја во усната шуплина, додека при изговорот на согласките таа е запрена за момент или минува низ теснина со триење. Со запирање за момент се изговараат согласките б , д , к , а со минување низ теснина со триење согласките с , ш , х. Треба да се има предвид и разликата по звучност: самогласките се позвучни од согласките, особено во однос на слоготворната функција на зборот.
Во следните емисии ќе стане посебно збор за самогласките- вокалите и согласките-консонантите, како и за одделни прашања и проблеми од оваа проблематика, како што се испуштањето на вокалите, елизијата, едначењето по звучност и други.
Од правилото до живиот говор
Оваа рубрика ја отвора една од најпрактичните линии на целиот серијал. Јазичната норма не завршува со познавањето на буквите и правилното пишување. Таа продолжува во начинот на кој зборуваме, акцентираме, изговараме и ги избираме зборовите.
Особено значајна е разликата меѓу правописот и правоговорот. Пишаниот збор може да биде формално точен, а неговиот изговор сепак да отстапува од литературната норма. Токму тука серијалот ја нагласува својата едукативна димензија — јазикот да не го познаваме само како збир правила, туку да го употребуваме правилно.
Од основната поделба на гласовите на самогласки и согласки, темата постепено ќе се проширува кон конкретните фонетски појави: изговорот на вокалите и консонантите, елизијата, едначењето по звучност и другите процеси што го обликуваат живиот говор.
Со тоа „Јазикот е мојата татковина“ повторно нè враќа кон својата почетна идеја: јазикот не е само нешто што го учиме — јазикот е нешто што секојдневно го практикуваме.
Во следните содржини од серијалот ќе продолжиме со практичната употреба на македонскиот јазик и со рубриките што ги следат неговите правила, неправилности, зборови и значења.
Продукција: РТД Радио Гром
Автор: Љупчо Димитровски
Продуцент и тонски реализатор: Горан Димитровски
Стручен соработник: Стојка Бојковска, лингвист








