Во изминатите пет години, Арсова ја истражува уметноста не само како алатка за изразување или документирање, туку и како истражувачка метода. Потпирајќи се на своето етнографско истражување на Боливиските Анди, таа ги бележи емоциите, доживувањата и искуствата, користејќи ја уметноста како начин на размислување и спознавање. Ликовниот израз служи и како визуелен дневник, интерпретирајќи приказни од локални заедници, нагласувајќи древни филозофии кои ја величат поврзаноста меѓу човекот и природата.
Во тој контекст, проектот „Патување низ хармонија и надеж“ се јавува како интердисциплинарно истражување на единството, емпатијата и коегзистенцијата, поканувајќи ја публиката не само да набљудува, туку и активно да учествува. Преку визуелна уметност, дијалог и интеракција, хармонијата се појавува како жив процес, кој ја преобразува различноста во поврзаност, а коегзистенцијата во надеж.
За Илина Арсова
Родена во Скопје, дипломира на Факултетот за ликовни уметности во 2005 година, во класата на Јован Шумковски и Рубенс Корубин. Истата година станува член на ДЛУМ, каде активно изложува веќе две децении. Нејзината уметност е инспирирана од природата, планините и искуството на движење во екстремни услови, со порака за подгнување на еколошката свест и промовирање на социјална правда. Има реализирано 20 самостојни изложби и учествувано на бројни групни изложби во земјата и странство.
Арсова е авторка на научни трудови и три книги: Планинарење (2020), Седумте (2021), и детската книга Највисокиот врв (2023). Во 2025 докторира на Универзитетот во Тенеси во областа на социокултурни студии во спортот. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои „Е.У. жена на годината 2022“, „13 Ноември“ (2020) и „Златна Бубамара“ (2013, 2020).
Локација, време и влез
Локација на изложбата: Културно Информативен Центар – Скопје, Изложбен салон Империјал 2
Отворање на 19.05. 2026 во 20.00 ч.
Влез слободен










