Потребно време за читање: 8 минути

Во врска со „билатералниот проблем за името“ со јужниот сосед на Република Македонија (за него подолу) во изминатиот период се изнаслушавме секакви небулози и нонсенси, од кои најголемиот нонсенс е дека е тој лесно решлив „само да се гарантира македонскиот национален идентитет“. Притоа без да се наведе макар очекуваниот гарант (одвреме- навреме слушаме оти тоа се „нашите пријатели во ЕУ и НАТО“, а пред се „најголемиот“- САД). И уште, дека Данајската република (Атина) „прави проблем“ единствено со придавката „македонски“ (често сведувајќи го на (пре)именувањето на народот и јазикот).

Во многу мои досегашни текстови укажував дека идентитетот е мошне комплексна „материја“, особено националниот, и оти зачудува искажаното основно непознавање на некои од македонските „политички врвови“. Кога тој проблем, што е очигледно суштински за Атина, би се поставил на експертско ниво, „билатералниот“ во разговорите или преговорите (и за ова подолу) би добил сосема нова „димензија“.

Неколку општопознати стручни односно експертски нафрлоци за идентитетот воопшто и за националниот посебно (може да се прочитаат во секоја општа енциклопедија и во бројни текстови на Интернет):

Посочувајќи на „основната поделба“ на личен и колективен, многумина учени, признати авторитети за ова прашање (не само мојата дребност) најнапред потенцираат дека поимот на идентитетот е мошне сложен, бидејќи пред се подразбира потврда на зрелоста на личноста односно зрелоста на колективитет (со сопствено својство). Едноставно, единката е суштество на природниот свет (или дело на Бога), а личноста е она што мора да се изгради (преку воспитание, образование, социјализација, и тоа како „бескраен“ процес).

Зборот идентитет доаѓа од латинскиот јазик и значи исто, но не во смисла на исто, некое повторување, туку исто во смисла на истоветност. Со други зборови, се работи за својство кое човекот го има и кога се формира на него се придржува.

Личноста ја одржуваат знаењето и искуството. Од нејзиниот капацитет зависат промените, нивното прифаќање, прилагодување, но и сопствената надградба.

Темелен идентитет е личниот. Оние што го немаат, немаат никаков! А токму преку него се гледа што уште може да се создаде или што може да се покаже од другите идентитети (постојат повеќе видови!). Личниот идентитет е мера на сите идентитети. Тоа значи дека кој било групен или колективен што го доведува под прашање личниот идентитет со таа личност нешто не е в ред, а пред се нема капацитет да се поддржува себе си (несигурна е, па му треба водач).

Главната препознатлива карактеристика на личниот идентитет е доследноста, и тоа во битните ставови (не во се). Еден голем филозоф, Лешек Колаковски, има напишано есеј под наслов „Пофалба на недоследноста“, во кој потенцира дека луѓето кои би биле доследни во сите детали на животот би биле мошне опасни. Таквите, кога ќе фатат некоја позиција, да организираат нечиј живот, а потоа се држат до таа доследност, стануваат неупотребливи. Од едноставна причина што, познато е, искуството и новите знаења ги менуваат луѓето.

Втора карактеристика на идентитетот е предвидливоста. Постои изрека која најконцизно ја изразува: „Она што го мисли, тоа го зборува, а по тоа што го зборува- тоа и го прави“. Познато е дека се опасни оние луѓе кои едно мислат, друго зборуваат, а трето прават. Во тоа е суштината на предвидливоста.

Кај личниот идентитет секогаш треба да се разликува промена на личноста од она што се нарекува промена во личноста. Оној што врши промена во личноста се прилагодува на новите околности и е подготвен за „модернизација“. Оние што тоа не го прават или не можат да го прават (со оглед на ограничениот капацитет) остануваат во традиционалните начини на живот.

Прочитај и за ... >>  Македонија и регионот пред се поголеми удари на светската економска криза

Според психолозите, прашањето на идентитетот е прашање на негово чувствување. Имено, кај некого постои психолошко чувство дека се разликува од другите и таа разлика на некој начин ја прави специфична.

Социолозите, пак, идентитетот го разбираат како идентификација која доведува до поистоветување со некоја група (национална, религиска, политичка односно партиска). Во тоа поистоветување тие посочуваат на опасноста од целосно губење на идентитетот. Филозофски тој се разбира според прашањето кој е човекот и во што се разликува од сите други суштества, а теолошкото прашање за идентитетот се поставува како прашање на поистоветување со најдобрите свои можности и она што го поседувате во однос на Бог (тој е симболичка мера).

Постојат повеќе видови на колективен идентитет: историски, биолошки, културен… (На пример, обележјата на културниот би биле заедничките симболи, заедничкиот систем на вредности, начинот на живот.) Некои сметаат дека суштествен е демократскиот идентитет (демократска личност), кој, според Харолд Васер, е човек што е демократ и како личност на демократ поседува отворено его (прифатлив, има став спрема се она што друго и поинакво), но поседува и способност со другите да ги дели вредностите, а пред се универзалните (оние според кои ги мериме нашите поединечни и посебни вредности- „прочуените“ осум: вистина, правда, добро, љубов, убавина, солидарност, слобода и човечко достоинство).

Личниот и колективниот ги вмрежува граѓанскиот идентитет. Граѓанинот е човек што на некој начин добро го вкомпонирал својот личен идентитет, кој никогаш не губи, никогаш не се идентификува со која било група, а притоа да ги изгуби своите својства. Тој може да има силно национално чувство, но никого да не опоменува поради тоа, дека е тоа негова приватна работа; потоа да има силно религиско чувство што треба да се почитува, а никому не му се заканува поради тоа, ниту опоменува. А можеби е најважно тоа дека граѓанскиот идентитет има во себе и дел од тн. политички, односно припаѓање на различни политички групи- политички партии, движења, разни форми на здружување на луѓето, и во таа смисла е тешко да се изгради бидејќи всушност се работи за едно вмрежување на идентитетот.

Содржината на граѓанскиот идентитет ја сочинуваат слободите, правата и должностите. Постојат две слободи: едната е слободата на мислење, а другата слободата на движење. Слободата на мислењето е само дел од слободата, меѓу другото и во политичка смисла.

Колку граѓанскиот идентитет е важен, зборува и тоа дека оној што го има изградено лесно ги прифаќа новите идентитети- на пример регионалните, затоа што ги носи тие оклопи и со нив лесно се спогодува, потоа континенталните (европски идентитет; треба да се истакне дека тој не е никаков „надидентитет“, туку „мета- идентитет“; „мета“ значи покрај, што ќе рече дека имате идентитети и уште еден, што во основа значи богатење на сопствениот).

Веќе спомнав, кога е збор за колективните идентитети некои авторитети сметаат дека нивното време денес во светот завршува. Влегуваме во тн. постнационално доба, во една транснационализација на идентитетот, во доба на индивидуален идентитет (нацијата е секундарен идентитет). Тоа најдиректно се поврзува со фиксациите на национална држава што во суштина е ригидна спрема какви било достоинства, а пред се социјалните кои се цел на секое нормално општество. Во тој контекст тие ја поставуваат потребата од редефинирање на „знамето на француската буржоаска револуција“, познатото „единство, брастство и слобода“. Новите пораки треба да бидат „различност, доверба и солидарност“. Образложуваат дека приказната за почитување на различности, за довербата и солидарноста е приказна во која секој човек има потреба да го добие тој вид на „импулс“ на средината, на заедницата и на општството во кое живее и работи. Се работи за потреба од редефинирање на комплетното наследство.

Прочитај и за ... >>  Невешта замка: едно име за севкупна употреба

Во врска со идентитетот постои еден термин што се повеќе се (зло)употребува и кај нас, а против кој досега се изјаснував на повеќе наврати (во повеќе објавени текстови на овој блог): мултикултурализам. Го споделувам ставот на оние мислечки луѓе дека тој на Балканот се уште не е можен, во своето суштинско значење. Ниту, пак, некогаш бил тоа. Главната причина е дека национите, партикуларните егзистенции не биле рамноправни, па не можеле да го воспостават. Се посочува и на сегрегацијата како форма на мултикултурноста. Од неа произлегува нешто што се означува како некаква агресивна мултикултурност која ја поништува самата суштина на културалноста.

Заложбата е за интеркултурност. Се работи за допири на културрите, како вредност во некоја заемност која се почитува и која се вреднува. Од аспект на вредностите, сите култури, според она што го носат, не се еднакви, но мора да се воспостави комуникација помеѓу нив.

Во однос на проблемот што го има Данајската република (Атина) со постојното име на нашава држава- Македонија (значи не уставното!), нужно е да се посвети посебно внимание на тн. етнички односно национален идентитет.

Познато е дека во однос на припаѓањето на поединецот или група најпрво се поставува етничкото потекло, особено кога процесот на социјализација и еманципација е „подзапрен“ на етносот, кога желбите, стремежите, па и севкупниот живот се ставени во служба на етничката заедница. Тој е производ на социјализација многу повеќе отколку некои други колективни идентитети. Се смета дека на човекот му е даден по раѓање, што ќе рече дека нема слобода на избор, дури и кога поединецот се наоѓа просторно оддалечен од главната етничка група (матица, заедница).

Низ националниот идентитет постојано се бара од него да ја открива својата култура, да сознава и памети „кои сме“ биле во минатото и во сегашното опкружување, да се пронаоѓа себе си и своето место во тоа, да се самосознава и самоодредува. Некогаш тоа е долг процес, не е секогаш без тешкотии, и за поединецот и за нацијата, а предизвикува појава на нционална хомогенизација каде што поединци се одрекуваат од сопствената индивидуалност, специфичност, самобитност, слобода и духовност во име на колективниот, националниот идентитет. Тие се подготвени да ги потиснат сите други форми на колективна идентификација во корист на нацијата, но тоа го бараат и од другите припадници на својата нација.

Важно е да се спомне дека националниот идентитет може да егзистира без национализам. Тогаш тој е традиција која не го притиска и не го ограничува поединецот.

За „билатералниот проблем“ мора да се биде прецизен за да се има јасен став и конкретна заложба.

Имено, не постои „билатерален проблем за името“, туку „билатерален проблем помеѓу Република Македонија и Грција во врска со тн. спор за името“. Кој, се разбира, мора меѓусебно да се реши, а со помош- посредништво на меѓународната заедница, пред се со оние нејзини „делови“ кои поради него не можат да реализираат неспорна цел– интеграција односно членство на нашава земја во ЕУ и НАТО (значи, не само на Република Македнија, туку и на нивните пред се геостратешки интереси). Затоа е нужно нивното непосредно ангажирање кое Македонија треба да го побара, што, пак, не го исклучува медијаторството на Метју Нимиц. Целиот тој процес, на кој како да му нема крај (намерно одлоговлекување на Атина) не е и не може да биде друго, освен преговори. А компромисно решение лесно и брзо може да се изнајде: со географска одредница- додавка пред уставното име Република Македонија.

Прочитај и за ... >>  Приоритет на ЕУ и ОН: Кипар

Не е проблем и Северна Република Македонија, доколку соодветно (значи исто така географски) се одреди- дефинира кои се другите три од четирите нејзини страни. (Патем, ова решение не може да се поистоветува со поделената Кореја- Северна и Јужна, бидејќи таа е историски поделена „наполу“ со „хоризонтална гранична линија“; исто така барањето за таквото одредување не може да се толкува како „сон за Голема Македонија“ (како на пример за Голема Албанија), зашто не се работи за голема или мала, туку за единствена каква што некогаш била- а поделена со Букурешкиот договор.)

Проблем кој не е „билатерален“, ниту може да биде, е оспорувањето на македонскиот национален, но и историски, културен и јазичен идентитет од страна на Данајската република (Атина). Имајќи го предвид сето она што го пренесов за индивидуалниот и колективниот идентитет, треба конечно, по толку години „разговори- преговори“ да се „расчисти“: за тоа може и треба да се разговара (со цел да и се помогне на Атина), и тоа исклучиво експертски, а што подразбира не некој да го гарантира нивното постоење (смешно!), туку да се брани со силата на аргументот, не со аргументот на силата.

И Времената спогодба што „Првата страна“ и „Втората страна“ ја потпишаа во Њујорк во 1995- та година, а за чие пекршување Република Македонија ја тужи „Првата страна“ во Хаг, е мошне прецизна. Во член 5 точка 1 стои:

„Страните зе согласуваат да ги продолжат преговорите (подвл. Љ.Д.) под покровителство на Генералниот секретар на Обединетите нации, предвидени со Резолуцијата 845 (1993), со намера за постигнување на согласност во врска со разликите опишани со таа резолуција и со Резолуцијата 817 (1993)“.

И данајската (грчката) министерка за надворешни работи, Дора Бакојани, во својот одговор на предлозите содржани во писмото што на 13- ти март на нејзина адреса го испрати македонскиот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, потврдува дека се работи за „двоен проблем“: освен името на државата, предмет на оспорување е и идентитетот на македонскиот народ. Таа потенцира дека Грција направила „значаен чекор напред прифаќајќи во името за сите употреби да се користи терминот „Македонија“, со одредница со која ќе се одреди разликата помеѓу вашата земја и народ и грчка Македонија и нејзиното население“.

Што се однесува на одговорот на предлогот за формирање на заеднички Комитет за образование и историја, треба да се биде толерантен и да и се припише на глупост и непознавање на нештата. Имено, таа тврди дека „историјата не е нешто за што може да се преговара“ (се разбира дека предложениот Комитет не би преговарал), но откривајќи „топла вода“- дека „историјата е наука која ја утврдува историската вистина преку научни методи“, тврди дека „историјата на античкиот свет е веќе напишана и документирана, веќе со векови, преку макотрпни научни истражувања од страна на меѓународно угледни историчари и археолози“, што ќе рече дека е „завршена работа“ и нема што натаму да се истражува, испитува и преиспитува (?!)- значи треба веднаш да се прекине со археолошките ископувања на античките „пластови“ во светот!

Уште еднаш ја потенцирам мојата заложба за разграничување: со посредство на ОН (Метју Нимиц), но и на ЕУ и НАТО единствено да се преговара за компромисно ново име на Македонија, и за внатрешна и за надворешна употреба („двојната формула“ можеме сами да ја „обезбедиме“ со Уставот и никој никому не ќе може да му забрани да ја користи; како што, впрочем, одамна ја практикува јужниот сосед- Хелас и Грција) – а да се прифати (во името на конструктивноста) исклучиво експертски да се разговара за македонските идентитети.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here