Изгреви и залези

Дребнавости на дребнав човек

Изгрева сонцето сосе будењето на човек во жива природа, сосе спокојното дишење и возбудливото пулсирање; а во него почнаа и залезите на времињата, како и стремежите кон откривање нови предели на постојаноста, но исто така кон осознавање нови простори на мислата.

Штотуку разбудениот човек, ослободен од секакви соништа, си поставува прашања на кои се обидува да си одговори:

Зошто во изгревот на сонцето почнува и залезот? Колку траат будењето, дишењето и пулсирањето, а колку времињата, стремежите и осознавањето? Дали изгревот на сонцето е поголем од залезот штом е во него и дали тоа значи дека кога ќе надвладее залезот во него ќе почне изгревот? Будењето на човек во жива природа е постојано и моментно или одвреме-навреме и долготрајно? Ако се едновремени спокојното дишење и возбудливото пулсирање, до кога се? Дали се непрестани стремежите или секој одделно има свој почеток и крај; значи ли дека се тие разграничени макар незабележливо и несетно?

=== Бесплатно рекламирање ===
Licevlice.mk

Штотуку разбудениот човек си одговара:

Изгревот на сонцето не би се случувал во различно време, доколку во него не почнува и залезот. Доколку не почнува, он би се случувал во исто време, а залезот би почнувал откако ќе заврши изгревот и би траел многу пократко одошто е вообичаено.

Не би можел да знае колку траат будењето, дишењето и пулсирањето затоа што тие воопшто не зависат од него. Напротив, он сосем зависи од нив. Со други зборови, и будењето и дишењето и пулсирањето (на неговото срце или на универзумот?) идат од свеста за траењето на човечкото суштествување.

Што се однесува на траењето на времињата, стремежите и осознавањето, тоа е непосредно и посредно поврзано со раѓањето, растежот, устремот, губењето сила и смртта. Имено, времињата можат да надојдат предвидливо или изненадно како раѓањето и растежот, стремежите стануваат сè поголеми со засилувањето на устремот, губењето сила е наспоредно со годините и забрзаното или забавеното менување на годишните доба, а осознавањето престанува со неминовната смрт.

Судејќи според неговото лично искуство, он не би можел да посведочи дека изгревот на сонцето бил или е поголем од залезот штом е залезот во него. Некогаш му се чини дека е, а некогаш дека не е. Се сомнева во поврзаност со обусловеноста меѓу плодна земја и небосклонот; конкретно, колку плодната земја му возвраќа на небосклонот, а колку небосклонот се грижи за нејзината плодност. Од друга страна, пак, со надвладувањето на залезот во изгревот нему обично му почнува изгревот сосе сјајот на ѕвездите на небото или сосе облаците и секавиците помеѓу нив.

Кога е збор за будењето на човек во жива природа, он е на мислење дека тоа може да биде и постојано и моментно или одвреме-навреме и долготрајно. Тоа значи дека трае следејќи ги формите и содржините на живата природа. Познато е дека тие се менуваат прилагодувајќи се на навалиците на секидневните ефемерии.

Како му минува времето, така е сè повеќе убеден дека спокојното дишење и возбудливото пулсирање никогаш не се едновремени. Меѓутоа, кога би биле, тогаш сигурно човек не би издржувал долго помеѓу нив. Би морал што побрзо да се определи за едното или за другото, меѓу другото за што поскоро да се оддалечи од својата идентичност.

Прво, стремежите се непрестани сè додека од една достигната цел се догледува или се согледува нова. Значи, тие немаат свој крај. И второ, тие се разграничени макар незабележливо и несетно само кога не се менуваат, значи не се богатат со нови, пропратни. Или, пак, нивни изделени делови продолжуваат самостојно.

Го успокои мислата дека е он секогаш меѓу изгреви и залези. Свои и на други.

ДРЕБНАВОСТИ НА ДРЕБНАВ ЧОВЕК, наративна поезија, 23

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.