Потребно време за читање: 5 минути

Дали сте „за“ или „против“ нуклеарните централи?- е прашање кое постојано се поставува, се проверува во секоја земја штом ќе се спомне нејзина- нивна (можна) изградба. Одговорите се одамна познати: „за“ се главно енергетичарите кои ги потенцираат позитивните страни, а пред се производството на евтина електрична енергија, а „против“ најчесто еколозоите, но не само тие, поради нуклеарниот отпад кој претставува придружен и постојан проблем, но и од можните хаварии со катастрофални последици. Треба да се има предвид и укажувањето дека нивната изградба е многу скапа.

Се разбира, вистинскиот одговор е некаде на средината, но треба да се има предвид фактот дека сите земји што ги немаат веќе се соочуваат и допрва ќе се соочат со „горештиот“ проблем- недостиг на струја за чиј увоз (токму од „нуклеаризираните“) ќе плаќаат се поголема цена.


Некои потврдени состојби, сознанија, согледби, проценки, оценки…

Во овој момент секој трет киловатчас во Европа се добива од нуклеарни електрани, а се прогнозира дека најмногу за 50 години секој дом на Земјата ќе биде осветлен со сијалица на атомски погон. Се посочува и на податокот дека 16% од вкупната електрична енергија во светот се произведува во нуклеарки. Уште една, за некои можеби и запрепастувачка но релана проценка: во наредните 4 години, се до 2050- тата, во светот годишно ќе се градат во просек 32 атомски централи! Или вкупно, до таа година ќе има 1.280 нови кои, заедно со постојните 439 ја даваат бројката од 1.700. Моментно во светот се градат 30.

Нуклеарките се враќаат во светската енергетика на голема врата, а расположението што го зафати светот по хаваријата во украинскиот Чернобил и американската нуклеарка Остров од три милји (што се случи во 1979- та година) сега е сосема спротивно. Поборниците укажуваат на фактот дека атомите се единствениот излез од енергетскиот недостиг, цените на нафтата (вртоглав скок, па забрзан, дури неверојатен пад, моментна стабилизација, но и знаци или најави за повторно зголемување) и загадувањето што го прават другите извори на енергија.

Прочитај и за ... >>  Слобода на медиумите и слобода на новинарството

Спомнатите постојни 439 нуклеарни реактори се „распоредени“ во 30 држави- САД 104, Франција 59, Јапонија 55, Русија 31. Уште 32 се градат во 12 држави, а од нив во Бугарија и Украина по 2. Италија, Шпанија, Полска, Австралија, Аргентина и Турција размислуваат за укинување на ембаргото за изградба. Америка по 30 години гради нов реактор, додека Словачка, Романија, Бугарија, Тајланд, Малезија, Индонезија, Унгарија, Јапонија, Кина, Русија и Индија планираат или се пред почеток на градба (Бугарија веќе го гради „Белене“). Германија и Белгија го преиспитуваат своето „тврдо не“, односно обврската до 2020- та година да ги демонтираат своите постојни атомски централи.

Постојат главно 3 предности на нуклеарната енергија: таа е најевтина, предизвикува најмалку еколошки проблеми и има најмногу суровини.

Една дилема: има ли доволно уран за сите?

Во однос на светските резерви го има доволно. Се смета дека оние што е лесно да се експлоатираат се „на располагање“ во наредните 55 години. Се работи за резерви на класата А, детално испитани, а ако се вклучат и „можните“ резерви, ќе го има доволно за наредните 200 години.

Во однос на ефикасното искористување, брзите реактори, тн. бридери искористуваат 60% (испробани се во Франција и Русија), а САД моментно развиваат уште поефикасни- со искористување на дури 75% од енергијата на уранот. Стручњаците пресметаа дека до ваква ефикасност рудите на уран, кои се сега расположливи во светот, би биле доволни за наредните 8.000 години! Постои проблем кој веројатно наскоро ќе биде решен: овие реактори користат плутониум, па затоа се се уште под ембарго поради големата токсичност на овој метал што се издвојува од веќе искористеното гориво во нуклеарките.

Мошне важни се периодот на изградбата и цената. Според некои проценки, таа трае од 5 до 10 години. Податоци на Меѓународната агенција за енергетика (IAEA): 1 киловатчас од нуклеарка чини 1,72 евроценти, од електрана на јаглен 2,21 цент и на гас 7,51 цент. За изградба на нуклеарка од 1 мегават, пак, се неопходни 2 милиона долара- за блок од 1.000 мегавати 2 милијарди. За споредба, за термоелектрана од 1 мегават се потребни 1,5 милиони и за мегават гасна електрана сенасе 800.000 долари.

Прочитај и за ... >>  Нова гасна криза во Европа?

IAEA ги повика владите на сите земји на светот да ја забрзаат и прошират изградбата на нуклеарни централи. Тоа е прв апел од овој вид во историјата на меѓународната организација долга повеќе од 3 децении. Исто така, Комисијата на ЕУ во еден извештај предложи ЕУ во иднина да се ориентира на атомски централи, не само затоа што тие „најмалку ја загадуваат околината“, туку и оти овозможуваат независност од испораката на гас од Русија и нафта од Блискиот Исток. Целта на ЕУ е до 2020- та година да троши 20% енергија од нуклеарни извори, што претставува пораст од околу 5%.

Најнова вест: Хрватска и Албанија заеднички ќе градат нуклеарна централа. Ваков договор паднал на средбата минатиот месец помеѓу премиерите Санадер и Бериша. Ќе се гради во Албанија, а деталите за инвестицијата и капацитетот дополнително ќе се договараат. Отворена понуда за учество им е упатена на Црна Гора и Босна и Херцеговина, а од хрватското Министерство за економија порачаа дека и Македонија може да се вклучи доколку сака.

Познати се „шансите“ за градба. Имено, обезбедувањето на кредити не е многу тешко, а 95% од опремата се обезбедува со увоз од земји кои повторно ја вработуваат својата нуклеарна индустрија. Отплатата се врши според системот 82% од извозот од производството на нуклеарката да оди во странство, на оној што ќе го избере финансиерот, а 18% му остануваат на домаќинот на нуклеарката. Така во следните 20 години. Нејзиниот работен век е 30 години, а демонтажата подразбира најопасниот- радиоактивниот отпад да остане во земјата „домаќин“. Поконкретно, искористените горивни шипки, кога ќе се потрошат, мораат да му се вратат на оној што ги продал, за од нив да ги извлече потребните изотопи за атомско оружје, а потоа „домаќинот“ би морал да ги прими назад и да ги складира во својата земја.

Прочитај и за ... >>  Зајак плаши мечка

Од не помала важност е управувањето со нуклеарката, односно потребните кадри. За една е потребна екипа од 300 до 400 луѓе, а за создавање на таков тим од 10 до 15 години.

Дилемата на Владата на Македонија е: изградба на нуклеарна централа или учество во проекти во соседството, конкретно во изградбата на „Белене“ во Бугарија.

Експертите сугерираат дека во ситуација кога целиот регион се соочува со недостиг на струја атомските централи може да претставуваат пресвртница во енергетската стратегија и за земјите во опкружувањето.

Денеска во интервју за „Дневник“ академикот Глигор Каневче изјави дека Република Македонија наскоро би требала да почне со изградба на нуклеарна централа за да може да профункционира во 2025- та година. Таа е предвидена во Националната енергетска стратегија изработена од Македонската академија за науки и уметности. Според него, локацијата најверојатно би била во Мариово, затоа што тој терен е многу поволен и од сеизмички и од аспект на населеност. Појаснува дека нуклеарката би била спас, со оглед на високата цена која што треба да се плати за испуштање на стакленичките гасови од централите на јаглен.Образложува

„Значи, овие планови многу ќе зависат од сценаријата во светот и Европа за намалување на стакленичките гасови според протоколот од Кјото. Ние сигурно дотогаш ќе бидеме во ЕУ и ќе мора да ги исполниме обврските. Со оглед на тоа дека периодот за изградба на нуклеарните централи е многу долг, преку 15 години од првичните акции, за да може македонската нуклеарка по 2025– та година да работи мораме да започнеме со активностите сега“.

Според Националната енергетска стратегија на МАНУ, се предвидува до 2020– та година на Македонија да и бидат потребни речиси 3 милијарди евра инвестиции во енергетскиот систем.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here