На Балканот ништо ново кога се во прашање платите на македонските граѓани. Тие со нив и натаму се на дното, без некои посериозни знаци дека наскоро ќе се одлепат од него. Затоа што другите држави одат незапирливо напред, а нам допрва треба да ни тргне.
Споредба: најниска плата во Словенија земаат хигиеничарите- 432 евра месечно, а таа е двојно повисока од просечната македонска плата. Словенечкиот просек е 815 евра. Втора на ранг листата е Хрватска, во која просечната плата изнесува 635 евра. Во Србија просечната месечна заработувачка изнесува 329 евра, во Црна Гора 317, во Босна 313, додека во Македонија 220 евра.
Листата ја направи српскиот „Блиц“. Весникот наведува дека Словенците со платите ги претрчале дури и Бугарите, Романците, Чесите и Полјаците. Минималната плата на хигиеничарите што ги чистат улиците во Словенија е повисока од сите просечни плати на Балканот.
Според „Блиц“, просечната месечна заработувачка во Србија е на исто ниво како и во Бразил.
Дали состојбите сепак почнаа да се менуваат? Eppur si muove? Треба да се биде претпазлив, внимателно да се анализираат (и споредуваат) промените што ги обелодени Државниот завод за статистика:
Просечната исплатена месечна нето- плата во месец март по вработен изнесува 14.067 денари (околу 230 евра). Ова во однос на претходниот месец претставува номинално зголемување за 1,0%, а реален пораст од 0,7%, додека во споредба со март 2006-та година просечната нето плата е поголема за 6,1%, а реално за 5,3%.
Најголем пораст на просечната исплатена нето- плата по вработен од 25,2% во март 2007-ма, во однос на претходниот месец, е забележан во одделот Производство на хемикалии и хемиски производи.
Дури 13,0% од вработените во Република Македонија во март 2007-ма година не примиле плата. Ова „дури“ не е потребно, бидејќи воопшто не е изненадувачко. Во блиското минато тој процент беше поголем.
Прашањето е: можно ли е во едно пазарно- бизнисменски ориентирано општество воопшто да не се земе плата за сработеното во месецот? Какви се тие успешни бизнисмени кои „си дозволуваат“ работниците да им работат без пари? Какви се тие работници кои толерираат нивниот газда- стопан да не ги плати за работата? Од страв ли или од незнаење на основните „правила на игра“ во бизнисменскиот свет?