fbpx Прескокни до главната содржина Opens in a new tab

Извештајот на ЕК за Македонија 2026: уставните измени ја држат вратата затворена, корупцијата ја држи државата назад

Европскиот пат на Македонија меѓу политичката блокада и институционалните реформи

Европската комисија го објави новиот извештај за Македонија како дел од годишниот Пакет за проширување. Формалната порака од Брисел е недвосмислена: Македонија сè уште не ги усвоила уставните измени преземени како обврска во рамката од 2022 година и без тој чекор пристапниот процес не може да се придвижи кон отворање на кластерот „Основи“. Но тоа е само едната половина од приказната.

Другата е потешка за домашна политичка употреба. Во официјалниот Извештај за Македонија за 2026 година, документ од 111 страници што го опфаќа периодот од 1 септември 2025 до 1 септември 2026 година, Европската комисија бележи нула напредок во борбата против корупцијата, нула напредок во слободата на изразување, нула напредок во јавните набавки и во повеќе области од внатрешниот пазар, ограничен напредок во владеењето на правото и сериозни слабости во институциите што треба да ја спроведуваат европската агенда. Истовремено, земјата има добри резултати во делови од дигитализацијата, науката, образованието, надворешната и безбедносната политика и во спроведувањето на Реформската агенда.

Токму затоа извештајот не треба да се сведе ниту на тезата „Брисел повторно нè блокира“, ниту на спротивната политичка формула „остануваат само уставните измени“. И двете читања ја поедноставуваат реалноста. Уставните измени се непосредната политичка и процедурална брава на вратата кон следната фаза. Но зад таа врата стои многу подолг список на реформи без кои членството останува далечно, дури и кога политичката блокада би исчезнала утре.

Македонија останува надвор од групата што добива европски календар

Најсилната политичка порака на Пакетот за проширување за 2026 година можеби воопшто не се наоѓа во една конкретна оценка за Македонија. Таа се гледа во споредбата со другите кандидати.

Европската комисија оваа година издвои четири земји – Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина – за кои подготви индикативни патокази со конкретни цели за следниот период. Црна Гора е веќе во завршната фаза на преговорите, Албанија ги забрзува затворањата на поглавјата, а Молдавија и Украина, и покрај огромните политички и безбедносни предизвици, добиваат појасна временска перспектива.

Македонија не е во таа група.

Тоа не значи дека Брисел се откажал од македонското членство. Комисијата експлицитно остава можност слични патокази во иднина да добијат и други кандидати кога ќе достигнат споредлив степен на напредок, темпо и ангажман. Но отсуството на Македонија е политички сигнал што не треба да се разубавува: додека европското проширување повторно забрзува, земјата останува без сопствен календар.

Panoptikum веќе пишуваше за различните брзини што се создаваат меѓу кандидатите. Денешниот пакет таа проценка ја претвора во официјална европска политика. ЕУ веќе не зборува само за апстрактна „европска перспектива“. За оние што напредуваат, почнува да црта рокови и пресвртници.

За Македонија часовникот не е запрен затоа што Европа веќе не сака да се проширува. Напротив – токму сега Унијата повторно се подготвува за проширување. Проблемот е што Македонија влегува во овој нов циклус со нерешена политичка блокада и со институционален багаж што извештајот го опишува со многу помалку дипломатска удобност отколку што сугерираат дневните партиски толкувања.

Уставните измени се реален услов – но не се целата европска агенда

Во прашањето за уставните измени Европската комисија не остава простор за дилема. Во извештајот се наведува дека не е постигнат напредок кон усвојување на релевантните уставни измени предвидени со заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година. Во делот за состојбата на пристапните преговори формулацијата е уште подиректна: не бил направен обид за нивно усвојување.

Станува збор за преземената обврска во Уставот да бидат вклучени граѓаните што се дел од други народи, меѓу нив и Бугарите. Комисијата го поврзува исполнувањето на оваа обврска со отворањето на кластерот „Основи“, за кој Македонија во меѓувреме работи на останатите почетни мерила.

Ова е факт што домашната политика не може да го избрише со реторика. Сегашната европска рамка постои и Брисел не ја прогласува за повторно отворена за преговарање. Секој што тврди дека уставните измени немаат никаква врска со моменталната блокада едноставно не го чита документот.

Но од тоа не следува дека македонските стравувања од билатерализација на европскиот процес се неосновани. Македонија има право да бара предвидлив процес во кој европските критериуми нема постојано да се претвораат во продолжение на историски и идентитетски спорови со соседите. Токму поради тоа Panoptikum подолго време го следи македонско-бугарскиот јазол и барањето за поголема европска предвидливост.

Европската Унија, ако сака процесот да остане навистина заснован врз заслуги, мора и самата да покаже дека билатералните спорови нема бескрајно да го заменуваат европското право и мерливите реформски критериуми. Не може од кандидатите да се бара предвидливост, институционална стабилност и почитување правила, а истовремено европскиот процес да остава простор секоја следна фаза да стане нова билатерална политичка арена.

Сепак, истото важи и обратно. Билатералната блокада не смее да стане домашен алиби-механизам со кој секој неуспех во судството, корупцијата, администрацијата, јавните набавки или медиумите ќе се објаснува со Софија. Бугарија не ги води македонските обвинителства. Бугарија не ги спроведува македонските јавни набавки. Бугарија не ги избира нашите институционални кадри и не одлучува дали корупциските предмети ќе завршат со правосилна пресуда или со застарување.

Тука завршува удобноста на геополитичкото оправдување и почнува домашната одговорност.

Корупцијата е најтешката домашна пресуда во извештајот

Во борбата против корупцијата Европската комисија ја оценува Македонија меѓу „одредено“ и „умерено“ ниво на подготвеност и констатира дека во извештајниот период нема напредок.

Тоа не е техничка забелешка. Комисијата наведува дека корупцијата останува распространета и претставува прашање од сериозна загриженост. Измените на Кривичниот законик од јануари 2026 година, поврзани со злоупотреба на службената положба и криминално здружување, според оценката на Комисијата не ги отстраниле штетните последици од измените од 2023 година и придонеле за правна несигурност.

Уште посериозен е описот на практичните резултати: високопрофилните корупциски случаи и понатаму се одолжуваат, а дел од нив стигнуваат до застарување. Последицата е перцепција на неказнивост. Комисијата повторно бара нов Кривичен законик и нов Закон за кривичната постапка усогласени со европските и меѓународните стандарди, подобри истраги и обвиненија, правосилни пресуди и вистинска конфискација на криминално стекнатиот имот.

Ова е точката на која домашната дебата за ЕУ најчесто ја губи врската со суштината. Членството не е церемонија на која државата се појавува со сменет Устав и добива европска членска книшка. Кластерот „Основи“ е прв токму затоа што се однесува на прашањето дали институциите можат да функционираат кога наспроти нив стојат политичка моќ, пари, партиски интерес или висока корупција.

Ако големите случаи завршуваат со одложување, минимални последици или застарување, проблемот не е само европски. Тој е македонски. Граѓанинот ја плаќа цената многу пред Брисел да напише негативна оценка – преку послаби јавни услуги, нееднаквост пред законот, помалку пари за здравство и образование, политички клиентелизам и недоверба дека правилата важат еднакво за сите.

Судство со нови закони, но со стара недоверба

Во судството сликата е нешто посложена. Комисијата бележи одреден напредок. Усвоени се нов Закон за Судскиот совет, нов Закон за Советот на јавните обвинители, закони за платите на судиите и обвинителите и нов Закон за парничната постапка. Новиот Закон за Судскиот совет во голема мера ги адресира препораките на Венецијанската комисија.

Прочитај и за ... >>  Прв генетски мониторинг на кафеавата мечка во Македонија: 900 примероци за попрецизна слика

Тоа се конкретни чекори и треба да бидат признаени.

Но институционалната реалност останува многу потешка. Комисијата предупредува дека независноста и финансиската автономија на судството се поткопани од постојано мешање на другите гранки на власта и од драматичен недостиг од човечки и финансиски ресурси. Во поширокиот Извештај за владеење на правото за 2026 година, Европската комисија забележа и исклучително ниска перцепција на судска независност: само 21 отсто од граѓаните и 19 отсто од компаниите ја оценуваат независноста на судовите и судиите како прилично или многу добра. Во 2025 година тие удели биле 28 и 26 отсто.

Ова е аларм што не може да се поправи само со нов закон.

Правната држава не се мери според бројот на стратегии, патокази и законски измени, туку според тоа дали обвинител може да отвори предмет без да пресметува политички последици, дали судија може да донесе одлука без притисок и дали моќен функционер, бизнисмен или партиски човек навистина може да биде третиран како секој друг граѓанин.

Македонија одамна нема проблем со недостиг од реформски документи. Има проблем со претворањето на документите во институционално однесување.

Јавните набавки: кога европската интеграција стигнува до јавните пари

Една од најнепријатните оценки се однесува на јавните набавки. Земјата е умерено подготвена, но во 2026 година Комисијата не бележи напредок. Минатогодишните препораки не се спроведени.

Во подеталниот економски дел од извештајот се наведува особено проблематичен податок: околу две третини од тендерите биле доделувани во постапки со само еден понудувач. Комисијата тоа го поврзува со загриженост за фаворизирање и неефикасност. Истовремено бара поголема конкуренција, посилен надзор, следење на нерегуларности и конфликти на интереси и зајакнување на институциите што треба да ја спречуваат корупцијата во јавните набавки.

Ова е европска тема само по административна класификација. Во реалноста е прашање за секој денар што граѓаните го плаќаат во буџетот.

Кога конкуренцијата на тендерите е слаба, државата ризикува да плаќа повеќе за помалку. Кога контролата е недоволна, јавните инвестиции стануваат простор за политичко влијание и привилегирани економски врски. А кога таквата практика станува системска, европската интеграција не запира поради некаква бирократска опсесија на Брисел со процедури, туку затоа што заедничкиот европски пазар не може да функционира врз институции во кои конкуренцијата е само формална.

Медиумите: „нема напредок“ е оценка што треба сериозно да ја загрижи јавноста

Во слободата на изразување Македонија повторно се наоѓа меѓу одредено и умерено ниво на подготвеност. Оценката за напредокот е: нема напредок.

Комисијата признава дека се преземени чекори за усогласување со Европскиот акт за слобода на медиумите, но предупредува дека регулаторот и јавниот сервис и натаму се соочуваат со ограничена финансиска и административна автономија и нередовно финансирање.

Меѓу препораките се целосна транспарентност на медиумската сопственост, јасни правила за распределба на јавни средства и државно рекламирање, реформа на јавниот радиодифузен сервис и брзо постапување против заканите и насилството кон новинарите.

Ова прашање е подлабоко од состојбата на една индустрија. Без финансиски независни и професионални медиуми нема ефективна јавна контрола врз власта. Без таква контрола, корупцијата и злоупотребата на институциите се многу полесни. Токму затоа медиумската слобода и владеењето на правото во европскиот процес не се две одделни табели – тие се дел од истиот механизам на демократска одговорност.

Економијата е постабилна отколку институциите – но структурните проблеми остануваат

Економскиот дел од извештајот е поизбалансиран. Македонија има добро ниво на подготвеност за функционирачка пазарна економија, иако во извештајниот период е забележан само ограничен напредок.

Економскиот раст се забрзал во 2025 година, банкарскиот сектор останал отпорен, а состојбата на пазарот на трудот благо се подобрила. Од друга страна, инфлацијата повторно се засилила, управувањето со јавните инвестиции останува слабо, напорите за формализирање на сивата економија забавиле, а ниското учество на пазарот на трудот, несовпаѓањето меѓу вештините и потребите на економијата, иселувањето и големиот родов јаз остануваат пречки за растот.

Особено важно е што Европската комисија веќе не ја гледа економската интеграција само како нешто што ќе дојде по членството. Новиот модел на проширување оди кон постепено вклучување на кандидатите во единствениот пазар, дигиталните системи, транспортот, енергетиката и други европски политики уште пред формалното пристапување. Panoptikum го анализираше новиот модел на проширување – со поголема интеграција пред членството и построг надзор.

За Македонија тоа е можност што не треба да се потцени. Земјата може да добива дел од практичните придобивки од интеграцијата додека политичкиот процес останува сложен. Но новиот модел има и друга страна: придобивките сè повеќе се врзуваат со мерливи резултати. Европските пари и пристапот до европските механизми постепено се претвораат од дипломатска награда во договор – испорачана реформа за конкретна корист.

Реформската агенда покажува дека Македонија може да испорачува кога постои јасен механизам

Тука се наоѓа една од најважните позитивни точки во целиот документ. Во официјалното соопштение за Пакетот за проширување, Европската комисија ја вбројува Македонија меѓу најуспешните земји во спроведувањето на Реформската агенда во рамките на Инструментот за реформи и раст.

Максималната индикативна сума што ѝ е на располагање на Македонија изнесува 750,4 милиони евра. До јуни 2026 година биле ослободени 142,1 милион евра, вклучувајќи го и предфинансирањето, врз основа на исполнување 22 од 53 реформски чекори. Областите се јавната администрација, зелената транзиција и енергетиката, дигитализацијата, човечкиот капитал, развојот на приватниот сектор и владеењето на правото и основните права.

Ова е важна лекција.

Кога обврските се јасно дефинирани, роковите мерливи, а парите директно зависат од резултатот, македонскиот систем може да се движи. Тоа го руши удобниот аргумент дека државата едноставно „не може“ да спроведува европски реформи.

Може.

Прашањето е зошто истата политичка енергија не се гледа таму каде што реформата директно ја ограничува моќта – кај високата корупција, јавните набавки, независноста на правосудството, политизацијата на администрацијата и транспарентноста.

Реформата што носи инфраструктура, дигитализација или финансиска поддршка полесно создава политички интерес. Реформата што создава обвинител способен да гони моќни луѓе, суд што не слуша телефонски повици и систем на јавни набавки во кој нема привилегирани компании е многу потешка, бидејќи го менува самиот распоред на моќта.

Дигитализација, наука и образование – делот од извештајот што не треба да се игнорира

Извештајот не е црна книга. Во повеќе области има реални позитивни оценки.

Кај дигиталната трансформација и медиумската политика Македонија е меѓу умерено и добро подготвена, а Комисијата бележи добар напредок во усогласувањето на електронските комуникации, проширувањето на електронските услуги за граѓаните и компаниите, интероперабилноста и сајбер-безбедносната рамка.

Во науката и истражувањето земјата има добро ниво на подготвеност и добар напредок. Во образованието и културата е меѓу умерено и добро подготвена и има одреден напредок, меѓу другото со усвојувањето на Стратегијата за образование 2026-2032 и со дополнителното уредување на стручното образование и образованието на возрасните. Комисијата посебно го споменува и Скопје како Европска престолнина на културата 2028, барајќи да се следат препораките на експертскиот панел за успешна реализација на титулата.

Прочитај и за ... >>  Водата станува национален тест: Македонија мора да престане да ја губи таму каде што најмногу ѝ треба

Овие резултати се важни затоа што покажуваат дека европската интеграција не е монолитна приказна. Државата може истовремено да напредува во дигитални услуги и да стагнира во борбата против корупцијата. Може да донесе образовна стратегија, а да нема доволно доверба во судството. Може да биде целосно усогласена со европската надворешна политика, а да има слаба контрола на јавните пари.

Токму затоа политичките оценки од типот „имаме напредок“ или „немаме никаков напредок“ се бескорисни ако не се каже – каде.

Енергетика и инфраструктура: движење има, зелената транзиција останува бавна

Во енергетиката Комисијата бележи одреден напредок. Усвоени се годишен план за праведна транзиција, измени во законодавството за енергетска ефикасност, закон за обновливи извори и методологија за мерење на енергетската сиромаштија. Сепак, европските препораки остануваат во голема мера неисполнети и се бара целосно усогласување и практична имплементација на законодавството.

Кај трансевропските мрежи Македонија има добро ниво на подготвеност, но ограничен напредок. Извештајот ги третира Коридорите 8 и 10 како стратешки ‘рбет на поврзувањето со европската транспортна мрежа и бара забрзување на железничкото поврзување кон Бугарија и подобрување на прекуграничните процедури.

Во животната средина и климатските промени сликата е послаба: земјата е само на одредено ниво на подготвеност и има ограничен напредок. Повторно се бараат поголем административен и инспекциски капацитет, функционални регионални системи за управување со отпадот и усвојување и спроведување на климатското законодавство.

Тоа е уште еден пример како европските поглавја директно се претвораат во секојдневен живот. Воздухот, отпадот, железницата, патиштата, струјата и енергетската сиромаштија не се апстрактни бриселски критериуми. Тие се квалитет на живот.

Европската надворешна политика е една од најсилните македонски точки

Во надворешната, безбедносната и одбранбената политика Македонија има добро ниво на подготвеност и добар напредок. Земјата ја задржала целосната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и со европските позиции и рестриктивните мерки поврзани со руската агресија врз Украина.

Европската комисија тоа експлицитно го оценува како силен сигнал за стратешкиот избор на Македонија и ја опишува земјата како доверлив партнер. Во април 2026 година во Брисел се одржал и вториот дијалог ЕУ-Македонија за безбедност и одбрана.

Тоа е политички капитал што земјата не треба да го потцени. Македонија во европската геополитичка равенка не е проблематичен безбедносен партнер. Проблемот е што геополитичката усогласеност сама по себе не може да ги замени домашните институционални реформи.

Парадоксот на европските пари: добиваме средства, а губиме средства поради слаб систем

Еден од помалку видливите, но можеби најболни делови од извештајот се однесува на способноста на администрацијата да управува со европските фондови.

Комисијата наведува дека ограничениот административен капацитет во структурите што управуваат со ИПА-програмите довел до значителна загуба на европско финансирање, особено во транспортот и животната средина. Слабостите се поврзуваат со голема флуктуација на кадар, недостиг од искусни луѓе, слаб систем за задржување на вработените, недоволно планирање на набавките и договорите и слабости во внатрешната ревизија.

Ова е можеби најдобрата илустрација за разликата меѓу политичка желба и државен капацитет.

Не е доволно Брисел да одобри пари. Некој треба професионално да подготви проект, да го спроведе тендерот, да ја контролира реализацијата, да ја документира секоја ставка и да обезбеди ревизијата да нема причина средствата да бидат повлечени.

Европската интеграција на крајот зависи и од нешто многу помалку спектакуларно од самитите и прес-конференциите: компетентен службеник кој знае да ја заврши работата и институција што ќе го задржи тој човек наместо да го замени по секој политички циклус.

Двете вистини што Македонија мора истовремено да ги изговори

Пакетот за проширување за 2026 година доаѓа во момент кога Европската Унија ја менува сопствената политика. Проширувањето повторно се третира како геополитички приоритет. Комисијата веќе предлага подлабока постепена интеграција, помал простор за блокирање на меѓуфазите во преговорите и посилни механизми за контрола на владеењето на правото и по членството. Во октомври, со пакетот „Подготовка за поширока Унија“, Брисел јасно покажа дека не се подготвуваат само кандидатите – се подготвува и самата ЕУ.

За Македонија тоа создава историски непријатна ситуација. Земјата со децении слушаше дека Европа не е подготвена за проширување. Сега Европа повторно почнува да се подготвува, а Македонија ризикува да ја гледа колоната како заминува пред неа.

Првата вистина е дека македонскиот европски процес е оптоварен со билатерално прашање што одамна ја надмина класичната логика на Копенхашките критериуми. Потребата од предвидливост и од гаранција дека идентитетските и историските спорови нема бескрајно да произведуваат нови услови е легитимна.

Втората вистина е дека Македонија има сопствен, домашен реформски долг кој не може да ѝ се припише на Бугарија, Франција, Германија, Европската комисија или „двојните стандарди“ на Унијата.

Корупцијата е наша. Застарените предмети се наши. Ниската доверба во судството е наша. Слабата конкуренција во јавните набавки е наша. Недоволната независност на институциите е наша. Изгубените европски средства поради слаб административен капацитет се наши.

Исто така, наши се и позитивните резултати – дигитализацијата, напредокот во науката, дел од образовните реформи, целосната надворешнополитичка усогласеност и исполнетите чекори од Реформската агенда.

Зрелата европска политика мора да ги изговори сите овие факти во иста реченица.

На Македонија не ѝ треба уште една година на објаснување зошто стои

Извештајот за 2026 година не кажува дека Македонија нема европска иднина. Напротив, Европската комисија повторно ја третира како дел од процесот, ја признава како доверлив безбедносен партнер, ја поддржува финансиски и остава отворена можност еден ден и таа да добие конкретен пристапен патоказ.

Но документот покажува нешто друго: Европа веќе ги разликува кандидатите што ја претвораат политичката волја во конкретни фази од оние што остануваат меѓу формална блокада и недовршени домашни реформи.

Македонија треба да бара фер европски процес, да бара предвидливост и да одбива идентитетот да стане бескрајна преговарачка валута. Тоа е легитимна државна позиција.

Во исто време, таа мора да престане секоја критика за корупцијата, судството и јавните институции да ја доживува како спореден прилог на „вистинскиот проблем“ со Бугарија. Тоа не се споредни проблеми. Тоа е државата во која живееме.

Уставната измена може да ја отклучи следната европска врата. Но таа нема да создаде независен суд, нема да осуди корупција, нема да донесе конкуренција на тендерите, нема да спречи губење европски пари и нема да изгради администрација способна да функционира како администрација на земја членка.

Тој дел од патот не може да го изоди ниту Брисел ниту Софија наместо нас.

И токму тоа е најважната порака од 111-те страници на Извештајот за 2026 година.

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.

Важна напомена: Сите права се задржани. Не е дозволено какво било преземање, копирање, објавување или преработка на делови или цели содржини од овој портал без претходно одобрение од авторот, редакцијата и/или издавачот. За секоја повреда на авторските и сродните права, Паноптикум го задржува правото да побара надомест и соодветна правна заштита.

Уредничка напомена: Во подготовката на содржината може да се користи дигитална/AI асистенција како помошна алатка за јазична, структурна, истражувачка или визуелна обработка. Финалниот текст е уреднички прегледан и објавен под одговорност на авторот и/или редакцијата. Главната илустрација на написот може да биде фотографија, авторска/архивска слика или AI-генерирана концептуална илустрација создадена за визуелна поддршка на текстот.
ДО СИТЕ НОВИ АКТУЕЛНОСТИ ВО „ШТО ИМА НОВО?“