Прашање на лична проценка и стручна односно експертска оценка: вчера е многу помалку денес отколку денес вчера, а денес е помалку утре отколку утре денес.
Кога станува збор за задоволувачки (просечен, стандарден) или висок степен на развој, континуитетот има поголема вредност (вчера во денес), но и перспективата (особено блиската иднина) е поприсутна, поблиска и поочигледна (утре во денес). Обратна е ситуацијата при незадоволително (потпросечно) или ниско развојно ниво.
Особено како товар кој е најдобро што побрзо да се остави, да се отфрли, да се третира вчера. Оти е тоа најголемиот виновник за сѐ како што е. Тоа е најодговорно за состојбата статус кво.
Постои една група (не)одговорни луѓе, најчесто на „друг колосек“ од оној за што учеле и се остручиле, кои токму денес за утре ја покажуваат својата некомпетентност и волунтаризам. Taa постојано се зголемува колку што се остава, се „заборава“ минатото како товар, како деструктивна сила. Интересна појава која бара продлабочена анализа односно промисла.
Меѓутоа, и со површна се доаѓа до ист поразителен заклучок: дека таа група на луѓе всушност не гледа свое место во утре, се плаши од него, та затоа работи против него. Во корист не на сопствената, туку на заедничката-општата-колективната штета. Припадниците на таа група сами се нарекуваат политичари, а другите (многу посоодветно) ги нарекуваат политиканти.
Политичарите немаат право на вчера. Ниту на нашето, ниту на чие било друго. Тие имаат обврска пред денес и одговорност пред утре. Кој ова не го разбрал и научил, поарно веднаш да крене раце од политиката. Кој ова досега не го прифатил како основен критериум за лична определба, подобро никому да не му го дава својот глас на доверба. За да не се унижува себеси и да не поразува други.
Политикантите имаат право (само) на денес затоа што е неможно докрај да се „обесправат“, та да исчезнат меѓу редовите. А мнозина од нас и не би можеле без нив. Ако не за друго, барем за мајтапење (во „слободно“ време). Имаат право само на свое денес, на ничие друго. Тие немаат никаква обврска пред утре, а исто така и одговорност пред вчера. Кој ова не го разбрал и научил, подобро веднаш да крене раце од нив, да ги остави да си го живуркаат животецот и светот во кој пливаат (преполн со матни води, жабјаци и мочуришта). На оној што досега не научил да ги препознава не му преостанува ништо друго освен и натаму да полтронисува, да коленичи и да малограѓани пред нив. Оти одамна го изгубил сопственото достоинство.
Зошто претходниве редови, нафрлоциве на тема „Денес и утре“? Ми дојдоа онака, без врска, помислувајќи на…
На ништожниците кои се подготвени и минатото на својот народ да му го прекројат оти тој, конечно, дефинитивно тесно им ја скроил облеката во која се покажуваат пред светот. По последна мода!