Отчетот како институционална сцена
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, го претстави двегодишниот отчет за работата на законодавниот дом во периодот од мај 2024. до мај 2026. година. Во официјалната собраниска рамка извештајот е поставен како документ за отчетност, транспарентност и институционално приближување до граѓаните, а во јавниот простор веднаш доби две читања: едното бројчано, другото политичко. На страницата со извештаи за работата на претседателот на Собранието е наведен и извештајот за Гаши за периодот мај 2024 – мај 2026, а Собранието на својата почетна страница го најави и обраќањето под мотото „Собранието – дом за сите“.
Бројките, барем на прв поглед, му одат во прилог на претседателот на Собранието: во двегодишниот период биле одржани 196 пленарни седници и усвоени 710 акти. Според медиумските извештаи, Гаши тоа го споредил со претходниот парламентарен состав, кој за четири години одржал 618 седници и усвоил 984 акти, па заклучил дека помал број седници не мора да значи помалку работа, туку поконсолидирана агенда и поголема процедурална ефикасност.
Ефикасноста не е само аритметика
Тука почнува вистинското прашање. Собранието не е фабрика за акти, па бројот на усвоени документи не може сам по себе да биде конечна мерка за политичка вредност. Добро е кога седниците не се влечат бесконечно, кога дневниот ред не се претвора во процедурален лавиринт и кога институцијата не троши време само за да покаже дека постои. Сепак, парламентарната демократија не се мери само со тоа колку брзо се крева рака, туку и со тоа колку јавно се слуша аргументот, колку простор има опозицијата, колку темелно се расправа за законите и колку граѓани можат да разберат што навистина се случува во нивно име.
Затоа оваа бројчана ефикасност треба да се чита внимателно. Ако има помалку седници и повеќе акти, тоа може да значи подобра организација. Може да значи и погуст ритам, во кој расправата се стеснува, а политичката суштина се заменува со административен резултат. Во земја во која довербата во Собранието долго се обновува тешко, секој отчет мора да биде повеќе од презентација. Тој треба да биде јавен тест на институцијата: што е направено, како е направено и кому тоа му служи.
Токму тука вреди да се поврзе оваа тема со претходната анализа на Паноптикум за ниската доверба на граѓаните во Собранието. Таму проблемот не беше само во оценката, туку во чувството дека законодавниот дом често изгледа подалечен од граѓанинот отколку што дозволува самата идеја на парламентаризмот. А кога институцијата мора да докажува дека е „дом за сите“, тоа значи дека дел од јавноста сè уште не се чувствува како дома во неа.
Јазикот како ред, не како украс
Osven бројките, вниманието го привлече и јазичниот редослед во публикацијата. Vо извештајната публикација прв e албанскиот, а потоа македонскиот јазик, правејќи паралела со практиката од времето на претходниот претседател на Собранието, Талат Џафери. Медиумот наведува и дека на презентацијата не присуствувал ниту еден опозициски пратеник, иако Гаши рекол дека сите биле поканети.
Ова прашање не треба да се сведува на евтина јазична нервоза. Во Македонија јазикот е и правна норма, и идентитетска меморија и институционален ред. Македонскиот јазик и неговото кирилско писмо се основата на службената комуникација на државата, а употребата на другите јазици е дел од уставниот и законскиот модел на мултиетничка држава. Затоа редоследот во државна публикација не е типографска ситница. Тој испраќа порака за тоа како институцијата го разбира сопствениот протокол, сопствената симболика и сопствената обврска кон сите граѓани.
Ако сака да биде „дом за сите“, Собранието мора да биде внимателно и кон мнозинската јазична норма и кон правата на заедниците. Едното не смее да се користи за понижување на другото. Но ниту инклузивноста смее да изгледа како институционална демонстрација во која македонскиот јазик се преместува од основа во превод. Токму затоа оваа тема природно се врзува со паноптикумската линија за македонскиот јазик како културна и државна основа.
Отсуството на опозицијата е порака сама по себе
Фактот дека на презентацијата, според медиумските објави, не присуствувале опозициски пратеници, ја прави сцената уште појасна. Отчетот е институционален чин, но политиката секогаш чита и кој е во салата, и кој не е. Ако власта сака отчетот да биде потврда за отвореност, тогаш опозицијата има должност да биде присутна и критична. Ако опозицијата избира отсуство, тогаш таа треба јасно да објасни дали тоа е политички став, протест или само продолжение на вообичаената партиска дистанца.
Во нормален парламент отчетот не е свечена самопромоција, туку момент во кој институцијата се изложува на прашања. Затоа и Гаши не може да се задоволи само со бројки, а опозицијата не може да се задоволи само со празно столче. Јавноста има право и на отчет и на судир на аргументи. Без тоа, Собранието станува сцена на паралелни монолози: власта зборува за ефикасност, опозицијата за игнорирање, а граѓаните повторно остануваат надвор од разговорот.
Овој проблем не е нов. Паноптикум веќе пишуваше дека политичката култура почнува таму каде што партиската логика престанува да ја голта институцијата. Собранието е токму тој тест: дали партиите го користат како демократски простор или како продолжена рака на својата дневна стратегија.
Што останува по отчетот
По секој отчет останува едно едноставно прашање: дали институцијата станала посилна или само подобро ја раскажала својата приказна? Гаши има бројки со кои може да настапи. Има и политички слоган што лесно се памети. Но Собранието нема да стане „дом за сите“ со мото, туку со пракса што ќе ја почувствуваат и власта, и опозицијата, и граѓаните што не седат во салата, но ги плаќаат последиците од секој закон.
Затоа вистинската мера на овој двегодишен отчет нема да биде само во 196 седници и 710 акти. Ќе биде во тоа дали следниот период ќе донесе повеќе суштинска расправа, поголема транспарентност, почит кон македонскиот јазик како државна основа, внимателна примена на јазичните права и помалку партиска театралност. Ефикасноста е важна. Но довербата, еднаш изгубена, не се враќа со табела.









