Сѐ почесто слушаме дека партиите и од позицијата и од опозицијата користат „непотврдени информации“ за дневно-политички цели. Не само тие, туку и државни органи и тела, организации и институции, за такви цели користат шпекулации директно или индиректно поврзани со состојби, судски случаи и скандали.
Лично очекувам во следната прилика на оној што ќе се „повика“ на дневно-политички цели да му се упати новинарско прашање:
На какви цели конкретно мислиш?
Во меѓувреме да се обидам не да одговорам, туку само да потсетам на некои ноторни, општи нешта од политичкиот вокабулар.
Нешто што се употребува или користи за дневно-политички цели обично се смета за такво затоа што е ефемерно, маргинално, безначајно, а пред се неаргументирано, лажно. Меѓутоа, и краткотрајно ефективно и ефикасно.
Од друга страна, дневно-политичка цел е сосема легитимна и валидна во рамките на една предизборна кампања, исто како месечната и повеќемесечната, односно крајната политичка цел. Впрочем, според логичкиот „обратен ред“, крајната цел се состои од повеќе или многу дневно-политички.
Во што е проблемот? Дали се обезвреднува нешто ако се прогласи како средство за дневно-политичка цел?
Очевидно, она што се прогласува за „такво“ е прилично, па дури премногу проблематично. Тешко може да се одбегне, да се негира, да се депроблематизира. Особено аргументирано.
Најпроблематично отсекогаш е прашувањето или поставувањето прашања на кои не само што се инсистира, туку прашаниот би морал да одговори ако е вистината на негова страна. Меѓу другото, или пред сѐ поради сопствениот рејтинг. Тој, пак, никако не може да се третира како дневно-политичка цел.
Паметам една ступидна, но мошне „илустративна“ констатација на „фабрички“ новинар чиј „стопан“ е СДСМ:
„ВМРО-ДПМНЕ продолжува да прашува“.
Па нормално кога има за прашување! Нормално е и тоа да биде во функција на избори односно како дел од предизборна кампања. Оценката дали е ефикасно е сосема друг проблем, најнапред како „употребна вредност“ за оној што ја користи.
Не е нормално нешто друго:
Во ситуација кога рејтингот е мошне важен, а во најмала рака непријатен, поточно во надолна линија со секој нов ден, игнорирањето, па и ароганцијата на прашаниот воопшто не одат во негов прилог. Напротив, тоа е неприфатливо, недозволиво однесување ако се посакува остварување на поставена конечна цел: победа на избори.
Третирањето на прашувањето (не на прашањето) како средство за дневно-политичка цел не е ништо друго, освен бркање на мувата од сопствената капа (или глава). Со други зборови, несериозно и политички незрело. Исто како кога на поставено прашање се одговара со контрапрашање, иако прашаниот по функција е должен да одговори, а не да прашува.
Што беше тоа отчет воопшто, особено тековен? Не е ли одговор на поставени и претпоставени прашања, па и за дневно-политичка цел?