Во последно време се почесто слушам и читам, и тоа од видни мислечки- творечки луѓе- интелектуалци, дека, за разлика од сиот демократки свет, граѓаните на Македонија молчат („упорно молчат“). Како ништо да не ги тангира, како да им е се од арно поарно, како да живеат во идеално општествo, во идеална држава. Како ниеден народ на светот да нема подобра власт.
Мошне загрижувачка, со мошне цврсти и силни аргументи, е констатацијата дека страв им влегол в коски на македонските граѓани, па и на интелектуалците. Од кого? Од власта, се разбира. А таа се покажала, и со секој нов ден се повеќе се докажува како авторитарна, тоталитарна. Некои од опозицијата ја споредуваат со сталинистичката, а некои одат уште подалеку, па посочуваат на „совпаѓања“ со фашистичката.
Ако се согласиме (без приговор или по-говор) дека е се така, би морале најнапред да ја анализираме актуелнава власт, се разбира преку нејзините дејанија односно начинот на владеење, пред се „практицирањето“ на демократијата.
Дали навистина граѓаните на Македонија молчат и зошто?
Судејќи според „самодекларирањето“ на владејачката коалиција, власта (се мисли пред се на извршната власт, конкретно на Владата, иако многу често се приведуваат примери од „владеењето“ и на судската и на законодавната), во никој случај не може да се оквалификува како авторитарна или тоталитарна. Најмалку, пак, како комунистичко- болшевичка, сталинистичка или фашистичка. Напротив, сегашнава власт може единствено да се нарече граѓанско- либерално- социјалдемократска, макар што е тешко прецизно да се дефинира како таква. Како што е исто така тешко да се разложи на „составните елементи“. Во секој случај, нејзе, и како таква- „комбинирана“, според природата на „нештата“ не може да и бидат ниту блиски авторитарноста и/ или тоталитаризмот. Особено не стравовладеењето (со наметнување на страв „од себе си“).
А да не се работи за некаква „модерна“ авторитарност или „авангарден тоталитаризам“? Да не е тоа некое ново, „модерно“ владеење со народот?
Промислете сами, но трудете се секој заклучок да ви биде во „корелација“ со „сенародното молчание“ или (она на што јас ќе инсистирам во продолжение на прилогов) „сенародното замолчување“.
Лично не можам да се согласам со ставот на не мал број промислувачи, па и „обични“ луѓе, дека, и покрај тоа што им е веќе „се одземено“, македонските граѓани и селани молчат наместо да го кренат гласот (против оваа власт), да грмнат, да протестираат. Јас тврдам дека ги замолчуваа(т), и тоа во континуитет, со години наназад.
Тоа е тоа! Да повторам, трдам дека не станува збор за молк, туку за замолчување. Граѓанинот на Македонија, без оглед на која заедница и припаѓа, не молчи. Најмалку молчат интелектуалците, освен оние што молчат „доброволно“, всушност опозиционерски. (Притоа, имајте предвид дека на вистинскиот интелектуалец не му прилега заземање на страна, „застранување“, едностраност.) Напротив, зборуваат, секогаш одговараат кога ќе бидат прашани, без никаков страв. Тоа е уште еден од многуте аргументи дека оваа власт ја практицира демократијата, и тоа на сите нивоа.
Проблемот е на другата, опозиционерската страна: во методите (до детали разработени и мошне успешно применувани- и како опозиција непречено ги применува) на премолчување и замолчување. Притоа, премолчувањето особено успешно, „демократски“ се практицира кога станува збор за скандалите, корупцијата, криминалот во сопствените или „блиските“ редови, а поретко кога ќе биде „нападната“. Тогаш обично не премолчува, туку „возвраќа“, најчесто како „навредена“, што ќе рече навредливо.
Од посебно значење е замолчувањето. Методите за тоа се одамна докажано мошне успешни. Најуспешно замолчување беше референдумското за локалната реогранизација на нашава земја. Некои тврдат дека тоа, всушност, бил врвот на „демократскиот тоталитаризам“ на тогашната- СДСМ-овска власт. Тој, пак, се објаснува вака: „континуирано и градирано (се позасилено и позасилено) убедување, посредно препорачување, па и заплашување со наметнување на „судбинска одговорност на граѓаните“ за тоа што го прават и ќе го направат, се разбира негативно, со негативни последици особено во однос на евро- атлантската перспектива на Република Македонија“.
Ваквото дефиниција на „демократскиот тоталитаризам“ (како нешто ново и оригинално) ми ја издиктира еден мој познајник кој меж убедуваше дека нема разлика помеѓу молкот и замолчувањето. Се разбира дека не успеа да ме убеди оти добро ја знам, детално ја имам проучено суштинската разлика помеѓу нив. Ќе посочам на можеби најсуштинската, а која би требало да ја загрижува (постојано) и оваа и секоја идна власт:
Многу е поопасно „сенародното молчание“ отколку замолчувањето. Кога некого постојано замолчувате, нему во „одреден“ миг ќе му „пукне филмот“ и ќе почне да молчи. Попрецизно речено: народот не е опасен дури го трпи замолчувањето. Опасен е кога почнува да молчи.
Колку што можам да проценам, веќе почнал, иако сеуште мнозинството на граѓани замолчуваат, односно дозволуваат да бидат замолчени. Меѓутоа, не е мал бројот, напротив, од ден на ден станува се поголем, на оние кои премолчуваат. Тие до „сенародното молчание“ се најблиску .