fbpx Прескокни до главната содржина Opens in a new tab

Идејата ти е добра. Ама, …

Идејата ти е добра. Ама, ...

„Добра идеја, ама не за нашиов пазар!“

Колку пати сте ја слушнале оваа реченица? Јас доволно пати за да почнам сериозно да се прашувам дали навистина зборуваме за пазар, неговите потреби, стандарди и критериуми или за нешто сосема друго. За воспоставен систем и релации во кои не е секогаш пресудно што знаеш, што нудиш и колку вреди твојата идеја, туку кого познаваш, кому му одговараш и во чиј круг припаѓаш.

Ако добрите идеи во Македонија мора однапред да бидат компатибилни со постојните правила за да добијат шанса, тогаш што всушност бараме? Иновација или уште една копија на она што веќе го имаме? И кој, всушност, ги воспоставува тие правила? Пазарот, потрошувачите, конкуренцијата или луѓето што веќе си обезбедиле удобно место во него?

Пазарни критериуми или критериуми на подобност?

Да не се разбереме погрешно. Да си подобјаснам за да не бидам погрешно разбран. Секоја идеја мора да помине низ проверка на реалноста  – а реалноста се конзументите. Пазарот има потреби, ограничена куповна моќ, конкуренција, очекувања и стандарди. Има и многу друго, но да не ширам. Не е доволно нешто да биде оригинално за да биде и комерцијално успешно. Треба да решава проблем, да создава вредност и да најде некој што е подготвен да плати за тоа.

Но што кога покрај тие легитимни критериуми постои и една сосема поинаква компатибилност? Компатибилност со политичката гарнитура, со влијателните деловни кругови, со пријателските и роднинските врски, со неформалните договори и со оние што веќе ги контролираат можностите. А можностите кај нас се поврзани со – пари. И кога тука почнува разговорот – често нема ниту визија и поглед во иднината, ниту проценка на вредност, туку краткорочна размена, и профит во џеб, како да живееме само денес.

Тогаш прашањето не е дали идејата е добра, туку дали си подобен да ја реализираш. Не е прашање дали твојата понуда е поквалитетна, туку дали некој има интерес да те пушти во игра. Подобен – е комплицирано за објаснување. И нема да го објаснувам.

И токму тука престануваме да зборуваме за слободен пазар, а почнуваме да зборуваме за систем на привилегии.

Кога државниот буџет станува пазар за избраните

Посебна приказна се јавните пари. Државните институции, општините, јавните претпријатија, фондовите, субвенциите и тендерите претставуваат огромен потенцијален пазар за домашните компании. Сите сме свесни – државниот буџет е најголемиот клиент, а во истовреме работодавач. Во нормални околности, тоа би требало да биде простор во кој квалитетните идеи, производи и услуги добиваат шанса да се докажат, а граѓаните добиваат најдобра вредност за парите што ги издвојуваат. Бидејќи – буџетот е на граѓаните. Наш е буџетот, покрај личниот, семејниот, фамилијарниот.

Но што се случува кога во тој простор влегуваат партиските врски, рушветот, договарањето зад затворени врати и мрежите на меѓусебни услуги? Кога одредени деловни кругови го третираат државниот буџет како однапред распределен колач, а новите учесници треба прво да најдат „човек“ за воопшто да бидат сфатени сериозно? Хм, се случуваат сешто. Личен сум сведок на разно разни проекти, случувања. И кога поединците се бореа тоа да не е предуслов за прифатена идеја и реализација, а групите гледаа можност тој модел да е пресуден за себеобезбедување и „раст“ без нималку проценка за штетите во годините што доаѓаа, полека но сигурно го усвоивме како правило. За да денес – кога годините дојдоа – гласно го зборуваме, но речиси и да не посакуваме тоа да го „убиеме“, да не постои.

Прочитај и за ... >>  Стартап револуција? Прво најдете клиент, па менувајте го светот!

Ова не е само прашање на личен впечаток. Според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, објавено во декември 2024 година, во периодот од 2019 до 2023 година само десет компании добиле договори за јавни набавки во вредност од над една милијарда евра. На 50 компании им припаднале дури 36 проценти од вкупната вредност на јавните набавки.

Самата концентрација не е доказ за корупција, ниту значи дека компаниите незаконски ги добиле договорите. Но отвора сериозно прашање за конкуренцијата и пристапот до јавните средства, особено за малите и средни компании. Бидејќи тие 60 компании кои успеале да се изборат за толкав удел во нашиот буџет, речиси и невозможно е да добијат конкурентска борба со идеи, проекти, услуги и производи од малите и средни. Па каде е тука развојот на малите и средните? И уште – штом ги имаме тие 60, зошто не ги „напнеме“ да удрат на извоз па нивниот 95% годишен обрт да го прават надвор, за да донесат поголема вредност тука? Впрочем, и Европската комисија во извештајот за 2025 година констатира ограничена конкуренција во јавните набавки и бара посилни контроли, поголема транспарентност и поефикасна борба против корупцијата.

И тука лежи суштинскиот проблем. Ако можностите се распределуваат според блискоста до центрите на моќ, тогаш не се натпреваруваат идеи, туку конекции. Ако критериумите за учество и натпревар за малите и средните се недостижни, тогаш како да конкурираат и да се борат за раст  и развој? Во ваков амбиент иновацијата не е предност. Таа може да стане непожелен натрапник што го нарушува комодитетот на веќе воспоставените интереси. Па дури може да стане и непожелна ентузијастичка и адреналинска зависност, бидејќи самата иновација доаѓа од напор и посветеност со огромна доза на ентузијазам и амбиција, што на крајот, по неуспешен обид за учество за средства во нашиот буџет, ќе заврши со разочарување.

Не е само до политиката. И ние сме дел од пазарот. Правилата ги создадовме, ги уживаме и штитиме ние.

Би било премногу лесно целата вина да ја префрлиме на политичарите и институциите. Ваквата деловна култура не опстојува без учество, интерес или премолчена согласност и на дел од приватниот сектор. Уште повеќе – мојата убеденост секогаш гласно извикува: ние сме и политичари и институции, и приватен сектор. Ние! Ти, јас, тој, таа, тие, ние, вие. Сите!

Колку компании навистина сакаат нови решенија, а колку претпочитаат да работат со „свои луѓе“, дури и кога постојат подобри понуди? Колку сме подготвени да платиме за знаење, креативност и иновација, а колку за блискост и сигурност дека некој ќе ни заврши работа? И колку често бараме професионалност од другите, додека самите очекуваме привилегии за себе?

Има и друга страна на приказната. Не секоја одбиена идеја е жртва на корупција, ниту секој успешен бизнис е производ на политичка врска. Понекогаш идејата едноставно не е добра, реализацијата е слаба или пазарот не е подготвен. Но како да го разликуваме тоа кога довербата во фер натпреварот е разнишана?

Прочитај и за ... >>  Народна приказна

Најголемата штета од корупцијата не е само во украдените или нерационално потрошените пари. Таа е и во изгубената иницијатива, во обесхрабрениот претприемач, во способниот човек што се откажува и во младите што своите идеи однапред ги насочуваат надвор од Македонија. Па сонуваат во светот на старт-апите дека ќе креираат бизнис идеја во која некој бизнис ангел ќе инвестира, па ќе го развие во реален бизнис модел, ќе ги помине тест фазите на пазарот, за да скапо го продаде на нов сопственик (најчесто странски), за да заработи и профитира.

А потоа се чудиме зошто немаме доволно иновации компатибилни за глобална конкуренција, конкурентни домашни производи на странските увозни, нови претпријатија и компании способни да се натпреваруваат на меѓународниот пазар а на домашниот ги развиваме бидејќи бизнис матрицата тоа го овозможува.

Дали идејата треба да се приспособи или да го промени пазарот?

Верувам дека добрата идеја треба да биде подготвена да се приспособува на реалните потреби, но не и да се покорува на лошите навики. Да ги почитува законите и професионалните стандарди, но да има храброст да ги предизвика застарените практики. Да бара клиенти, а не покровители. Да создава вредност, а не зависност.

Затоа што успешна идеја не мора само да задоволи постојна потреба. Таа може да создаде нова потреба, да воведе нов стандард, да промени однесување, па дури и да создаде пазар што дотогаш воопшто не постоел. И дома, и надвор од Македонија.

Можеби токму тука треба да ја бараме разликата меѓу пазар што се развива и пазар што само ги репродуцира постојните односи. Првиот ги наградува оние што носат подобри решенија. Вториот ги наградува оние што најдобро научиле да се снаоѓаат во воспоставениот систем. А вторава опциија – се покажува, веќе 35 години, дека не само што не е проактивна и продуктивна, и не само што не го задржува секогаш посакуваното статус кво и „пазарна комфорна зона“, туку и го уназадува целосно целиот систем.

И од тука ми е дилемата, дали една идеја е компатибилна со македонскиот пазар. Не заради потребата и проблемите кои ги решава. Многу повеќе заради непредвидливоста во системот во кој се нуди дома, а е создадена и насетирана според глобални трендови, туѓи искуства, прилагодена за домашен потрошувачки менталитет. Но со цел: да одиме напред и растеме. И не сум сеуште уверен после 30 години претприемачко искуство во позитивниот одговорт на прашањето: дали македонскиот пазар е доволно отворен, конкурентен и чесен за да препознае идеја што може да го промени домашниот пазар, доволно стабилно да се развие, за да биде препознаен од странскиот пазар, и да расте глобално, а да живее локално.

Ајде да го поставам прашањето и поинаку: Дали кај нас навистина недостигаат добри идеи или недостигаат фер можности за нивна реализација?

И уште нешто, можеби најнепријатно за сите нас: ако утре имате можност да успеете преку знаење и квалитет или побрзо преку врски и услуги, кој пат ќе го изберете?

Зашто можеби проблемот не е во тоа што пазарот не ги препознава добрите идеи. Можеби проблемот е што предолго сме прифаќале пазар на кој идејата треба да има врски за да добие шанса.

За авторот: Горан Димитровски

Основач и извршен директор на Digital Media Creative Pro, со над 20 години искуство во дигитален маркетинг и визуелни комуникации. Специјализиран е за креирање ефикасни дигитални стратегии, проектен менаџмент и дигитализација на процеси во мали и средни компании.

За повеќе написи од авторот кликни тука.

Важна напомена: Сите права се задржани. Не е дозволено какво било преземање, копирање, објавување или преработка на делови или цели содржини од овој портал без претходно одобрение од авторот, редакцијата и/или издавачот. За секоја повреда на авторските и сродните права, Паноптикум го задржува правото да побара надомест и соодветна правна заштита.

Уредничка напомена: Во подготовката на содржината може да се користи дигитална/AI асистенција како помошна алатка за јазична, структурна, истражувачка или визуелна обработка. Финалниот текст е уреднички прегледан и објавен под одговорност на авторот и/или редакцијата. Главната илустрација на написот може да биде фотографија, авторска/архивска слика или AI-генерирана концептуална илустрација создадена за визуелна поддршка на текстот.